Нема веќе чварки и колбаси кај Лазе и Баце

Агенцијата за храна и ветерина им изрекува казни на малите месарници кои до неодамна правеа свои колбаси, пача, чварки и други традиционални месни преработки повикувајќи се на европската регулатива 853.

0
2908

Ако досега сте се снабдувале со домашни колбаси, со пача, чварки и други традиционални месни преработки од своите проверени локални месари, тоа повеќе нема да биде возможно.

Купувачите веќе не можат да купуваат колбаси, суво месо, чварки, пачи и други специјалитети кои се произведуваат од локалните месарници и се дел од традицијата во нашата, како и во соседните држави.

Според нашите информации, Агенцијата за храна и ветеринарство веќе подолг период им изрекувала ригорозни казни (и до 5 илјади евра) на малите месарници во кои до неодамна сите се снабдувавме со нашите омилени традиционални деликатеси.

Според месарите кои ги прашавме зошто во нивните месарници повеќе ги нема овие производи, Aгенцијата, со изговор дека се грижи за здравјето на купувачите и дека се прилагодува на европските регулативи, всушност врши хајка, забранува и изрекува ригорозни казни, накусо, спроведува мерки со кои го уништува производството и бизнисите на локалните месарници во државава.

Истото, велат тие, се одразува и на домашното производство на свинско месо од причина што повеќе од 70 отсто од квалитетното свинско месо се продава токму во овие мали месарници, a сушените производи се произведуваат од свежо свинско месо.

„Не сакаме да зборуваме јавно затоа што се плашиме да не си навлечеме уште поголема белја, но купувачите ги препознаваа и се уште ги бараат нашите производи како високо квалитетни, иако се поскапи во однос на индустриски произведените слични производи кои се прават исклучиво од увозно, замрзнато свинско месо кое секогаш е со сомнителен квалитет. Со овие мерки се доведува во прашање натамошната егзистенција на нашите продавници, кои вообичаено ја работат оваа работа со генерации, од колено на колено.

Ние и онака едвај опстануваме во борбата со големите супермаркети и големите домашни  фирми кои имаат поголем број на продавници и продаваат поефтино, најчесто увозно и месо со послаб квалитет од домашното месо.

За разлика од Македонија, во сите соседни земји, па и во земјите-членки на ЕУ не постои пример каде се забранува, казнува и оневозможува продажба на квалитетни домашни производи, произведени од домашно свежо месо“, велат тие.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство пак со одговор:

„Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) не забранува производство  и трговија со традиционални производи од животинско потекло како што се колбаси, суво месо, чварки, пачи и други специјалитети, во локалните месарници. Како институција одговорна за безбедноста на храната, Агенцијата работи согласно европската регулатива 853 која прецизно регулира дека  месарниците можат да вршат димење на одредена категорија месо, но, исклучиво во одобрени објекти за оваа намена, а производите можат да ги ставаат во промет исклучиво во нивните објекти.

Согласно позитивните законски прописи кои ја регулираат безбедноста на храната, не е дозволено вршење на таканаречено услужно димење (чадење), активност за која во минатото биле направени отстапки, со цел да им се излезе во пресрет на месарниците да го искористат таканаречениот ситнеж кој останува по расекувањето на месото. Тоа од нивна страна се преработувал во производи како што се ќебапи, плескавици и исклучиво свежи колбаси, бидејќи, за производство на таканаречени димени производи, месарниците задолжително треба да имаат одобрен објект за таа намена, кој исполнува одредени законски услови од областа на безбедноста на храната и екологијата.

Согласно постоечката законска регулатива, месарниците кои се регистрирани во Агенцијата, дозволено е да произведуваат димени производи, но, само во одобрени објекти за ваква намена, а производите смеат да ги продаваат исклучиво во сопствените месарници.

Месарниците кои имаат одобрено објекти за производство на димени производи можат да ја разгледаат можноста ваквите производи да ги регистрираат како традиционални, но,  согласно законските и подзаконските акти кои се во надлежност на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство“.

Сепак, останува фактот дека кога станува збор за споменатата регулатива, не можевме да најдеме никакво ограничување на производството на вакви производи во соседните земји. Истото ни беше потврдено и од голем број месарници низ државава кои подолго време војуваат со АХВ и со државата за ова прашање.

На пример, соседна Србија која е и понапред од нас во усогласувањето со законските прописи на ЕУ, не само што внимава да го зачува производството на овие надалеку познати традиционални производи, туку, со цел да го заштити и законски да го регулира производството на малите домашни производители донела Правилник од 2018 година со кој им овозможува на сите мали производители на месо, млеко и млечни производи, производители на свинско, говедско, зајачко, пилешко, мисиркино месо, јајца, дивеч…,не само во месарниците туку и во домаќинствата и на фармите, особено во руралните општини, легално и непречено да произведуваат, па дури и да продаваат вакви производи.

Според малите месарници, нивната финансиска можност не е еднаква со онаа на големите производители за да можат да регистрираат такви објекти, па како што велат, затоа и се нарекуваат мали, традиционални производители.

„Изградбата на објектите кои Државата бара да ги регистрираат чинат стотици илјади евра што се финансиски и економски неисплатливи според обемот на производството кои го обавуваат овие субјекти. Дали ова не е истата онаа тенденција во која во налетот на отварањето на големите маркети и молови успеавме да ги затвориме сите мини маркетчиња, гранапчиња кои од памтивек се основа на домашното пазарење кај нас а се под превозот на брзото прилагодување и итањето кон ЕУ,  на товар на традицијата, здравјето и буџетот на граѓаните“, велат тие.