Шеф Маре Јаневска препорачува брзо и вкусно мезе

Гурманите кои иако некогаш едноставно немаат многу време за готвење, речиси никогаш нема да седнат и да се најадат со леб и сирење, туку од сирењето ќе направат специјалитет.

0
379

Кога знаете со каква страст зборува за храна, со колкава страст готви и колку ѝ е посветена на својата професија, секако, нормално е да побарате од неа некој совет во врска со готвењето.

На пример, што да се јаде кога ќе си дојдете од работа, а дома немате ручек од вчера, или пак, какво мезе да направите кога ќе ви дојдат ненајавени гости. Еве го предлогот на шеф Маре Јаневска:

Потпечено овчо сирење со црвена пиперка, домат и лук

Состојки:

2 црвени пиперки

1 домат

1 младо лукче

овчо сирење

босилек или див тимјан

Маслиново масло

црн пипер

малку путер

Приготвување:

2 црвени пиперки се печат (можете набрзина да ги испечете во фолија на рингла). Пиперките се лупат и се цепкаат на мали ленти.

1 свеж домат се сечка на мали парчиња и се цеди од вишокот течност. Потоа се сечка младо лукче на ситно и се дели, половина во пиперката, половина во доматот.

Во сад за печење, на дното се става доматот, се додава свеж босилек или див тимјан, а може и едното и другото.

Врз доматот се става парче овчо сирење, со дебелина околу 4 цм. Врз сирењето се става црвената пиперка, се попрскува со маслиново масло, половина мало лажиче путер и мелен црн пипер.

Се става во рерна да се потпече околу 10 минути.

Се послужува веднаш со топло лепче.

(Уште една идеја за ручек од шеф Маре ќе најдете ТУКА).