Карамелизирана тиква со песто од лешници

При печењето, низ вашата кујна ќе се рашират фантастични мириси, додека пестото ќе ѝ даде на тиквата некои сосема нови, слаткасто-солени вкусови.

0
726

Од солените деликатеси со лешници, тука е неодоливата тиква со песто.

Вашата омилена портокалова тиква ќе биде одличен прилог каков што сигурно се уште не сте пробале.

Едноставна е за подготовка, а зачинета со песто од рикота, лешници и жалфија, оваа тиква ќе биде одличен прилог за различни месни јадења. Можете да ја послужите и сама за себе како дел од предјадењето или пак да се насечка на помали парчиња и да се додаде во салатата со прелив од песто.

Состојки:

7 лажици маслиново масло

1 чешне лук

3 лажици мелени лешници

3 лажици рикота (или урда)

1 тиква

1 лажичка шеќер

1 лажичка сол

Неколку ливчиња жалфија

Прстофат црвен пипер

Приготвување:

  1. Тиквата излупете ја и исчистете ја од семки.
  2. Пресечете ја на пола такашто ќе добиете парчиња во облик на полумесеци.
  3. Премачкајте ги со маслиново масло, додадете сол, шеќер и црвен пипер.
  4. Печете во рерна на 200 степени околу 10 до 15 минути додека не се карамелизира.
  5. Свртете ги парчињата тиква да се испечат и од другата страна.
  6. Додека тиквата се пече загрејте 3 лажици маслиново масло, додадете жалфија и испасиран лук и варете се додека на маслото не почнат да се појавуваат меурчиња.
  7. Тргнете од огнот.
  8. Кога оваа мешавина ќе се олади, ставете ја во блендер па додадете ги лешниците и  измешајте.
  9. Додадете ја и рикотата и повторно добро измешајте.
  10. Кога тиквата ќе омекне, извадете ја од рерна и премачкајте ја со подготвеното песто.