Омилено место за шопинг: Бутик за лук, наместо парфимерии и бутици за брендирана облека

Ќе ме разберат само оние кои се мераклии за јадење, за готвење и за пазарење по тезгите на зелените пазари, наместо по маркети или, не дај боже, по молови

0
1146

Живееме во потрошувачко општество и секако, сите сакаме да купуваме и тоа, да купуваме повеќе од што треба. Барем сите ние кои можеме да го правиме тоа затоа што имаме редовни и пристојни приходи. И сите ни одат за неговото величество – стомакот.

Убаво е да се купува, па дури понекогаш и да се заглави во некој мол, но ако треба да избирам, верувале или не, попрво би одбрала шопинг по тезги. Следствено на ова, омилено место „за искачање“ не ми е Сити Мол, туку Зелено пазарче.

И така, ден по бунтот на пазарџиите отидов да проверам дали се сите на своите тезги. Беа таму, на своите работни места, на студот, дишејќи го загадениот воздух од кој сите гледаме што побргу да побегнеме откако набрзина ќе си ги завршиме обврските.  Ама за нив нема бегање. Беа во лошо расположение, ама секогаш спремни за муабет.

Повеќето од нив се луѓе со кои може да се зборува на сите теми и тоа и го правам, со големо задоволство. Таму ќе најдете и луѓе од село, и такви кои од град побегнале во село (оние кои од село бегаат во град, генерално, не седат на тезги), и такви со основно, средно, но и со факултетски дипломи, а сите подеднакво си ја фалат, се разбира, токму својата роба.

Иако за мене омилени се темите околу храната, тие се секогаш расположени да зборуваат за политика, а овојпат, особено. Имено, актуелен беше Законот за трговија со кој им се наметнаа лиценци и ограничувања за тоа кој се може да работи и да закупи тезга. И така, се изнаприкажавме со Маја, жената која со својот сопруг продава главно компири, но и брокула, магдонос и уште нешто ситно од нивното домашно производство во село Јурумлери, со човекот што продава зачини, меѓу кои и оној најмакедонскиот – ноктецот, кој се уште го берат и го подготвуваат за употреба неговите родители кои иако со факултетски дипломи се определиле за берење билки, со жената што продава роткви, онаа со хељдата и уште многу други.

И како и секогаш, научивме многу нови работи.

Која е разликата помеѓу белата и оваа потемната хељда, ја прашавме госпоѓата што ги продава и двете. И секако, веднаш добивме образложение проследено и со неколку рецепти. Белата била сирова, а потемната малку потпечена поради што последнава може да се консумира откако ќе ја потопите во јогурт, млеко или вода, а белата мора да се вари. „Можете да си ја јадете за појадок, наместо мусли“, не посоветува госпоѓата.

Тука се и неколкуте видови грав, меѓу кои и шарениот, одличен за салата со црвен кромид и туна, на пример.

За зачините, што да ви раскажувам, кон оваа тезга ве води само носот. Најпривлечниот и оригинален македонски зачин – ноктецот е она што ќе ве доведе до тезгата на човекот чии родители се занимаваат со берење најразлични билки, па и на оваа која откако ќе ја наберат, ја чистат од отпадоци, ја сушат, ја мелат и ја пакуваат. Ноктецот е една од состојките на шарената сол, токму онаа состојка поради која оваа сол и го има својот препознатлив мирис.

Штета што никој досега не се сетил да направи парфем во кој ќе има и доза од ноктец. Ако може да мирисаме на ванила, зошто да не може и на ноктец?!

Како и да е, во меѓувреме падна одлука законот да се одложи до 1 септември и да се изнајде друго решение. Пазарџиите си купија неколкумесечен мир, а што ќе биде понатаму, останува да видиме.

Засега, пазарџиите остануваат на тезгите, а особено се радувам кога освен препродавачи и трговци кои продаваат домати од увоз, ќе наидам на вистински мали производители, токму оние кои треба да ја имаат нашата поддршка и поради кои се уште знаеме каков е вкусот на вистинската храна.

А тезгите заедно со производите на нив, дури и во овој период од годината се полни и примамливи. Јаболки – едно чудо, тикви исто така. Брокула, праз, зелка, компири, бели и црни роткви, но и зелени салати и млади кромитчиња, маслинки, најразлични видови на грав, хељда, ориз, кикирики, лук, па и макало од лук и еден куп други производи во чија основа е лукот, а кои можат да се најдат на тезгата над која виси натписот: Бутик за лук!

Ете, ако сте мераклии за шопингување по бутици, и тука може да се најде по некој, макар и за лук. Одлично место за викенд-шопинг, нели?