Игор Стојановиќ: Бармен со искуство и со стил

Иако е бармен, сомелиер и бариста, три одлични професии споени во една личност, „слаба точка“, односно омилена професија му е правењето коктели.

0
1144

Нашиот соговорник Игор Стојановиќ, веќе 15 години работи како бармен. Завршил курс за коктел-мајстор во интернационално коктел школо со франшиза од Шведска. Во меѓувреме извесен период престојувал во Италија кадешто завршил и за бариста, па една од работите со кои може да се пофали е и правењето перфектно кафе. А бидејќи завршил и за сомелиер во школо за сомелиери во Белград, со франшиза на Сомелиер асоцијацијата на САД, слободно може да се каже дека е совршен човек кому слободно можете да му се обратите ако имате дилеми околу изборот на пијалок.

Иако е бармен, сомелиер и бариста, три одлични професии споени во една личност, „слаба точка“, односно омилена професија му е правењето коктели. Е тука е целосно посветен и како што се вели: свој на своето.

Иако на почетокот од нашиот разговор во мексиканскиот ресторан „Амигос“ во Скопје, кадешто, се разбира, е задолжен за барот, се пожали на главоболка, многу брзо откако го замолив да ми подготви еден коктел, заборави на неа и почна да ја прави својата магија. Малку од ова, малку од она, со совршено прецизни движења и без ниту секунда да се замисли што наредно треба да стави, го подготви првиот коктел – негов изум. Станува збор за коктел кој го смислил кога првпат добиле манго сируп. Коктелот содржи вотка, сок од мандарина, манго сируп, сок од лимета и сок од црна рибизла. Во него имаше доста алкохол (во тоа ќе се уверите откако ќе го испиете),  но сепак имате чувство дека е лесен. По овој следуваше уште еден, па уште еден…се разбира, сите различни…

„Кога го завршив курсот за коктел-мајстор, не почнав веднаш да се занимавам со оваа работа. Тоа се случи нешто подоцна. Почнав еден ден да работам во едно кафуле, кадешто имаше услови за работа со коктели. Пред 15 години, кога почнував, ќе признаете, оваа професија не беше ниту многу позната, ниту пак кај нас имаше многу професионални бармени. Сега е веќе поинаку, оние кои се занимаваат со правење коктели не само во светот, туку и кај нас, сериозно се занимаваат со својата професија, истражуваат, експериментираат, одат на натпревари и се е на едно повисоко ниво. Тука, во „Амигос“, кадешто работам веќе неколку години, правиме во просек по 80-90 коктели дневно и можам да кажам дека сме едни од посериозните играчи во градот кога станува збор за коктел културата“, вели Игор.

Тој вели дека за да биде некој добар коктел мајстор мора да пробува се што мисли дека би било добро, да не се плаши да експериментира со нови состојки и непознати намирници, да создава нови комбинации.

„Тука многу значи да имаш добри критичари, да се едуцираш, да ги следиш  трендовите, но најважно од се, да ги следиш желбите на гостинот, дури и ако не се тренд. Ако пред 10 години немало критериуми, денеска имаме и не поминува било што. Условите се една од најбитните работи во оваа професија, а тука ги имаме сите услови: работиме со премиум пијалоци и само такви артикли, вило да станува збор за сокови, алкохоли, ликери, сирупи, бидејќи тоа многу придонесува за квалитетен коктел“, објаснува Игор.

Нему лично, омилен коктел му е Маи таи, но онаков каков што го прави тој. Станува збор за коктел со 7-годишен кубански рум со сируп од бадем, ликер од кора од портокал и сок од лимета.

Игор не мирува ниту кога е дома, секоја пригода ја користи да замеша, да испроба нешто ново. Оние блиските, кои му се чести гости, се секогаш први дегустатори и критичари на неговите коктели.

Кога ќе го прашате дали од коктели боли глава и дали постојат „машки и женски“ коктели, тој вели:

„Јас им давам предност на коктелите кои содржат доста цитруси, односно, витамин Ц, бидејќи природните сокови се природни катализатори на алкохолот, а кога коктелите се прават со премиум пијалоци, како што правиме ние тука, тогаш не може да ви биде лошо. Секако, не смее да се претерува со ништо, па ни со ваквите коктели. Што се однесува до коктелите за мажи и за жени, тоа се стереотипи. Не постои такво нешто, само се менуваат вкусовите и трендовите, но генерално, и за мажи и за жени. На пример, ако пред три години сѐ живо пиеше Космполитен, сега се пие Лонг Ајленд, а 80 отсто од коктелите што ги спремам навечер се маргарити“.

Омилен филм на Игор му е, се разбира, филмот „Коктел“ со Том Круз.

„Никогаш не планирав да бидам коктел мајстор, но еве, тоа е се уште мојата професија. Не учествувам по натпревари освен како судија, а натпреварите им ги оставам на помладите“, вели Игор кој со своето долгогодишно искуство како бармен е токму она што понекогаш му треба на секој гостин – муабет!

„Ми се случува некој гостин да остане цела вечер и да муабети со мене ако баш немам голема гужва, но најчесто ваквите гости се странци па некои од нив ден денес ми се пријатели, луѓе кои доаѓале и секогаш повторно се враќаат тука, а „Амигос“ е дел од нивната агенда“, раскажува Игор.

На крајот, разговорот го завршуваме со „Брамбл“, комбинација на џин, обично со црна рибизла, но кај Игор е повторно малку поразлично па наместо наместо црна рибизла тој стави капина и јагода, џин и цеден лимон.

Иако се случува во „Амигос“ да угостат друштва кои понекогаш знаат за една вечер да испијат и 50-60 коктели, тој не препорачува повеќе од 4-5 по човек, освен ако немате некоја навистина добра причина да прославите .