пиво – Арт кујна https://artkujna.mk Thu, 23 Apr 2026 10:05:23 +0000 mk-MK hourly 1 https://wordpress.org/?v=7.1.3 https://artkujna.mk/wp-content/uploads/2021/11/cropped-LOGO-ART-KUJNA-32x32.gif пиво – Арт кујна https://artkujna.mk 32 32 Пивото содржи големи количини витамин клучен за работата на мозокот https://artkujna.mk/pivoto-sodrzhi-golemi-kolichini-vitamin-kluchen-za-rabotata-na-mozokot/ Thu, 23 Apr 2026 10:05:22 +0000 https://artkujna.mk/?p=46279 Нова научна анализа дава интересни, но донекаде неочекувани резултати: повременото пиење пиво може да придонесе за внесување на витамин Б6, нутриент клучен за здравјето на мозокот, крвта и имунолошкиот систем.]]>

Пивото содржи големи количини на витамин клучен за функцијата на мозокот, вели новата научна анализа која носи интересни, но и малку неочекувани резултати. Станува збор тоа дека повременото пиење пиво може да придонесе за внес на витамин Б6 – нутриент клучен за здравјето на мозокот, крвта и имунолошкиот систем.

Иако пивото никако не се препорачува како извор на витамини, истражувањето покажува дека една „порција“ може да обезбеди и до 15 проценти од дневната потреба за овој есенцијален витамин, а во некои случаи и значително повеќе. Интересно е што истиот ефект може да се постигне и со безалкохолно пиво, пренесува Би-Би-Си.

Замор, слабост…
Витаминот Б6 природно се наоѓа во многу намирници – од месо и риба, до житарки, компири и мешунки. Вистински недостаток на овој витамин е редок во развиените земји, но благо намалени нивоа може да се појават, често заедно со недостиг на други витамини од Б групата, како Б12. Таквата комбинација може да доведе до замор, слабост и мачнина.

Според истражувањето што го пренесува Би-Би-Си, научниците анализирале 65 различни пива купени во германски супермаркети. Резултатите покажале дека темните лагери содржат најмногу витамин Б6, потоа следуваат класичните лагери, темните пива и пченичните пива. Од друга страна, пивата произведени на база на ориз имале најмалку количини од овој витамин.

Еден од поинтересните наоди се однесува на безалкохолните пива. Оние што целосно ферментирале, а алкохолот подоцна е отстранет, содржеле повеќе витамин Б6 од оние произведени со помош на квасци кои природно создаваат помалку алкохол. Во просек, лагерот обезбедувал околу 20 проценти од препорачаниот дневен внес на витамин Б6, додека едно од тестираните безалкохолни пива достигнало дури 59 проценти.

Најбогато – „бок“ пиво
Според насоките на британската здравствена служба, на мажите им се потребни околу 1,4 мг витамин Б6 дневно, а на жените 1,2 мг. Еден литар пиво, во зависност од видот, може да содржи меѓу 0,3 и 1 мг. Иако тоа не е доволно за производителите да смеат да истакнуваат здравствени тврдења на етикетата, сепак станува збор за мерлива количина, вели водителот на истражувањето, проф. Михаел Рихлик. Тој додава дека овие податоци се корисни „за потрошувачите кои сакаат да го оптимизираат внесот на витамини“, но не претставуваат препорака за консумирање алкохол.

Најбогато со витамин Б6 се покажало традиционалното германско „бок“ пиво – темен лагер со околу 6,5 проценти алкохол. Токму поголемиот удел на алкохол, според авторите на студијата, е поврзан со повисока концентрација на витаминот.

Сепак, нутриционистите предупредуваат дека пивото не треба да се гледа како извор на хранливи материи. Бриџит Бенелам од Британската фондација за исхрана истакнува дека недостатокот на витамин Б6 е многу редок токму затоа што се наоѓа во широк спектар на намирници.

– Не би препорачале пивото или кој било алкохолен пијалак да се смета за извор на витамини. Тие треба да доаѓаат од исхраната – вели Бенелам.

Додава дека само лица со многу ограничена исхрана, хронични болести или проблеми со алкохол може да имаат потешкотии да одржат соодветни нивоа на витамин.

Посебно ја нагласува важноста на другите витамини од Б групата, како Б12 и рибофлавин (Б2), кои се клучни за метаболизмот и создавањето енергија. Бидејќи најчесто се наоѓаат во храна од животинско потекло, на веганите им се препорачува да избираат збогатени растителни напитоци и производи за да обезбедат доволен внес.

Пивото може да содржи мерливи количини витамин Б6, но тоа не значи дека треба да стане дел од стратегија за исхрана. Нутритивните потреби и понатаму најдобро се задоволуваат со разновидна и балансирана исхрана, а пивото – ако се консумира – треба да остане повремно уживање, а не извор на витамини.

]]>
Сефтето на еден пивар: Кога хобито доби бандерола, а пасијата стана професија https://artkujna.mk/sefteto-na-eden-pivar-koga-hobito-dobi-banderola-a-pasijata-stana-profesija/ Thu, 01 May 2025 10:00:44 +0000 https://artkujna.mk/?p=44124 Му раскажувале дека летото 1995-тата било пеколно. Иако сѐ уште бил во стомакот на мајка му, до него стасала некоја голтка пиво. На неполни 20 си ветил дека пред 30-тата ќе има своја крафт пивара, а сега, неколку месеци пред 30-тата нашиот соговорник ја реализираше својата амбиција, ја направи пиварата и го извади своето прво пиво со бандероли и со сите салтанати - „Сефте“.]]>

Дарко Трајковски е дипломиран економист, на прагот од четвртата деценија. Да, да, ова сигурно ќе му звучи страшно бидејќи тој всушност, допрва ќе го прослави јубилејниот 30-ти роденден, но така отсекогаш велеле повозрасните луѓе. Демек, полните 30, а тие ви велат, аааа, ја раситни четириесетката, а кога полните 50, како да не ви е доволно тешко, па ви велат, ааа, ја раситни шеесетката. Јас со време се навикнав, ама сега обожувам да им го правам ова на оние на кои полнењето 30, 40, 50, 60, итн, им е сè уште шок.
Како и да е, нашиот соговорник Даре е во моментов ангажиран на повеќе фронтови – како фриленс водач за развој на бизнис (Head of Business Development) кадешто има соработка со повеќе клиенти, како претседател и лидер на Слоу Фуд Водно и како управител на Белеза Бруинг. Е сега, ако се прашувате што е ова последново, веднаш да објасниме. Станува збор за неговата микро-пивара која си зацртал да ја отвори пред да наполни 30. Затоа беше целиот оној вовед со годините.
„Идејата за овој проект е стара 10 години. Си зацртав уште во 2015 дека пред да наполнам 30 би сакал да отворам микро-пивара и тоа да ми биде примарна дејност. Еве ме неколку месеци пред 30-тата и идејата полека стана реалност. Мислам дека сега е прав момент самата крафт пиварска сцена во Македонија да го промени оној став дека во странство има многу добри крафт пивари, а кај нас нема и сме многу назад“, вели Даре кој очигледно, кога си го зацртал овој негов план, немал ни 20 години.
Би рекле, сè уште луди години, па можеби си мислите дека неговите родители и семејството се надевале дека ќе му помине, но тој вели дека не е така.
„Многу ми е драго што можам да кажам дека имам поддршка од моето семејство уште од самиот старт. Навистина сум благодарен затоа што знам дека секогаш можам да се потпрам на нив, дали за пофалби или за критики, тоа зависи од квалитетот на пивото“, се смее тој.
Иако експериментира веќе десет години, неговото прво официјално „Сефте“ е неговото прво пиво со етикета, бандерола и сè што треба.
„До неодамна, пивото ми беше само хоби за свое задоволство, но од 2025, со добивање на сите документи за отворање крафт пивара, можам да кажам дека ми станува приоритет број 1“, вели Дарко додека ни точи од неговото „Сефте“.

Од првата голтка додека уште бил во стомакот на мајка му, преку Америка и Белгија – до своја пивара

Нормално, нас нè интересираше како воопшто почнал неговиот интерес за пиварството и кога за првпат во животот пробал пиво, дали тоа било додека бил малечок па му дале само да лизне, дали во семејството се пиело доста пиво, дали ја памти првата голтка.
„Според она што ми го имаат раскажувано – летото 1995 било навистина пеколно жешко, па така првото пиво го имам дегустирано уште пред да се родам“, се смее Дарко.
Сепак, вистинската љубов започнала додека бил во Америка, во 2015 година, во Ешвил, Северна Каролина (град со преку 50 крафт пивари).
„Првиот мој обид со правење пиво беше во Америка, со човек кој имаше искуство во правење пиво во домашни услови. Тогаш ги научив првите чекори од оваа техника.

Потоа патував низ Белгија и во рок од една недела посетив повеќе од 10 пивари каде главните мајстори ми го проширија знаењето околу технологијата и линијата на производство. Во периодот на короната пак навлегов во книгите и за првпат во животот станав бубалица. Ги извадив од под креветот сите учебници по хемија и почнав од почеток. Потоа се префрлив на стручната литература посветена на пиварството и така си ги продлабочував знаењата“, раскажува Дарко.
Неговиот прв експеримент и вовед во производството на пиво во Македонија бил всушност, правењето сајдер, со исклучиво македонски јаболка.
„Тогаш тешко се доаѓаше до намирници за производство на пиво, па мојот прв обид беше сајдер. Но, на првиот пивски салон организиран од Марјан Костадиновски (Сакампиво.мк), се запознавме со Предраг кој штотуку ја отвараше специјализираната продавница за намирници за пиво – Пиводром и така тргна сè“, вели тој.

За првенчето и за Слоу фуд


Иако „Белеза Бруинг“ е мала работилница, опремата во неа, вели, е по сите стандарди – инокс, смарт уреди и техничка прецизност.
„Првото пиво е светло нефилтрирано Munich Helles. Следно доаѓа ИПА, а потоа и други стилови, зависно од сезоната. Консументите ќе кажат што е најуспешно“, вели Дарко со скромност.
Неговата пивара е десеттата лиценцирана пивара во Македонија, ако се брои и индустриското производство. Од она што го нуди домашната сцена, Даре особено ужива во Пале Але од битолчаните „Бак“, Калеш од скопјаните „Пиволабс“, а го споменува и експерименталното пиво со бозел на Трајче Митрески, производител на пивата „Курајбир“.
Првото официјално пиво на Дарко, пак, неговото „Сефте“, го имааше првиот настап на неодамнешниот слоу фуд пазар во Јавна Соба.


„Реакциите беа позитивни, времето идеално, а гостите – жедни. Најубаво чувство е кога си се враќаш дома лесен, без залихи“, раскажува Дарко со насмевка надоврзувајќи се и на својата поврзаност и лидерството во Слоу Фуд Водно.
„Моите уште од рана возраст се стремеа да се храниме здраво и локално. Често имаа луѓе за сѐ, дали за свеж зеленчук и овошје, дали за добро сирење и млеко или пак за некои сувомесни производи. Затоа, зачленувањето во Слоу Фуд и нејзината филозофија, ми дојдоа некако природно. Јас сум член уште од 2018-та и со тек на времето доста се поврзав со приказната. Минатото лето собранието одлучи да даде поддршка на младите и јас бев изгласан за лидер на самиот конвивиум во Скопје- Слоу Фуд Водно“, објаснува нашиот соговорник.
Во неговата околина нема некој што не е заразен со филозофијата на слоу фуд, а нему му е мило што е и тој барем делумно заслужен за тоа.
„Мило ми е поради тоа што делувавме да се промени мислењето дека сѐ што е увозно и странско е со подобар квалитет од тоа што е локално и наше“, вели младиот лидер на Слоу фуд Водно.

За готвењето, за иднината и за уште многу нови пива. Наздравје!


Кога не прави пиво, Дарко се фаќа за спремање храна. На секој друштвен собир, вели, не дозволува никому да му се меша во скарата, а во последно време се испраксирал и со фурната на дрва во семејната викендичка.
„Додека бев во Америка работев во кујна и морам да признаам дека некогаш ми фали… тоа е доста стресна, но и интересна работа“, вели тој.
А за крај, се навраќаме повторно на пивото и го прашуваме дали има машки и женски пива?
„Не, не постојат такви поделби, постојат лесни и тешки пива. Девојките обично сакаат ароматични и овошни пива, а мажите сакаат нешто појако и погазирано. Но најбитно е да се пробаат сите стилови – можеби ќе откриете дека, всушност, обожавате пиво“, завршува младиот пивар.
Со „Сефте“ Дарко не само што се претстави како пивар – туку отвори ново поглавје во домашната крафт сцена. Со многу љубов, знаење и поддршка, Белеза Бруинг ветува многу класични, но и многу нови, експериментални вкусови, „од сега, па понатаму“, како што пишува и на самата амбалажа.

]]>
Кога, ако не сега: Тридневен фестивал на домашно пиво https://artkujna.mk/koga-ako-ne-sega-tridneven-festival-na-domashno-pivo/ Thu, 27 Jun 2024 09:55:30 +0000 https://artkujna.mk/?p=39873 Од утре (28 јуни) до 30 јуни, во Дајмонд Мол, љубителите на пиво ќе имаат можност да пробаат уникатни пивски вкусови произведени од локалните домашни производители на пиво. ]]>

Од 28 до 30 јуни во Дајмонд Мол ќе се одржи Фестивал на домашни пива.

На тридневниот фестивал малите локални производители ќе ги презентираат своите оригинални пива, а пивските ентузијасти покрај дегустацијата, за време на фестивалот ќе можат да се запознаат и со процесот на нивно создавање.
На фестивалот своите пивски производи ќе ги претстават Пиво Лабс, БАК, Курајбер, Белеза и Сакампиво.мк, а покрај македонските производители, својата палета на пива ќе ја презентира и една од најстарите и најпознати пивари од Холандија, Бавариа.

Освен во атрактивните пивски брендови, посетителите ќе уживаат и во деликатеси од зреено месо и продукти на производителот на месни преработки „Гаврилоски“.

Овој настан, велат организаторите, има за цел да ги поддржи и промовира малите производители на пиво и нивниот талент и знаење за производство на овој исклучително популарен пијалак, особено во летните месеци.

Посетителите ќе имаат можност да ги откријат приказните што стојат зад пивата кои се произведуваат во мали количини.

Настанот е и можност за стекнување нови искуства и интересни доживувања благодарение на уникатниот концепт што го нуди Diamond Mall, кој претставува спој на одличен шопинг, гастрономско уживање и можности за дружење и забава.

]]>
Да го спасиме пивото! Климатските промени ѝ се закануваат на пивската индустрија https://artkujna.mk/da-go-spasime-pivoto-klimatskite-promeni-%d1%9d-se-zakanuvaat-na-pivskata-industrija/ Wed, 18 Oct 2023 07:43:52 +0000 https://artkujna.mk/?p=35856 На пивската индустрија ѝ се заканува колапс бидејќи хмељот кој е клучната состојка во овој популарен пијалак е сè потешко да се одгледува поради климатските промени]]>

Климатските промени ќе му наштетат на приносот и квалитетот на хмељот во главните европски региони за одгледување на хмељ, предупредуваат експертите. Поради ова, на пивската индустрија ѝ се заканува колапс.

Количината на собраниот хмељ и содржината на алфа-киселини, клучни за горчливиот вкус на пивото, во просек ќе бидат значително помали од претходно, предупредува меѓународниот тим што го спроведе истражувањето, објавено во списанието Nature Communications.

Експертите ја анализирале ситуацијата во пет главни области на одгледување, вклучувајќи три во јужна Германија и по една во Чешка и Словенија.

Во периодот од 2021 до 2050 година, според нивните пресметки, количината на алфа киселини треба да се намали за една третина по хектар обработена површина во однос на периодот од 1989 до 2018 година.

Во најважното европско култивирачко подрачје Халертау би требало да се намали за речиси 40 проценти.

Веќе е забележан значителен пад во изминатите жетви, истакнува истражувачкиот тим предводен од Мартин Мозни од Чешката академија на науките во Брно, припишувајќи им го трендот, пред сѐ, на зголемените температури и помалите врнежи.

Германските експерти оспоруваат некои заклучоци од студијата, но се согласуваат дека количината на алфа киселините е променета.

„(Заклучокот) е во согласност со нашето лично искуство“,вели Ерих Лемер од Здружението на германски одгледувачи на хмељ.

Директорот на најголемиот светски трговец со хмељ Барт-Хаас Томас Рајзер, цврсто верува дека новите сорти и методи на одгледување ќе ја заштитат конкурентноста на одгледувањето хмељ на југот на Германија.

„Во моментов работиме на изнаоѓање решение бидејќи не можеме да чекаме индустријата да пропадне“, вели научникот Мирослав Трнка.

Бидејќи климатските промени го отежнуваат одгледувањето на родот во Европа, дојде до експлозија во побарувачката на хмељ во пиварниците кои се прилагодуваат на промената на палетите. Во последниве години, бумот во индустријата за занаетчиско пиво значеше зголемена побарувачка за висококвалитетен хмељ за да се направат IPA и хмељски лагери.

„Занаетчиските производители на пиво ја сакаат силната арома на хмељ во нивните ИПА, но областите каде што се одгледува се во сѐ потешка позиција поради климатските промени. Внесувањето промени ќе даде резултати, но клучно е да се намали нивото на глобалното затоплување“, заклучил производителот на пиво Чак Скајпек.

]]>
Дали знаете како влијае пивото на здравјето на цревата? https://artkujna.mk/dali-znaete-kako-vlijae-pivoto-na-zdravjeto-na-czrevata/ Tue, 19 Sep 2023 13:02:07 +0000 https://artkujna.mk/?p=35480 Студиите за хранливите материи што ги содржи пивото покажуваат како тие делуваат заедно на цревата, поттикнувајќи го здравјето на различни начини во телото.]]>

Пивото, омилениот пијалак на многумина, има долга и богата историја која датира илјадници години наназад.
Освен што е задоволство за непцето, пивото е и предмет на љубопитство од страна на научниците. Некои истражувања ги открија придобивките што ги има консумирањето на пиво врз имунолошкиот систем и цревниот микробиом.

Пивото е еден од најчесто консумираните пијалаци, кој го зазема второто место по водата и чајот.
Во древните сумерски и вавилонски култури бил прифатен како главен и речиси божествен пијалак. За време на древните кинески погребни ритуали и владеењето на фараоните, пивото им се делело на работниците, а монасите го произведувале во средниот век.

Денес, пивото привлекува внимание не поради неговите психо-фармаколошки или социјални карактеристики, туку поради неговите функционални аспекти.

Студиите за микроорганизми, полифеноли, диетални влакна и меланоидин содржани во пивото покажуваат како тие заедно делуваат на цревата и цревната микробиота, потикнувајќи го здравјето на различни начини во телото.

Пивото, како традиционален ферментиран пијалок, е богат со есенцијални амино киселини, витамини, елементи во трагови и биоактивни материи кои играат клучна улога во регулирањето на многу физиолошки функции на човечкото тело. Полифенолите присутни во пивскиот слад и хмељот се исто така важни активни соединенија кои имаат корисен ефект врз цревниот микробиом.
Претходните истражувања се фокусираа на тоа како овие биоактивни материи во пивото можат да помогнат во спречување на артериосклероза и срцеви заболувања, поттикнување на циркулацијата на крвта, поддршка на имунолошката функција, поттикнување на антиоксидантни и антиинфламаторни ефекти и зајакнување на производството на естроген.

Со испитување на претходните истражувања на животни и луѓе, кинеските научници открија дека ниската или умерена потрошувачка на пиво, со или без алкохол, поттикнува здрава имунолошка функција.
Кога пивото се консумира умерено, се забележува дека фенолите и другите хранливи материи што ги содржи влијаат на развојот на корисни бактерии во цревата, предизвикувајќи голем број антиинфламаторни, антиоксидантни и имуномодулаторни ефекти.

Овој преглед на истражувања сугерира дека подобрувањата во имунолошкиот систем може да се припишат на интеракцијата помеѓу полифенолите на пивото, влакната и етанолот бидејќи тие заедно го поттикнуваат развојот на цревниот микробиом. И покрај тоа, потребни се детални истражувања за да се потврди можната употреба на пивото како регулатор на микробиомот во иднина.

]]>
Умереното консумирање пиво го спречува ризикот од остеопороза https://artkujna.mk/umerenoto-konsumirane-pivo-go-sprechuva-rizikot-od-osteoporoza/ Tue, 01 Aug 2023 07:49:46 +0000 https://artkujna.mk/?p=34919 Силиконот и ксантохумолот се состојки на пивото за кои е докажано дека придонесуваат за формирање и одржување на јачината на коските.]]>

Пивото е најстариот и најраспространет алкохолен пијалак во светот, кој се карактеризира со ниска содржина на алкохол и освежителна и карактеристична арома. Има регенерирачко, зајакнувачко, тонирачко и хидратантно дејство на организмот и е природен извор на витамини, минерали, јаглехидрати и одредени аминокиселини и флавоноиди, познати и важни антиоксиданти.

Пивото може да има одредени здравствени придобивки, како што се намалување на ризикот од срцеви заболувања и остеопороза.

Во прилог на ова зборуваат и резултатите од спроведеното истражување кое ја нагласува важноста на ефектот на поединечните состојки на пивото врз целокупниот метаболизам и како одговорното и умерено консумирање пиво може да придонесе за превенција и третман на одредени болести и состојби.

Меѓу нив е и остеопорозата, хронична дегенеративна болест која се карактеризира со прогресивно губење на коскената маса и чести фрактури на коските. Ако се пие умерено, пивото ги храни коските и го спречува ризикот од остеопороза. Наодите за составот и биолошките соединенија содржани во пивото покажуваат дека минералот силициум и фитоестрогенот ксантохумол се два клучни фактори за здравјето на коските.

Силициумот игра важна улога во формирањето на коските и одржувањето на силата бидејќи го подобрува квалитетот на коскената матрица преку олеснување на минерализацијата на коските. Во форма на силициум диоксид, тој е вообичаен додаток на храната, но има ограничена интестинална апсорпција, така што не навлегува во крвта и не доаѓа до местото на дејствување колку силициумот содржан во пивото.

Освен силициумот, друго соединение за заштита на коските содржано во пивото е ксантохумол. Тоа е биолошки активно соединение од хмељот кое придонесува за горчината и вкусот на пивото и е познато како моќен фитоестроген. Истражувањата го докажаа нејзиниот позитивен ефект врз диференцијацијата, созревањето и правилниот развој на остеобластите (клетки кои градат коски). Денес се изнаоѓаат начини како во иднина оваа супстанца да се изолира и да се користи како молекула од која би можеле да се добијат нови лекови за состојби како што е остеопорозата.

За максимално да се искористат сите придобивки од пивото во спречување на развој на остеопороза, потребно е тоа да се консумира умерено и одговорно.

Кај жените тоа е потрошувачка од околу 0,33 л дневно, додека за мажите оваа количина е околу 0,65 л дневно вообичаено лагер пиво со 4,5 до 5 проценти алкохол. Кај овошното пиво прифатливите количини се двојно поголеми бидејќи содржи наполу помалку алкохол, а кога се работи за безалкохолно пиво, дневните препорачани количини се речиси идентични со оние препорачани за сите безалкохолни пијалоци со ниска содржина на шеќер. (околу 1 литар).

]]>
За првпат во светот, крафт пиво сoединето со врвно хрватско вино: приходите од сите 225 литри одат за хуманитарни цели https://artkujna.mk/%d0%b7%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%b2%d0%bf%d0%b0%d1%82-%d0%b2%d0%be-%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%be%d1%82-%d0%ba%d1%80%d0%b0%d1%84%d1%82-%d0%bf%d0%b8%d0%b2%d0%be-%d1%81o%d0%b5%d0%b4%d0%b8%d0%bd%d0%b5%d1%82/ Mon, 19 Dec 2022 13:57:27 +0000 https://artkujna.mk/?p=31697 Хрватите направија темно пиво одлежано во барик-буре во кое претходно лежело вино Дингач, а во производството на оваа лимитирана серија влегле и 4 килограми црно чоколадо ]]>

Сè почнало како што обично почнува секоја добра приказна – случајно. Група љубители на пиво поминале една зимска вечер зборувајќи за квалитетот на пивото, за начините на кои тоа може дополнително да се облагороди, да се направи различно и посебно.

„Додека разговаравме за нашите идеи, мене и на мојот пријател Марио Радиќ Филиповиќ ни падна на памет „Дингач“. Зошто пивото да не одлежи во барик буре во кое претходно се чувало нашето врвно вино“, открива за хрватскиот портал „Слободна Далмација“, Здеслав Бензон, за кој велат дека е таму најдобар познавач на пивото меѓу лекарите и најдобар доктор меѓу познавачите на пивото.

Не поминало долго време од идеја до реализација. Контактирале со винарот Ивица Радовиќ од Пељешец. Го прашале дали ќе им помогне, тој се согласил и толку…

„Тука нема голема мудрост. Го преточив виното, го ставив празното буре во автомобилот и тргнав кон Сплит“, вели винарот, а потоа додава:

„Виното надвор, пивото внатре“. Темното пиво, кое го крстиле „Мрка“ е прво во светот соединето со „Дингач“.

Пивото има 7,5 отсто алкохол и 27 единици горчина.

Во бурето од 225 литри, колку што има сега и од ова пиво, кое е лимитирана серија, стареело осум месеци на околу 5 степени Целзиусови. Велат дека пивото што го добиле е нешто што е уникатно по вкус, мирис, арома и по самата хармонија и комбинацијата на Дингач и стаут пиво.

Производителите решиле да го спакуваат пивото во шишиња и да го продадат по промотивна цена, а секоја куна потоа да оди во Жупаниската лига за борба против ракот.

„Во процесот на подготовка на пивото било користено и чоколадото од Доминиканската Република, со 99 отсто какао, а за таа количина биле потрошени четири килограми“, открива познатиот хрватски производител на крафт чоколадо Маринко Бишкиќ..

Оние кои го пробале „хуманитарното пиво“ коментираат дека е нешто најдобро што пробале досега.

]]>
На пиво на Пиволенд! https://artkujna.mk/%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d0%b8%d0%b2%d0%be-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d0%b8%d0%b2%d0%be%d0%bb%d0%b5%d0%bd%d0%b4/ Tue, 30 Aug 2022 13:13:19 +0000 https://artkujna.mk/?p=30153 Повеќе од 100 видови на пива, 50 артисти, музичка програма и скара и среќни и незаборавни моменти, ветуваат организаторите на Пиволенд 2022 кој ќе се одржува од утре (31.август) до 4.септември на скопскиот плоштад.]]>

Од утре, 31-ви август до 4-ти септември на плоштадот Македонија во Скопје ќе се одржи Пиволенд на кој е предвидено да настапат повеќе од 50 артисти во тек на петдневниот настан, но и да се точат повеќе од 100 видови пиво.

Пиволенд за последен пат се одржа во 2017 година, со локација на скопско Кале, а годинава скопјани, како големи љубители на добра забава и квалитетно пиво, се подготвени да постават нов пивски рекорд. Оваа манифестација по пауза од 5 години повторно се враќа пред скопската публика, со програма која ветува добра забава и новитети кои ќе овозможат уште едно незаборавно издание, ветуваат организаторите.  

На овогодинешниот Пиволенд ќе бидат поставени две сцени, „Main stage“ и „Craft stage“. На „Main stage “ќе настапат познатите македонски и балкански музички изведувачи, додека  „Craft stage“ ќе биде наменета за љубителите на алтернативната музика и младите талентирани артисти.

Истото ќе се случува и со пивата, односно, годинава својата шанса да се претстават ќе ја добијат и производителите на крафт пиво.

Пиволенд 2022 има за цел промоција на македонски и интернационални брендови на пиво, креирање на пивски бренд фестивал на локално и регионално ниво, зајакнување на пивската култура во Македонија, поддршка и афирмирање на млади македонски музички артисти пред публиката, како и промоција на Скопје како град на љубителите на пиво.

Влезот за посетителите ќе биде бесплатен.

]]>
Влијанието на пивото врз здравјето: Како се создал митот за пивскиот стомак https://artkujna.mk/%d0%b2%d0%bb%d0%b8%d1%98%d0%b0%d0%bd%d0%b8%d0%b5%d1%82%d0%be-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d0%b8%d0%b2%d0%be%d1%82%d0%be-%d0%b2%d1%80%d0%b7-%d0%b7%d0%b4%d1%80%d0%b0%d0%b2%d1%98%d0%b5%d1%82%d0%be-%d0%ba%d0%b0/ Fri, 26 Aug 2022 12:08:22 +0000 https://artkujna.mk/?p=30082 Пивото е меѓу петте најпопуларни пијалаци во светот. Со оглед на тоа дека повеќе од 90 отсто од неговиот состав е вода, лесно можеме да го сметаме како дневен придонес за внесот на течности. Често може да се слушне дека консумацијата на пиво може да предизвика „пивски стомак“, да придонесе за опуштање и да го стимулира производството на мајчиното млеко и да го зајакне доенчето. Дознајте што од наведеното е вистина]]>

Чесите се шампиони по бројот на литри пиво што се консумираат годишно. Тие пијат во просек по 156 литри годишно. Пивото е производ од вриење на посебно подготвен раствор од никнат јачмен со пивски квасец, на кој се додава хмељ за да се постигне подобар вкус и мирис. Со оглед на тоа дека повеќе од 90 проценти од пивото е вода, тоа лесно може да се смета за дневен придонес во внесот на течности.

Пивото не содржи масти, има малку протеини, а јаглехидратите главно доаѓаат од јачменот. Оние кои пијат пиво често ја оправдуваат љубовта кон пивото со посочување на тоа дека тоа им обезбедува важни витамини од групата Б. Навистина, квасецот одговорен за ферментација произведува витамини од групата Б кои остануваат во пивото. Витамините од групата Б кои се присутни во пивото се фолна киселина, Б12, Б1, Б2, Б3 и витамин Б6. Некои од витамините од оваа група се застапени во еден литар пиво во количина што ги задоволува дневните потреби.

Состојки за пиво
Пивото содржи и бројни минерали и елементи во трагови. Нивната количина зависи од потеклото на суровините, начините на подготовка и процесот на производство. Временските услови и составот на почвата на која се одгледува јачменот и хмељот играат голема улога во минералниот состав на пивото. Присуството на минерали како што се железо, хром, бакар, силициум, натриум и калиум е секако добра карактеристика. Односот на натриум и калиум е особено поволен, што е предуслов за рамнотежа на течностите во телото и спречување на зголемување на крвниот притисок.

Содржината на силициум е особено важна затоа што ретко го наоѓаме овој минерал толку добро застапен во храната, а добро позната е улогата на силициумот во одржувањето на здравјето и убавината на кожата и силните коски. Овој алкохолен пијалак содржи и цел спектар на биолошки активни супстанции од растенија, особено хмељ и јачмен. Меѓу овие фитохемикалии се полифенолите, познати по нивната антиоксидантна активност и како чувари на срцето и крвните садови. Но, најмногу надеж будат ксантохумол, фитохемикалија од хмељот која е горчлива и ароматична супстанца во пивото и има антиканцерогени ефекти, а истовремено придонесува и за заштита од губење на коскената маса, особено кај жените.

Дали пивото дебелее?

Често може да се слушне верувањето дека пиењето пиво предизвикува „пивски стомак“. Покрај тоа што овој урбан мит ги интригира луѓето, бројни научни студии со години се занимаваат со оваа тема. Во угледното списание Nutrition Reviews, беше објавена збирка од сите истражувања кои се занимаваа со внесот на пиво и неговата поврзаност со поголем обем на половината и дебелината. Тие разгледаа 35 набљудувачки и 12 експериментални студии. Истражувањата покажаа дека нема докази за ова кога станува збор за умерено консумирање на пиво.

Од друга страна, кај популацијата која консумира повеќе од 1 литар пиво дневно или повеќе од 4 литри неделно, најверојатно има акумулација на килограми во пределот на половината и вишок килограми воопшто, особено кај мажите. Имено, популационите студии спроведени во Германија, Велика Британија и САД, каде што просечната потрошувачка на пиво е висока, покажале дека оние луѓе кои пијат повеќе од 1 литар пиво дневно во просек имаат поголема тежина. Меѓутоа, истата поврзаност главно не била утврдена кај жените, веројатно затоа што жените воопшто ретко пијат големи количини пиво.

Факт е дека пивото има слична енергетска вредност како млекото и нема скриени соединенија кои би поттикнале зголемување на телесната тежина или формирање на пивски стомак. Прекумерното внесување на било каква храна или пијалак доведува до акумулација на масно ткиво и ја загрозува витката линија. Причината за евентуалната склоност кон дебелеење кај оние кои пијат пиво може да лежи во фактот дека со пивото понекогаш се претерува затоа што се смета за „течна храна“, а познато е дека течните калории не даваат исто чувство на ситост како цврстата храна. Понатаму, научно е докажано дека навиките во исхраната на оние кои пијат пиво се помалку во согласност со препораките за исхрана.

Иако тоа не е правило, страствените пивопијци треба да обрнат повеќе внимание на конзумирањето овошје, зеленчук и на квалитетот на мастите во исхраната и да уживаат помалку во грицките, пржената и мрсна храна, колбасите и брзата храна. Постоењето на „пивски стомак“ е последица не само од количината на пиво или кој било друг пијалак или храна што ги консумираме, туку и од нашиот начин на живот. Не постои механизам кој би влијаел на складирање на масти во пределот на стомакот поради консумирање пиво. Со други зборови, ако ги следите препораките, нема ризик од зголемување на телесната тежина или појава на стомак.

Како пивото влијае на здравјето?

Здравствените власти наведуваат дека пивото помага да се релаксира менталната напнатост и да се има добар сон. Умерено консумирање пиво – не повеќе од едно мало пиво дневно за жени и две мали пива за мажи – придонесува за исхраната, има релаксирачки ефект и може да помогне при несоница. Покрај содржината на алкохол, се верува дека за овој ефект е одговорен и хмељот, кој со векови се користи како природен седатив. Неколку научни студии укажуваат на благотворното дејство на умерената консумација на пиво во превенција од кардиоваскуларни болести, а се разгледува и позитивен ефект врз малигните заболувања, симптомите на менопаузата, остеопорозата и дијабетесот.

Пивото содржи бројни заштитни материи, на пример ферулинска киселина и полифеноли, со докажано хемопревентивно дејство, што укажува на потенцијалот за заштита од малигни заболувања. Претходно споменатата супстанција, ксантохумол, ги потиснува молекулите во телото кои ја катализираат прогресијата на ракот. Хумулон, горчлива супстанца од хмељ, ја попречува ангиогенезата (формирање на нови крвни садови), што се поврзува со прогресијата на туморот.

Дополнително, ксантохумол ја штити коскената маса и може да придонесе за спречување на остеопороза. Истражувањата покажуваат позитивен ефект на ксантохумолот врз диференцијацијата, созревањето и правилниот развој на остеобластите (клетките кои градат коски). За ефектот на оваа супстанца придонесува и содржината на силициум, кој игра важна улога во градењето на коските и одржувањето на силата. Пивото се истражува како потенцијална помош за превенција од дијабетес, невродегенеративни болести, деменција, а неодамнешните истражувања го поврзуваат консумирањето пиво со долговечноста.

Пиво за доилки, да или не?

Уште на почетокот на 20 век, народната медицина ги охрабрувала доилките да пијат пиво за „да го поттикнат производството на млеко и да го зајакнат доенчето“. Во народот и денес пивото е познато како пијалак за поттикнување на лактацијата, а модерната наука потврдила дека пивото го поттикнува производството на пролактин – хормон важен за производство на мајчиното млеко. Меѓутоа, денес се смета дека препораката за пиење пиво за доилките не е оправдана затоа што алкохолот се излачува во млекото и во исто време го менува вкусот на млекото, па доенчето на крајот пие помалку млеко.

Интересно, студиите покажале дека доенчињата пијат повеќе млеко кога мајката пие безалкохолно пиво во споредба со алкохолното пиво. Умерени количини пиво со малку алкохол или без алкохол може да бидат корисни. Ако ги земеме предвид сите овие добри точки, се чини дека умереното консумирање пиво може да има корисен ефект врз здравјето. Треба да се нагласи дека клучниот збор е „умерено“, што значи 3-6 дцл пиво дневно за мажи и до 3 дцл пиво дневно за жени!

]]>
Што ме гледаш, чести пиво https://artkujna.mk/%d1%88%d1%82%d0%be-%d0%bc%d0%b5-%d0%b3%d0%bb%d0%b5%d0%b4%d0%b0%d1%88-%d1%87%d0%b5%d1%81%d1%82%d0%b8-%d0%bf%d0%b8%d0%b2%d0%be/ Fri, 05 Aug 2022 11:42:30 +0000 https://artkujna.mk/?p=29808 Денес е првиот петок во август, денот кој од 2007.година се слави како Меѓународен ден на пивото. Ги побаравме нашите пријатели пивољупци, пивопијци, пивопознавачи и пивоправачи и ги прашавме како тие ќе го поминат овој убав и за нив празничен ден. ]]>

Денес, ако не сте знаеле, е меѓународен ден на пивото и можеби не е најпознатиот празник во светот, но на големите љубители на пиво и на неговите производители, им е омилен.

Нас на овој ден не потсети еден токму таков пивољубец, пивопиец, пивопознавач, пивски судија, сопственик на пивотека, организатор на Пивски салон и сопственик на порталот чие име е, а како поинаку ако не, „Сакам пиво“.

Станува збор за скопјанецот Марјан Костадиновски, чија порака за денов е многу трезвена и едноставна: „Консумирајте умерено и одговорно заради вас и блиските околу вас. Тоа е мојата порака“, се смее Мац кој на својот ФБ профил објави и фотографија на која токму по повод денот носи маица со интересен натпис: „Шо ме гледаш, плати пиво, ебаго“!

Фото: Фејсбук

Да, денес е првиот петок во август, денот кој од 2007.година се слави како Меѓународен ден на пивото, а востановен е во Калифорнија. За неколку години од локална манифестација прераснал во празник од светски размери.

Во чест на денешниот меѓународен ден на пивото, скопскиот пиварски крафт бренд СК091 изразува благодарност до сите локални поддржувачи на оваа занаетчиска гранка.

Всушност, станува збор за Димитар Блажевски, крафт пивар и сопственик на овој бренд кој веќе 5 години е дел од домашната пивска крафт сцена. Од нашиот последен разговор, тој има и доста новости, а со последните две пива е присутен и на хрватскиот пазар.

„Прва крафт лименка, прва соработка и прв gypsy brew кај нас. Можеби сме тивки, ама работиме“, се смее тој и објаснува дека влегол во соработка со македонско/хрватска пивара.

„Додека тие ме шират мене низ Хрватска, јас почнувам да ги носам нивните пива кај нас. Како за чудо, иако сме сите Македонци, можело да се соработува“, вели Димитар.

Тој порачува дека, иако кај нас крафт пивото е уште во зародиш, сепак, своите пионерски чекори, полека, но сигурно ги изодува со амбиција да фати сериозен приклучок кон светските трендови и светската сцена, која е веќе етаблирана.

„Пивата кои ги куваме со особено уживање и во кои ја внесуваме нашата лична креативност би сакале да ги задоволат вкусовите, не само на пошироките почитувачи на оваа сцена, туку и на вистинските сладокусци. Одличен доказ за тоа е првата, сега веќе и продолжена соработка меѓу македонскиот СК091 со хрватската пивара Hotch Potch и проширувањето на крафт пивата на повеќе меѓународни пазари. Брендот СК091 ви посакува убав летен ден и ви порачува да го направите вистинскиот избор за летно освежување во деновите што следат“, порачува Димитар.     

И третите пивољупци и пивари кои ги одбравме за да го збогатат овој пивски ден се нашите пријатели, браќата Горан и Марјан Бакревски, сопственици на првата крафт пиварница во Битола – „Бак“. Тие ни рекоа дека денов ќе го поминат работно, и тоа, после обврските на Горан во неговата стоматолошка ординација, а на Марјан со музиката, ќе продолжат со работа онаму каде што се чувствуваат најдобро, во својата микропиварница каде што работат со љубов, а работа ги прави вистински среќни.

„Да живее мајсторлукот кое од слад, хмељ, квасец и вода создава извонреден пијалак без вештачки додатоци, емулгатори и конзерванси и повеќе млади луѓе да си ја најдат својата професија од соништата“, порачуваат Бакревски шегувајќи се дека денес, во текот на денот е пожелно е да се „вртат тури“ и да се испробуваат старите омилени, но и новите пивски вкусови. Добро, но не и премногу разладени.

Пивото во многу земји се смета за прехранбен производ, а се прави од квасец, хмељ, јачмен и вода. Тоа е едно од најстарите пијалоци и се правело и во древен Египет. Застапен е насекаде низ светот, особено поради научно докажаниот факт дека е природен, биолошки избалансиран производ, кој, на пример, во еден литар има енергетска вредност еквивалентна на иста количина полномасно млеко.

Од клучно значење е сепак, умереноста во консумирањето алкохол, а тоа важи и за пивото. Иако има помал процент на алкохол, пивото во прекумерна количина може да ги има истите несакани ефекти како и жестоките пијалаци.

И така, ако сте и вие љубител на пиво, уживајте во некое одбрано, крафт, ладно пивце под дебела сенка и почестете некого, да ви биде убав денот!

]]>