Македонски кроасани хит на најголемиот саем за слатки во Германија

0
843

Македонската компанија „Жито пром“ годината ја почна со учество на еден од најголемите саеми за слатки во светот ISM кој се одржа во Келн, Германија, а главниот производ со кој се претставија беа кроасаните 4U.

Тие може да се најдат во сите поголеми маркети во земјава, но се продаваат и во Грција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Италија, Холандија, Норвешка, Катар и Бугарија.

На манифестацијата која траеше четири дена штандови имаа 1650 изложувачи од целиот свет, а ја посетија повеќе од 38.000 професионалци од оваа сфера меѓу кои и производители, дистрибутери, претставници и сопственици на ланци на маркети од различни земји итн.

„Го нарекуваат најслаткиот саем на светот и земајќи го предвид бројот на компании кои учествуваат може да се каже дека името е комплетно заслужено. Предизвик е да се истакнеш во морето на понуди, но кога имаш добар производ како што се кроасаните 4U и креативност тогаш секогаш може да се постигне посакуваниот резултат“, велат од менаџерскиот тим на компанијата „Жито пром“ од Гевгелија.

Кроасаните 4U засега се произведуваат со вкус на какао, јагода, ванила и кајсија и со мешаните вкусови на какао и ванила и вишна и ванила. Сите вкусови ги има во единечна варијанта, како и во фамилијарно пакување.

„Тајната на кроасаните се крие во внимателно подготвените парчиња со природно кисело тесто наречено мајка, тоа ја зазема главната улога во процесот на печењето на кроасаните. 4U имаат и ИСО 22000 сертификат доделен од една од водечките институции во секторот на безбедност на храната TUV Норд, а се во процес на комплетирање на ИФС, широко применет светски стандард за контрола на безбедноста на храната и степенот на квалитет на производителот. Во моментов работиме и на нови производи како кроасанот со двојно повеќе чоколадо и премиум варијантата со лешник полнење“, посочуваат од „Жито пром“.