Најдобриот српски боксер – на прејадување во Македонија

Првакот на Србија во олимписки бокс со неговата девојка која исто така тренира бокс, беа на викенд во Скопје и ни открија што сѐ можат да изедат боксерите кога се на одмор и кога не ги чека меч  

0
543

Дваесет и двегодишниот Петар Прокиќ е првак на Србија во олимписки бокс, тешка категорија, до 91 килограм. Ни призна дека во моментов всушност и нема 91, туку цели 95 килограми, но исто така не убеди и дека е тоа вообичаено за боксерите. Значи, кога ги мерат пред меч боксерите во тешка категорија мора да имаат најмногу 91 килограм, а во меѓувреме секогаш варираат по неколку килограми, па набрзина пред меч ги симнуваат тие неколку килограми вишок.

Тренира два пати на ден по 1 ипол- 2 часа во Клубот „Фонтана“, а тренер му е Јован Ракоњац, бивши олимписки и професионален боксер.

Петар вели дека неговиот вообичаен начин на исхрана е здрав и разновиден. Јаде многу зеленчук и месо, но признава дека омилена храна му е главно таа што е нездрава, па најмногу од сѐ сака колачи и сладолед. Обично се воздржува и се труди да се храни здраво, но кога е на одмор, како што беше случај викендов во Скопје, се опушта и си ги дозволува сите тие, инаку, забранети гастро-гревови.

Деновиве е во Скопје со својата девојка Ивона Симиќ, која исто така тренира бокс, но за разлика од него, само рекреативно.

Според Петар, токму таа е главен виновник за неговото застранување во исхраната – постојано му прави неодоливи колачи и најдобри тестенини, а исто така е и главен „виновник“ за неговата „здрава“ исхрана викендов во Скопје.

Очигледно, добро упатена во скопската гастро-понуда, таа го однела на клучните места кога станува збор за колачи – кај Зафир во Дебар Маало, и колачи и боза – во Апче и во Палма.

Во Скопје му се допаднале и симит-погачата и пастрмајлијата, топлите печени кикирики, но и крафт пивата кај „Темов“.

За тоа што го чека после ваков „распојасан“ викенд, вели: „Многу добро знам што ме чека после овој викенд. Веќе во два-три наврати сум симнувал по 10 килограми за само недела дена. Ако не ви е јасно како успева, морам да ви кажам дека тоа не им го препорачувам на оние кои не се принудени, затоа што на тој начин всушност најмногу се губат течностите, а е навистина напорно. Вклучува сауна, трчање, солени купки и се разбира, гладување. За среќа, после оваа „тортура“ која е задолжителна доколку сте качиле некој килограм пред претстојниот меч, по мерењето на килажата, добиваме еден ден за да се опоравиме и да се одмориме, но овојпат со памет – значи, со здрава и умерена исхрана. Единствена превентива за да се избегнат овие маки е да се внимава тежината да биде константна, а исхраната – здрава “.

Инаку, Петар има амбиции еден ден да оди и на Олимпијада и на некои европски и светски првенства, а оваа година се радува и на повторното доаѓање во Скопје, на меѓународниот традиционален турнир „Златен гонг“.

Драгица Христова