Сѐ што треба да знаете за тестенините

Како се готват, како се комбинираат и како се јадат

0
926

Кога сакате некого да импресионирате, на пример, прва вечера со некој кој ви се допаѓа … пастата веројатно нема да биде вашиот прв избор. Кој уште сака да се бори со шпагетите и да заврши со извалкана брада?

Освен тоа, ако прочитате што пишува на оваа тема Натали Кенеди која живее во Рим и го пишува блогот Американка во Рим, ќе сфатите дека целиот живот ги јадеме „погрешно“.

Таа за „Дејли мејл“ ги открива најчестите грешки во приготвувањето и начинот на служење и консумирање на ова типично италијанско јадење кое е омилено ширум светот.

Користење лажица и вилушка, и кршење на шпагетите пред готвење

Никогаш не ги кршете шпагетите пред да ги ставите во тенџере, Италијанците ги јадат такашто ги виткаат на вилушката, во целосна должина, но водат сметка да зафатат од шпегетите колку за еден залак. Сечењето со нож е речиси сквернавење. Само вилушката потпрете ја со врвот на чинијата и навиткувајте ги шпагетите на неа.

Лажица е дозволена само за децата кои сѐ уште не ги усовршиле манирите на трпеза. Ако сте во Италија и побарате лажица за послужената паста, нема да оставите добар впечаток.

Премногу големи порции

Добар извор на јаглени хидрати и сиромашна со масти, пастата е важен дел од медитеранската исхрана, зашто може да биде сервирана со дополнителни здрави масла (секако, со маслиново), зеленчук или протеини, во зависност од сосот со кој се служи.

Совршено е во ред да јадете паста дури и секој ден, ако се држите до италијанскиот пример и ја ограничите на стотина грама. Секако, со домашен сос.

Премногу пармезан

Идејата за тоа дека сѐ е дозволено во умерени количини се однесува и на сосот и на додатоците. Малку пармезан е во ред, но не претерувајте со количината затоа што така ќе го чувствувате само неговиот вкус.

Го оставате сосот

Ако ви остане од сосот на чинијата, сосема е во ред да го соберете со залак леб. Тоа не се смета за кршење на бон-тонот.

Ја јадете пастата како главно јадење

Пастата се јаде како предјадење, а во Италија, зеленчукот и салатите доаѓаат после пастата или со главното јадење. Кога сте во Италија, уживајте во храната како локалните жители.

Чекате сите да бидат послужени

Ако случајно ви стаса нарачаното јадење пред да ги добијат останатите своите порции, во Италија нема да ви забележат ако веднаш почнете да уживате во храната. Никој нема да ве смета за непристоен затоа што нема ништо полошо од ладна паста. Се јаде топла, затоа, само напред.

Преварена паста

Ова е навистина „смртен грев“. Без оглед на типот, тестенината се служи сварена ал денте. Ако ја варите дома самите, придржувајте се до упатствата на пакувањето. Дури и минута-две помалку или повеќе, не се безначајни.

Фрлање паста на ѕидот

Дека Италијанците проверуваат дали е тестенината варена такашто ја фрлаат на ѕид е само урбана легенда. Тие едноставно ја пробуваат пред да ја исцедат и никогаш не ја плакнат затоа што лепливите остатоци од водата во која е варена, помагаат сосот подобро да се соедини со тестенините.