Ѓомлезе, кифличките на баба, колачи, вишновка, промоција на книга…

Убав сончев ден и убава промоција на уште поубава книга на најубава богата трпеза подготвена од авторот, кај домаќините од „Литература.мк“

0
494

Денеска, точно на пладне, на просторот пред книжарницата „Литература.мк“, на домаќинска вкусна трпеза подготвена од авторот на новата книга за готвење „Dave’s kitchen: Најдоброто од македонската кујна“, од Давор Панчевски, бевме најадени, напиени, нагостени и почестени и уживавме во дегустација на рецептите од готвачот во издание на „Арс Ламина“.

На бранч подготвен за новинарите, Давор, освен што не почести со преубави деликатеси кои, како што рече, со помош на мајка му ги подготвувал три дена и три ноќи, не почести и со две-три кулинарски трикчиња со чија помош, кифлите се секогаш меки, а тестото секогаш нарасното.

На трпезата се најдоа превкусните кифли направени по рецептот на баба му, пита-триаголници со праз и со зелка, солени мафини, канапеи со ајвар, малиџано, пинџур и со динстувани моркови, па дури и ѓомлезе за мерак.

Се разбира, промоцијата почна со здравица, и тоа со домашната вишновка на Давор, а тука беше и превкусното слатко од вишни и најразлични колачи: парени со гриз и мармалад, мафини со вишни, бели и црни бомбици, мини пиварки, мини-штрудли со џем и најубавата баклава со чоколадо, лешници и ореви чиј вкус беше како јаготка на шлагот.

Ах, можам само да замислам колку луѓе ќе доаѓаа на промоции на книги ако сите беа слични на оваа.

Готвачот, што го објавува издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, содржи 125 едноставни и вкусни традиционални рецепти, на кои ќе се потсетат постарите генерации, а помладите ќе имаат можност да ги научат.

Целта на „Најдоброто од македонската кујна“ е да ги оживее рецептите што потекнуваат од ова поднебје, а кои се повеќе или помалку заборавени, претставени во модерно издание. На 270 страници се собрани традиционални специјалитети, од кои, дел се автентични и токму онакви како што ги подготвувале бабите и мајката на Панчевски, а дел се модифицирани и приспособени на брзото темпо на живот на современите домаќинки и домаќини. Луксузното издание е достапно на македонски и на англиски јазик.

Ова е втор готвач на Панчевски, по книгата „Dave’s kitchen: Гответе насмеани“.