Хроно рецепти од нутриционистката Александра Пренџова

Ќофтиња од леќа со тиквички, мафини од хељда со спанаќ и браунис без брашно, шеќер и млеко, се трите хроно рецепти што ги предлага нутриционистката од Центарот за внатрешни болести „Срце“.

0
1098

Таа е дипломиран нутриционист и работи во Центарот за внатрешни болести „СРЦЕ“, кои се единствени во Македонија со франшиза за примена на хроно исхраната. Во СРЦЕ е од самиот почеток на ХРОНО исхраната во Македонија, пред 4 години.

Оттогаш и самата го практикува овој начин на исхрана, а им го препорачува и на другите. Иако е бремена, продолжува со овој начин на исхрана за кој вели дека, не само што е сосема безбедно да се продолжи и во текот на бременоста, туку дека е идеален за трудници.

Со една мала измена: кај трудниците има простор да се воведе уште една ужинка плус, од предвидената една.

Еве ги нејзините предлози за вас

Мафини од хељда со спанаќ

Две јајца се матат со миксер, се додава една шолја за млеко кефир, една третина шолја маслиново или сончогледово ладно цедено масло.

Посебно се мешаат 1 шолја интегрално хељдино брашно, една шолја мелени семиња од сончоглед, тиква, сусам и лен, 1 прашок за пециво и малку сол. Се се меша за да се добие хомогена смеса и на крај се додава парче сирење и сечкани листови спанаќ или блитва.

Смесата се става во модлици за мафини претходно премачкани со путер. Се печат 25 минути на 200 степени.

Ќофтиња од леќа со тиквички

Леќата потопете ја да стои во вода  од вечер околу 6 часа, а потоа смелете ја во блендер, додадете рендана тиквица и зачини (копар, магдонос, бибер, мајчина душица). Смесата обликувајте ја во ќофтиња. Наредете ги во тепсија, врз хартија за печење. Печете ги 20 минути на 200 степени.

Браунис без брашно, шеќер и млеко

Потребни ви се само три состојки:

250г квалитетно темно чоколадо (75% какао)

5 јајца

1 прашок за пециво

Приготвување:

Прво се матат јајцата со миксер додека се добие пенеста структура, па се додава пецивото и полека се меша со лажичка. Потоа се додава претходно стопеното чоколадо и се додава полека мешајќи со лажицата.

Смесата се става во тепсија обложена со хартија и се пече на 180 степени 30 минути. Се остава да излади околу 30 минути и десертот е спремен за јадење.