Професија: Фотографирање на храна за Инстаграм

0
3061

Даниел Цуклев првпат го сретнав на Деновите на Шведска кујна во „Мериот“. Помеѓу останатите за мене непознати „дегустатори“ поканети на првиот ден од отпочнувањето на неделата на Шведска кујна, беше и тоа младо слабичко момче кое некако не ми изгледаше како гурман, па се прашував што бара таму. Имено, повеќе му беше посветен на фотографирањето отколку на дегустирањето на храната (не дека другите не фотографираа ама ете, навистина ми изгледаше како некој кој јаде од што мора, а не од што сака).

Го прашав за кој медиум фотографира, очекувајќи да каже дека го испратиле како фотограф од некоја редакција, но тој ми кажа дека фотографира за својот Инстаграм на кој има речиси 9 илјади следбеници. Поради тоа, годинава за првпат почнал да добива покани за вакви настани. Следниот пат се сретнавме на Деновите на естонска кујна. Сфатив дека ќе се гледаме често на овие дегустации и дека би можело да биде интересно ако ни раскаже нешто повеќе за својот „инстаграмџиски живот“.

Muffins! Savory Corn & Miller Muffins. Prepared from  @gkstories and @luisegreenkitchenstories cookbook ?The Green Kitchen so tasty and delicious vegetarian/vegan recipes for everyday,love it !

#cookingeveryday ??

На својот Инстаграм објавуваш фотографии од храна…од кога го правиш ова и од кога е храната во фокусот на твојот интерес?

Имам профил на Инстаграм повеќе од две години. На почетокот не бев многу активен и постирав разновидни слики, но со текот на времето тоа се смени. Сакав да ставам акцент на една тема, поточно на вегетаријанската, веганската, и здравата храна. Сакав мојот Инстаграм профил да биде исполнет со ваква храна и да биде инспирација за оние кои ме следат.

Дали самиот ја подготвуваш храната што ја фотографираш и што се знаеш да подготвиш?

Не сум професионален готвач, но сакам да готвам. Храната која ја објавувам е подготвена од мене, ја декорирам, фотографирам, па ја објавувам на Инстаграм. Црпам инспирација од она што го гледам на телевизија, од интернет, а понекогаш и самиот добивам најразлични идеи. Имам желба да научам да готвам повеќе и подобро, па тоа е она што ме мотивира да го правам ова.

Спомна дека правиш вегетаријански јадења, кој е твојот омилен рецепт, омилен готвач, омилена кујна?

Кога секојдневно се готви и се учат нови рецепти не може да имаш само еден омилен рецепт. Секогаш правам нешто ново и старите рецепти се надополнуваат постојано. Можам само да кажам дека оризот ми е омилена состојка и секогаш би го користел во различни комбинации. Немам омилен готвач, но морам да кажам дека има одлични готвачи од кои добивам инспирација. Секоја кујна е добра и препознатлива по нешто, но сметам дека следењето на светските трендови предизвикува интересни промени во мојата кујна.

Која е поентата на ова што го правиш, имаш ли некаков фидбек од сето тоа, какви се твоите планови и амбиции?

Пред се, ова го правам затоа што го сакам. Ова е тоа што ме исполнува и ме прави среќен. Мислам дека конечно се пронајдов себеси и дека ќе продолжам да го правам ова, иако немам некоја посебно зацртана замисла за во иднина. Не знам што ќе се случи утре, за една или за пет години, но знам дека и понатаму ќе му се посветувам на готвењето и на фотографирањето.

Зошто го одбра токму овој начин на презентација, на Инстаграм, а не одбра на пример, да пишуваш блог…?

Го одбрав Инстаграм бидејќи е една од најдобрите платформи кадешто може да се раскаже приказна само со една слика. Воедно, квалитетот на фотографијата се задржува, што мене ми е многу важно, за разлика од Фејсбук кадешто квалитетот се губи со објавувањето. Имам блог на VSCO кадешто објавувам разновидни фотографии, но блог, конкретно со фотографии со храна и рецепти, се уште немам. Се разбира дека имам таква замисла, па се надевам дека наскоро ќе се оствари.

Baked sweet potato + lettuce and red cabbage topped w/ hemp oil and yeast flakes #eatclean ? ?

Каде наоѓаш инспирација?

Веќе напоменав дека инспирација добивам од интернет, од кулинарските емисии на телевизија, но и мојата имагинација често ми помага. Постојано ги менувам старите рецепти со различни намирници. Предизвик ми е да направам нешто ново, да зготвам нешто интересно и несекојдневно. Иако понекогаш крајниот резултат може да излезе не толку вкусен и успешен, тоа не ме демотивира туку ме тера да почнам одново и да направам подобро.

#morning 
Banana coconut cream w/ spirulina powder and seeds ??

Дали често одиш по настани и на места кадешто имаш можност да пробаш нешто од светската гастро сцена?

Ме радуваат поканите кои ги добив оваа година. Се надевам дека ќе зачестат гастро настаните, а воедно и поканите за истите. За мене тие претставуваат одлични збиднувања кадешто може да се проба нешто ново, да се запознаат странски готвачи и нови луѓе, но и да го обележам сето тоа со фотографии кои ќе ги постирам на мојот блог. https://www.instagram.com/cuklev/ http://vsco.co/denic/journal/p/1

Драгица Христова