Готвачи од Перу, Чиле, Мароко, Турција, Германија и Кина ќе готват во Скопје

0
3098

Светски познати готвачи со искуство во ресторани со и без Мишелин ѕвезди од Перу, Чиле, Германија, Мароко, Турција и Кина ќе подготвуваат специјалитети од шест интернационални кујни со локални, односно, македонски намирници во рамки на фестивалот „Иновативно кулинарско искуство 2017“, што ќе се одржи од 2 до 8 октомври во Скопје.

Иницијативата е на шефот Марк де Јонг кој се запознал со овие готвачи на различни натпревари на кои учествувал низ светот и се воодушевени од можноста да дојдат и конечно да видат каде е таа Македонија од која потекнува нивниот колега Марк.

„Macedoine de fruits (мешавина од овошје) и Macedoine de legomes (мешавина од зеленчук) се изрази кои се користат во кулинарството па моите колеги кога ја спомнувам Македонија често се мешаат со нив, што и не е толку далеку од вистината затоа што и Македонија, освен што е држава на Македонците, е и еден вид на мешавина од различни луѓе и култури па тие едвај чекаат да дојдат и да видат каде е. Искрено, најчесто мислат дека е во Грција па морам да објаснувам дека Македонија е мала земја, но земја со интегритет и своја култура и историја. Освен Турчинот кој веќе бил во Македонија и на кој се разбира, таа му е позната, останатите не знаат ништо за неа“, вели Марк.

Стефан Пјер е Белгијанец кој живее во Мароко, кадешто држи ресторан во кој готви ориентални јадења на модерен начин, а со Марк се знаат од Белгија. Од Перу доаѓа Цезар Гонзалес Маско кој во својата земја работи во хотел што се наоѓа на 3.000 метри надморска височина, Родриго Дурин Серда доаѓа од Чиле, Ралф Б.Менегини од Германија,

Ердем Дирбали од Турција, а од Кина се уште се чека на името на готвачот кој ќе дојде на фестивалот.

Инаку, целта на овој фестивал за кој Марк планира да стане традиционален, е едукација и развој на туризмот во Македонија преку конзумирање на деликатеси од светската кујна подготвени во Македонија.

„Тоа се различни кујни што во Македонија тешко се наоѓаат. Сакам да ги донесам овде за сите шефови од хотелите, рестораните и кујните да можат да учат од мастер клас и да можат тоа го споделат таму кадешто работат. Тоа ќе го дигне нивото на кујната во Македонија“, изјави Марк.

Посочи дека фестивалот е инклузивен и дека секој ден секој мастер шеф ќе има своја екипа составена од млади готвачи, но и обични луѓе кои се интересираат за кулинарството и сакаат да видат и да учат од големите мајстори.

„На 16 септември ќе организираме натпревар со млади готвачи, за да се селектираат најдобрите млади готвачи кои ќе бидат дел од фестивалот. Ќе имаме мастер шефови, шефови и млади готвачи, за кои ова ќе биде големо искуство“, вели Марк.

Во рамките на фестиваот ќе бидат организирани пет работни дена со мастер класови и исто така, посети на ресторани и хотели низ Македонија.

Пријавувањето за обуките и за посетата на објекти е веќе започнато, а фестивалот има хуманитарен карактер и собраните средства ќе бидат наменети за отворање на Академија за готвење, односно отворен простор каде членовите од професионалната организација на готвачи ММЦЦ и странски готвачи ќе споделуваат знаење со сите заинтересирани посетители.