Пченката е природен лек и идеална диетална намирница

Оваа вредна сезонска намирница нема да ве оптовари со вишок калории, а ќе ви обезбеди јагленохидрати, енергија и витамини, а исто така има и антиканцерогени својства.

0
326

Пченката е денеска многу распространета намирница. Се консумира како зеленчук или се меле во брашно од кое се прави вкусен пченкарен леб. Палента, традиционално јадење врз база на пченка е составен дел од старите медитерански менија, а и денеска си го наоѓа своето место како додаток на месните и рибјите специјалитети.

Пченката е нутритивно вредна намирница која притоа не го оптоварува организмот со вишок калории со оглед на тоа што во еден клас со просечна големина има 80 до 100 калории. Богата е со јагленохидрати и сиромашна со масти па претставува извор на брзо расположлива енергија. Мастите кои преовладуваат во пченката се незаситени.

Белата пченка не содржи бета каротен, додека жолтата содржи и така придонесува за подмирување на потребите за витамин А.

На пченката ѝ недостасуваат две есенцијални аминокиселини – лизин и триптофан. Токму затоа е добро во исхраната да се комбинира со мешунки затоа што на тој начин најдобро се задоволуваат потребите за белковини. Пченката е многу добар извор на тиамин (витамин Б1) и е добар извор на многу други витамини и минерали, вклучувајќи витамин Б5, фолна киселина, ниацин, витамин Ц, фосфор, калиум и магнезиум. Богатството на прехранбени влакна ја прави оваа намирница особено вредна.

Пченката е природен лек за снижување на холестеролот, како превенција од рак на дебело црево, делува поволно на нивото на шеќер во крвта, добар извор на енергија е, помага при желудочни и тегоби со варењето, ја подобрува работата на цревата.

Пченката како намирница богата со антиоксиданси, фолна киселина, инхибитори на протеазата и бројни фитохемикалии, може да се гледа како борец против карциномот и вирусите, па треба да добие свое место на менито на современиот човек. Заради феруличната киселина која влијае на антиоксидативната активност, пченката има антиканцерогени својства.