Македонските компании и супермаркети се селат и на Интернет            

0
784

Компаниите се обидуваат да пронајдат нови дистрибутивни канали за да го компензираат намалувањето на профитот и маржите на производите. Од друга страна, трговијата на Интернет се потенцира како иднина на односот продавач- купувач. Во светски рамки, големите ланци на супермаркети им овозможуваат на потрошувачите намирниците за дома да ги купат онлајн. Но, дали македонските компании се подготвени да го следат овој тренд?

„Промените во навиките кај македонските потрошувачи за пазарење на Интернет ќе ги условат компаниите од секторот на стоки за широка потрошувачка и супермаркетите да отвораат интернет продавници. Македонскиот интернет пазар сè уште е мал, но со сигурност во следните 5 години ќе има значајно финансиско и количинско зголемување, со што интернет продажбата ќе биде незаменлив дистрибутивен канал”, вели Сергеј Зафироски, директор на Инсајдер ИД, агенција за истражување на пазарот.

Неколку компании во Македонија веќе го направија првиот чекор, давајќи им можност на своите потрошувачи наместо да одат во супермаркет, производи за широка потрошувачка да купат на Интернет. Сепак, врз интензитетот на интернет продажбата влијаат неколку различни фактори кои мора да се имаат предвид за да се дефинира точниот потенцијал, како што се старосната структура на потрошувачите, културата на користење, достапност на интернет, платежниот систем и платежните навики како и довербата во интернетот во целина.

Според Зафироски, ситуацијата ќе започне да се менува во следните една до две години, кога и за маркетите во Македонија ќе се појави потреба од користење на новиот современ канал.

Овие предвидувања во Инсајдер ИД ги темелат на податоците добиени од  истражувањето за вкупниот пазарен потенцијал во Македонија и анализата за интернет продажба на производи за широка потрошувачка, направени неодамна. Резултатите ексклузивно ќе бидат презентирани на AllWeb, конференцијата за дигитален маркетинг, што ќе се одржи на 17 ноември во Скопје.