Како да подготвите златно млеко од куркума?

0
704

Постојат многу начини да ја консумирате куркумата, но ова е еден од највкусните. Златното млеко е многу вкусен, сладок, топол и се разбира, здрав напиток. Се подготвува на следниов начин:

Прво треба да подготвите паста од куркума.

Се зема еден дел куркума и 2 дела вода (на пример 1/4 чаша куркума и 1/2 чаша вода), се вари на тивок оган во времетраење од 8 минути, додека да се добие паста. Постојано мешајте за да не загори и ако е потребно додадете вода.

Откако ќе ја сварите пастата можете да додадете црн пипер, бидејќи тој ја зголемува апсорпцијата и биодостапноста на куркумата во организмот. На 1/4 чаша куркума можете да додадете 1/2-2/3 од кафено лажиче црн пипер. Откако ќе се излади пастата од куркума ставете ја во тегла, добро затворена и можете да ја чувате во фрижидер 14-18 дена.

За да подготвите златно млеко земете 1 лажиче од пастата кое ќе го сварите во млеко. Оригиналниот рецепт содржи кравјо млеко, но секако можете да го замените и со кокосово или со бадемово млеко, во зависност од вкусот.

Кога малку ќе се подизлади млекото, додадете во него една лажица ладно цедено масло (на пример маслиново, бадемово, кокосово масло,…) Млекото можете да го заблажите со мед и да додадете цимет и ѓумбир, така уште повеќе ќе го засилите неговото дејство.