Суви сливи за здрави коски

Овие вкусни плодови се познати по своето лаксативно дејство, а специјалистите ги препорачуваат и како лек против остеопороза. Затоа заборавете на нездравите грицки и секојдневно во организмот внесувајте 5 до 10 суви сливи.

0
553

Ако вашата мајка или баба барем еднаш во животот ве советувале да јадете суви сливи заради нивното лаксативно својство – биле во право.

Имено, во 2012.година европските здравствени институции и формално признале дека овие вкусни плодови позитивно влијаат на работата на цревата и во случај на запек се советува да се земаат 100 грама суви сливи дневно. Но тоа не е сѐ.

Благотворното дејство на системот за варење не е единствената добра особина на ова суво овошје. Студијата која ја спровел Бахарам Арџманди, стручњак од Универзитетот на Флорида, покажала дека сливите се многу корисни и за здравјето на коските. Ова истражување покажало дека кај жените во менопауза од 1 до 10 години 50 до 100 грама суви сливи дневно можат да доведат до обновување на минералната густина на коските.

Со други зборови, овие плодови го намалуваат ризикот од скршеници и ни помагаат да ги зајакнеме коските и да го зачуваме здравјето на скелетниот систем.

Затоа заборавете на нездравите грицки и секојдневно во организмот внесувајте 5 до 10 суви сливи. Толку можете да направите за своите коски!

Истражувачите на Универзитетот во Флорида ги проучувале смоквите, јагодите, урмите и слично овошје неколку години. „Ниту еден вид овошје не е ниту близу до дејството на сувите сливи кога станува збор за густината на коските“, тврди Арџманди, водителот на студијата.

Неговиот тим ги поделил жените кои ја поминале менопаузата во неколку групи: 55 жени консумирале 100 грама суви сливи дневно (околу 10 парчиња), додека 35 испитаници од другата група консумирале 50 грама суви јаболка дневно. Исто така, сите испитаници земале 500 милиграми калциум и 400 меѓународни единици витамин Д дневно во период од 12 месеци.

На крајот од студијата е утврдено дека жените кои јаделе суви сливи имале значајно погусти коски во споредба со другите испитаници. Исто така, ова сушено овошје значително го намалило серумското ниво на материи кои ги разградуваат коските. Со стареењето разградувањето на коските е побрзо од растот на коските.

Во претходното истражување истражувачите на Универзитетот во Калифорнија утврдиле присутност на „проанаболички фактори кои можат драстично да го подобрат волуменот на коските и да ги повратат коските кои се изгубени поради стареењето“ во сувите сливи.

Тие се исто така добар извор и на многу нутриенти потребни за здрави коски. Така 100 грамаод ова овошје обезбедува 74 отсто од дневната потреба за витамин К, 10 отсто магнезиум и 15 отсто манган.

„Не чекајте да скршите коска или да ви дијагностицираат остеопороза. За подобро здравје на коските, постепено додавајте во својата исхрана суви сливи сѐ додека не стасате до 6 до 10 сливи дневно. Можете да ги јадете како ужина, да ги додадете во овесна каша и други житарки, во овошна салата…“, советува Арџманди.

Фото: luis_molinero/freepik