Лавабо од тапани, славина од кларинет

Труби место лустер, грамофон среде маса, плочи место завеси, супер друштво и ново место за социјализација без фејсбук

0
507

Скопјани кои се сеќаваат каде беше Камел, една од првите хит сендвичари во градот, или пак Домот на градежниците, веројатно лесно ќе го најдат ова ново местенце сместено во зградата помеѓу онаа кадешто беше „Камел“ и продавницата на Валијант, во близина на „Мистер Џек“.

Станува збор за, како што вели Жаре (сопственик на поранешното кафуле „Њу Орлеанс“ во старата скопска чаршија), социјален клуб во кој се добредојдени само оние кои се љубители на стариот добар џез, на винилот и на дружбата во живо, со муабети како поранешните, без чекирање и останати новокомпонирани адети.

Она што е најмераклиско е турското кафе кое ќе ви го сварат на плинско, а ќе ви го послужат во совршени малечки филџанчиња за кафе, со локум и чаша вода.

Местото се вика „Шанклес“, иако нема шанк, туку само една голема маса околу која седат сите кои ќе се најдат таму во исто време, без оглед дали се познаваат или не. Иако, горе-долу, сите што воопшто ќе стасаат таму, се знаат барем од „извиѓење“, од градот. Кој сака, може да си донесе или пак да си пушти некоја од плочите на Жаре.