Сте јаделе ли чичоки?

Како деца ги јадевме наместо јаболки и ги викавме „рокчиња“. Станува збор за јадливи коренчиња од чичока кои можат да се најдат на пазарите. Многу се здрави па можете да ги јадете и наместо чипс

0
967

Чичоката се одгледува како декоративно растение, но малкумина знаат дека крупните и слатки кртоли се богати со многу хранливи и корисни состојки.

Освен како замена за компир, можете да ги користите сирови во салати, во варива, динстани, печени, пржени…

Како деца ги јадевме сирови, добро измиени и без никакви зачини. Ги гризевме како јаболки.

Кртолите се вадат после првите есенски мразеви сè до пролетта, па така овој зеленчук е достапен преку целата зима. Изгледот на коренот е сличен на компирот, а вкусот е сличен на артичоката.

Содржат многу малку калории, но и железо, калиум, калциум, фосфор и магнезиум, како и витамини А, Ц, Д и некои витамини од групата Б.

За чичоката е карактеристично што содржи есенцијални аминокиселини, кои самиот организам не може да ги произведе, а кои се неопходни за нормално функционирање на речиси сите витални билошки функции на организмот.

Кртолите содржат инулин, поради што се извонредна замена за компирот и се препорачуваат во исхраната на дијабетичарите.

Добри се и за превенција и лекување на ревматски болести, но истовремено се и силен афродизијак. Го јакнат имунитетот, го регулираат притисокот, добри се во превенцијата и лекувањето на алергии, анемија, болести на срцето и крвните жили, а делуваат и антибактериски.

Со чичока можете да направите и вкусна крем супа такашто ќе ги исечкате чичоките на коцки и ќе ги прелиете со вода па ќе ги варите додека не омекнат, ќе зачините и пред крај на готвењето, доколку сакате, ќе додадете малку павлака за готвење.

Од чичоките можете да направите и вкусен чипс.

Измијте ги добро и не ги лупете, а потоа исушете ги и исечете ги на многу тенки тркалца. Ставете ги во сад, посолете ги и залејте ги со маслиново масло. По желба можете да додадете и некој друг зачин.
Наредете ги на тепсија, врз хартија за печење и печете околу пола час на 180 степени. Потоа превртете ги од другата страна и оставете да се испечат, па послужете ги.

Сепак, најздрави се кога се јадат свежи. Можете да ги исечете на тркалца, да ги зачините со масло, оцет и зачини по желба и да ги јадете како салата, а можете и онака – како јаболко.