Светскиот пикник стартува со виенска шницла и захер торта

На светскиот пикник кој почнува на 9.јуни во 12 часот, во градскиот парк во Скопје, по симболична цена ќе можете да пробате храна од целиот свет. Средствата кои ќе бидат собрани од билетите се наменети за хуманитарни цели

0
107

Сите љубители на австриската гастрономија ќе имаат можност да ги вкусат нејзините специјалитети на Светскиот пикник кој ќе се одржи на 9 јуни од 12 часот во Градскиот парк во Скопје.

Виенската шницла и захер тортата како специјалитети чиј рецепт долги години се криел во австриските дворци, претставуваат типични репрезенти на австриското кулинарство и амбасадори на нивната култура.

Штандот на Австрија ќе биде претставен од компаниите: ЕВН Македонија АД, компанија која на домашниот пазар е присутна од 2006 година и чија основна дејност е дистрибуција и снабдување со електрична енергија, како и Шпаркасе Банка Македонија АД, која од 2010 годинa успешно се позиционира на домашниот финансиски пазар, презентирајќи ги своите корпоративни вредности.

Компаниите членки на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, инспирирани од традицијата  и културата на земјата од каде што потекнуваат, во насока на реализирање на мисијата за општествена одговорност, пред 4 години за првпат го организираа Светскиот пикник. Преку традиционалната храна, проследена со музика и детско катче за најмалите гости компаниите членки на Советот на странски инвеститори имаат за цел да ги унапредат своите врски со земјата во која делуваат и работат.

Сите средства кои ќе бидат собрани од продажба на билети ќе бидат донирани за хуманитарни цели.

Фото: Pixabey