На ѓурѓовденски ручек во Кратово, на манастирски – во Лесново

0
676

Стевче Доневски пред неколку години беше номиниран за наградата Најдобар промотор на Македонија. За него веќе пишувавме и беше дел од нашата репортажа за Кратово, конкретно за кцана сол од Кратово која ја произведува токму тој. Тој беше и едно од заштитните лица на Аргета на македонски начин, поточно, Аргета на Осоговски начин, а заедно со својата етно куќа Шанчева е дел од Слоу Фуд Македонија. Тој е човек за се. На секој турист или гостин кој пристигнува во Кратово му обезбедува кралски пречек и не ја пропушта шансата да го промовира својот роден град.

Но Стевче не би бил Стевче чие гостопримство не се заборава, ако до него не е неговата сопруга и нашата прекрасна домаќинка Валентина.

Од нејзиното лепче кое го меси во различни варијанти, бело, црно, ржано, со сода бикарбона, наместо со прашок за пециво, па мекиците за Ѓурѓовден и преубавиот ѓурѓовденски ручек – тава ориз со јагнешко, потпечени лути пиперчиња и на крајот, по две парчиња од две различни торти, прекрасниот појадок – домашни јуфки направени во рерна и слаткото од зелени смокви,…но и кротката насмевка, и шегите на сметка на Стевче, го направија овој ѓурѓовденски викенд посебно доживување.

Оттука, следејќи ги инструкциите од Стевче стасавме и во Лесновскиот манастир кадешто го доживеавме и уживавме во манастирскиот ручек со кој се гоштеваат околу 500 верници секоја недела по литургијата.

Помеѓу другото, причина за големата посетеност на верниците се и чудата што се случуват во овој манастир кадешто шестгодишно девојче прозборело, а пред околу две години девојче од Кочани цврсто застанало на нозе, иако докторите веќе кренале раце од него, откако заедно со своите родители го посетило Лесновскиот манастир.

Имено, Лес­но­во е до­мот на чу­до­твор­ци­те со исто име, Га­врил. До­бро­де­те­ли од раз­лич­ни вре­ми­ња. За чу­да­та на Га­врил Лес­нов­ски и на Га­врил Ве­лич­ки мно­гу­ми­на зна­ат. Но, тоа што е нај­важ­но е де­ка и двај­ца­та би­ле скром­ни и Бож­ји лу­ѓе, кои за сво­и­те де­ла ни­ко­гаш не го­во­ре­ле. Канонизацијата на епи­ско­пот Га­врил Ве­лич­ки, кој сѐ до кра­јот на ми­на­ти­от век го ра­ко­во­дел цр­ков­ни­от жи­вот во ед­но од нај­ста­ри­те се­ла во зем­ја­та е во тек и тој ќе биде прогласен за светец на 28.мај.

Месното население кое живее во близина на Лесновскиот манастир раскажува дека организирани туристички групи доаѓаат од целиот Балкан и Европа за да го посетат ова големо духовно светилиште од каде се ширела словенската писменост, а до 40-те години на 19 век овде се наоѓала и најголемата библиотека на Балканот. Тука, на гробот на Св.Гаврил Лесновски многу страдалници се молат и бараат помош за својата мака.

А ручекот? Ако очекувавте нешто спектакуларно и егзотично, се лажете, за ручек имаше зелка и „витаминска“ салата со домашен леб и обична вода. Вкусот? Незаборавен! Затоа што, како што рече и една од верничките на трпезата, леб и сол да ти дадат, во манастир се е слатко!

Вториот ден од ѓурѓовденскиот викенд, во најбујниот зелен мај последниве десетина години во Осоговијата, на заминување за Скопје, ни истури дожд и град, но сепак, застанавме да ги сликаме штрковите кои годинава после многу години, се вратија во Злетово.