Пита сончоглед наместо букет рози

0
294

Веројатно сите вие некогаш, како деца, сте имале во рацете пита сончоглед набрана од некоја нива од која сте кубеле од оние мали вкусни семки и сте грицкале додека со својата „банда“ сте седеле на улица. Ако сега на некое дете му донесете за подарок ваква пита и му кажете: „повели, грицкај семки“, веројатно ќе ве погледне вчудоневидено и нема да има претстава што треба да прави.

Заради убавиот изглед, сѐ почесто, токму овие пити, односно, сончогледови цветови, се омилен избор на летните невести за нивните венчални букети. Цветаат од почетокот на јули па сѐ до октомври.

Освен по својот прекрасен изглед, сончогледот е познат по тоа што неговите семки се богати со витамини, минерали, влакна, масти и белковини.

За да дојдете до нив, скинете ја питата од стеблото, исчистете го надворешниот раб и вадете ги семките кои се јадат веднаш, сирови, или потпечени во рерна.

Зошто се здрави семките од сончоглед?

Семките од сончоглед се богати со енергија, односно 100 грама семки содржат 584 калории. Сончогледот е и неверојатен извор на нутритивни материи кои се добри за здравјето, како и на минерали, антиоксиданти и витамини.

Голем дел од неговите калории доаѓаат од масните киселини. Семињата се особено богати со линолеична киселина. Исто така се добри за намалување на „лошиот холестерол“ и поттикнување на „добриот холестерол“ во крвта.

Сончогледот е многу добар извор на протеини и аминокиселини со добар квалитет, како триптофанот, кој е значаен за растот, особено кај децата. Само 100 грама семе обезбедува околу 21 грам протеини.

Семето од сончоглед содржи и антиоксиданти, кои помагаат да се отстранат штетните оксидантни молекули од телото, а богато е и со витамин Е (околу 25,17 грама витамин Е на 100 грама семе).

Семето од сончоглед е еден од најдобрите извори за Б-комплекс групата на витамини. Тие се добри извори на Б-комплекс витамини, како ниацин, фолна киселина, тијамин, пиридоксин, патотенична киселина и рибофлавин.

Сончогледот  е и неверојатно богат извор на многу есенцијални минерали, а особено на калциум, железо, манган, цинк, магнезиум, селениум и јаглен. Многу од овие минерали имаат витална улога во минерализацијата на коските, продукцијата на црвени крвни зрнца, синтеза на ензими, создавање на хормони, како и регулација на кардио и мускулните активности.

Според грчката митологија…

…Аполон ја претворил Клитија, морската нимфа која била вљубена во него, во сончоглед кој секој ден ќе го следи Сонцето, но ноќе ќе ја наведнува главата кон земјата. Имено, според оваа легенда, Клитија го видела богот на Сонцето и на машката убавина сосема случајно, една блага ноќ додека месечината ги осветлувала прозорците од нејзината одаја. Бил само сенка во далечината која се претворила во најубавото и најмилото суштество кое го виделе нејзините очи дотогаш. Но Аполон не доаѓал секоја ноќ за да ја види, неговото срце чукало за нејзината сестра Леукотеја. Клитија живеела ден за ден сама и одвоена од надворешниот свет, не губејќи надеж. Копнеела и го очекувала доаѓањето на саканиот Аполон, а кога тој не доаѓал, таа ја замразила сестра си и од љубомора му ја открила на својот татко тајната љубов на сестра си. Леукотеја била сурово казнета, а Аполон не можел да ѝ го прости тоа никогаш. Едно утро додека тагувала откако сфатила што направила, Клитија умрела, а Аполон ја претворил во Сончоглед.