Прва продавница без пластика

Неодамна во Амстердам во големиот супермаркет Ekoplaza отворен е првиот оддел во кој ниту еден продукт не е спакуван во пластична амбалажа.

0
306

Купувачите во овој голем супермаркет во Амстердам можат да бираат помеѓу повеќе од 700 артикли, вклучувајќи цереалии, чоколадо, млеко, овошје, ориз, зеленчук, јогурт и грицки кои се спакувани во природни материјали – или биоразградливи супстанции, или картон, стакло и метал – наместо пластика. (И овие други материјали се погодни за рециклажа).

Директорот на Ekoplaza, Ерик Доес изјавил дека „ние знаеме дека на нашите купувачи им се смачени производите спакувани во слоеви од дебела пластична амабалажа“, и додал дека вакви оддели без пластика се важен чекор во иднината на продажбата на храна, како и дека овој синџир кој поседува 74 големи супермаркети, до крајот на оваа година има намера да воведе вакви оддели во сите свои продавници.

Ова може да биде значаен почеток на една многу позитивна иницијатива, земајќи предвид дека нашата планета е буквално затрупана со пластика. Неодамнешното истражување објавено во списанието Science Advances утврдило дека од 1950, се произведени 9,1 милијарди тони пластика, од кои само 9 отсто можат да се рециклираат, такашто на нашата планета има повеќе од 6,3 милијарди тони пластичен отпад, кој, за жал, може да трае со стотици, па дури и со илјадници години.

Денеска пластика има насекаде, од снежните врвови на Химелаите, до желудниците на желките, рибите и морските птици.

Кооснивачот на еколошката организација „Пластична планета“, Сајан Сатерленд, која е еден од иницијаторите на проектот на Ekoplaza, укажала дека е логички бесмислено да се пакува брзо потрошната роба како што е храната, во пластика – материјал кој може да трае стотици години.