Како до 1 тегла ѓубре?

Вчера во рамките на двете предавања на тема: Како до една тегла ѓубре годишно, Французинката Беа Џонсон која ја сметаат за вистинско гуру за нула отпад, во Скопје, зборуваше за минималистичкиот живот на своето семејство и ги сподели со скопјани своите идеи за поедноставен живот и средена кујна без отпад

0
298

Објаснувајќи „Како до нула отпад“, Французинката Беа Џонсон која ја сметаат за вистинско гуру за нула отпад, во своите предавања во „Американ колеџ“ и во „Јавна соба“ во Скопје, зборуваше за минималистичкиот живот на своето семејство и меѓудругото, рече: за почеток, кажете им НЕ на бесплатните каталози и на пластичните кеси.

Беа Џонсон живее со своето семејство, сопругот Скот, двете деца и кучето во Калифорнија и во текот на изминатите девет години, тие успеваат да произведат само една тегла ѓубре годишно!

Таа советува да се исфрлат хартиените салфети и да се вратат во употреба старите добри памучни крпи кои секогаш можат да се исперат. Беа Џонсон покажа како таа им ја пакува на своите синови ужината за на училиште, токму во таква памучна крпа која е одлична алтернатива за хартиените салфети.

Нејзиниот фрижидер изгледа како аптека и во него е се изложено па не може да ви се случи да не знаете што се имате внатре. На тој начин, никогаш нема да ви се случи да заборавите некоја тегличка со омилениот сос која потоа ќе морате да ја фрлите.

Беа Џонсон се чува во стаклени тегли. Кога ја ставате храната во пластика, вели таа, пластиката испушта отровни материи во храната која потоа ја внесувате во организмот вие и вашите деца. Наместо тоа, одберете тегли и стаклени шишиња кои можат да се реупотребуваат многу пати а на крајот да се рециклираат, без опасност од контаминација на храната. Се разбира, треба да заборавите на пластичните шишиња.

Префрлете се на платнени вреќички па наместо во амбалажа, купувајте храна на мерење, а со себе секогаш носете платнена торба.

И на крајот, најважен чекор од се е компостирањето затоа што речиси 80% од се што фрламе може да се компостира. Направете свој компост и почнете од нула – кон нула!

И не се грижете, порачува Беа Џонсон, на овој начин нема да замре економијата, напротив, ќе започне една нова ера и ќе се отворат многу нови можности за живот во стилот – Нула отпад.