Лабораторија за вкусови во рамки на конференцијата „Биодиверзитет на млеко“

Марјан Костадиновски, сомелиер и новинар за пиво, Николче Николовски, претседател на националниот одбор на здружението Слоу Фуд Македонија и шеф Дејан Карапеев, го направија историското спојување на занаетчиски пива со нашите традиционални македонски сирења, а козјите сирења спарени со елегантни македонски вина, ни ги претставија Слободен Чокревски, консултант за храна и вино и шеф Бобан Симоновски.

0
317

Во рамки на денешната конференција „Биодиверзитет на млеко“ во хотел „Порта“, а во организација на Слоу фуд Македонија, беше организирана и Лабораторија за вкусови со две дегустации.

Првата насловена како „Традицијата и трендот во пар“ беше посветена на една необична комбинација која ги спои занаетчиското (крафт) пиво и домашното сирење. Во оваа комбинација на крафт пивата со нашите традиционални сирења не воведоа Марјан Костадиновски, сомелиер и новинар за пиво, Николче Николовски, претседател на националниот одбор на здружението Слоу Фуд Македонија и шеф Дејан Карапеев.

„После водата и чајот, пивото е најпопуларниот пијалок на светот и време е да покажеме дека пиво не се пие само во комбинација со кикирики и со чипс, туку може да се подигне и на едно повисоко ниво“, ја отпочна дегустацијата Марјан Костадиновски и ги претстави пченичното пиво и „ИПА“ (индиа пејл ејл) на крафт пиварата „Темов“, пивата од лимитираното мини производство на компанијата „Староградско“ и пејл ејл, тип на два пати ферментирано пиво од помал домашен производител.

Николче Николовски го образложи манифестот на Слоу Фуд во одбрана на сирењата од сурово млеко, а шеф Дејан Карапеев покажа дека домашните пива навистина можат да се спојат со сирењето во врвни гастрономски креации од неговата кујна.

За најстариот брак во гастрономијата и спарувањето на козјите сирења со елегантните македонски вина на винариите „Наумчеви“, „Ерос“ и „Попов“, но и за многу повеќе од тоа, зборуваше Слободен Чокревски, а за доживувањето да биде комплетно, а нашите сетила длабоко благодарни, се погрижи шеф Бобан Симоновски кој се надмина себеси со својот десерт од италијанско меко сирење, пиперки и панакота од козјо млеко и праски.