Магарешко млеко мејд ин Црна Гора: здраво и скапо

Магариците дневно не даваат повеќе од пола литар млеко, а често и помалку па ова е и причината што е тоа млеко скапо - еден литар чини 50 евра. На една фарма за магариња во Црна Гора, тоа им се дава бесплатно на децата со тешки болести

0
817

Фармата за магариња во Црна Гора која неодамна прославила една година од постоењето, на социјалните мрежи и кај народот бележи голема популарност. Според сопственикот на фармата Дарко Савелиќ, фармата е на добар пат да го оствари замисленото.
„Пред се, го зачувавме магарето од изумирање. Сметаме дека во државата нема повеќе од 150 магариња, најмногу машки затоа што се тие поиздржливи за работите за кои обично се користат. Денеска во Црна Гора има повеќе пеликани отколку магариња“, вели Савелиќ.
Освен ова, фармата има цел да ги едуцира граѓаните и досега ги посетиле повеќе од 8 илјади луѓе. Влезницата чини килограм моркови или јаболка по човек кои служат како храна за магарињата. На фармата велат дека имаат успех и во лекувањето на аутизам: „три деца се чести посетители на фармата и тие воспоставија контакт со магарињата а според зборовите на нивните родители, нивната состојба е значително подобрена“.
Оттаму велат и дека ова животно е пред изумирање на целиот Балкан, па нивната мисија ја сметаат и како спас за овој вид на животни.
На фармата магарињата живеат слободно, имаат на располагање големи пасишта, а се дохрануваат со сено и со храната од посетителите. Фармата е и азил за животните кои како последица од напорната работа или лошиот третман се во лоша состојба. На фармата секое животно има свое име, а за посетители е отворена за време на викендите од 10 до 13 часот.
Магариците дневно не даваат повеќе од пола литар млеко, а често и помалку. Ова е и причината што е тоа млеко скапо и еден литар чини 50 евра. Млекото може да се замрзне и да се чува во фрижидер без да се намали неговата биолошка вредност. За тешки болести, млекото од фармата им се дава на деца бесплатно. Магарешкото млеко е потполно природен органски производ и после молзењето се филтрира низ стерилна газа и се замрзнува. Има слаткаст вкус, ниска содржина на лоши заситени масти и висок процент на омега-3 и омега-6 масни киселини. Богато е со калциум, магнезиум, фосфор, цинк и калиум. Лизозимите и лактоферините од млекото влијаат на изградба на имунитетот и се природни антибиотици. Млекото ги лекува или ги ублажува симптомите на астма, кашлица, бронхитис, воспаление на црева, алергии, кожни болести, а значително влијае и врз зголемување на имунитетот. Се препорачува и за новороденчиња наместо замените на млеко во прав или други видови на млеко, особено за децата кои се алергични на млеко. Непреработено се користи и во козметиката за лекување на егземи, псоријази и за разубавување како ладна маска за кожата.

Магарешкото млеко се користи исклучиво термички необработено. Било какво загревање ги уништува неговите својства. Дневно се пие по еден децилитар такашто се пие по малку во повеќе наврати во текот на денот.