Тартуфи ли се тартуфи…

Гастрономите до денес не можат да се согласат дали тартуфот е храна или зачин, но оние што го сакаат - го сакаат во се, додека пак оние кои не го поднесуваат неговиот мирис, не го сакаат во ниедна варијанта.

0
472

Иако официјално се сметаат за храна, тартуфите се користат како зачин, во многу мали количества и најчесто, при подготовка на едноставните јадења.

Се користат во сите кујни, но омилени им се на Италијанците, кои ги ставаат и во нивните кашкавали, во колбаси, во пиците, преливите за тестенините,…

Во производите повеќе се користат црни отколку бели тартуфи, заради помалку нападната арома, но и заради цената, затоа што производите со бели тартуфи се доста поскапи од оние со црни тартуфи.

Токму во овој дел од годината, почнувајќи од септември па се до декември, се вадат од земја најскапоцените бели тартуфи.

Свежите тартуфи имаат ограничен рок на траење, меѓутоа како преработка, во разни други производи, векот може да им се продолжи па во нивниот волшебен вкус и мирис може да се ужива во разни облици во текот на целата година. Треба да се има на ум дека луѓето се делат на две групи, на оние кои ги обожаваат, и на оние кои не можат да ги поднесат. Но бидејќи во многу производи со тартуфи ароматичната компонента е пригушена, можеби некои од преработките би можеле да им се допаднат и на оние кои не ги сакаат тартуфите во „чиста“ форма.

Меѓу производите е интересен кашкавалот со тартуфи, но и колбасите. Тартуфите постепено влегуваат во сите слоеви на гастрономијата, и во солената, но и во слатката сфера.

На пример, најраширен производ од тартуфи, се разните видови тартуфати – мелени или рендани црни и бели тартуфи со додаток на други видови печурки, најчесто шампињони и вргањи, но и рендани или мелени маслинки, капари и слично. Се продаваат во теглички, измешани со природни конзерванси, а најчесто се користат како преливи за тестенини или како намази за канапеи ако се измешаат со кремави сирења или нешто слично.

Се попопуларното сирење со црни тартуфи е достапно како меко или полутврдо сирење. Одлично е и рендано врз топли тестенини, но податно е и како самостоен сирен оброк, за предјадење или за десерт, со чаша ароматично вино. Некои производители во ваквото сирење ставаат само сечкани тартуфи, а некои ставаат половина сечкани, а половина мелени затоа што колку е поситна масата која се меша со сирната маса, толку е подобра аромата.

Маслиново масло со тартуфи се произведува со црни, и поретко со бели тартуфи, а има широка примена, може да се додава во секоја храна, дури и во салати, а најмногу се користи за тестенини, рижото и месни јадења. Маслиновото масло со тартуфи може да се прелие и врз сладолед од ванила, но оваа варијанта ние се уште не сме ја пробале.

Колбасите и саламите со тартуфи се релативен новитет, и најчесто се прават со свинско месо и црни тартуфи, но имаат одличен шмек, дури и за оние кои не се големи љубители на колбаси. Секако, за да ви се допаднат, мора да сте љубител на тартуфи.

Некои прават и мед со трошки од бел тартуф а оваа комбинација, велат, ја крева употребата на медот на сосема ново ниво, на пример, на комбинирање со зрели сирења, но и со чоколадни кремави колачи, палачинки или панакота.

Се прават и тестенини со тартуфи, но и чоколади и суви кекси.

Како и да е, производите со тартуфи не се консумираат во голема количина, туку само онака, колку да му се даде еден нов шмек на оброкот.

Во Македонија е регистриран црниот тартуф што го има во Мариово, Стогово и Куманово. За лоцирањето на оваа ретка габа се користат дресирани кучиња, а едно од нив чини 5.000 евра. Еден килограм од оваа подземна печурка чини 1 000 евра.