Три чекори до поздрава исхрана

0
401

Опкружени сме со изобилие од храна, изобилие од избори и да се храни човек здраво покрај ваква понуда, не би требало да претставува проблем. Храната е подостапна од било кога, барем така изгледа.

Од полиците на супермаркетите не намамуваат илјадници производи, прилагодени токму според нас, нашите деца, нашето семејство. Млечните производи се билдаат со калциум за да ни ги зајакнат коските, а се намалува процентот на мастите за да не ни ги затнуваат крвните садови. Шеќерот, како непријател број еден е одамна исфрлен од масата производи. Изгледа дека прехранбената индустрија прави сѐ за да бидеме поздрави посреќни. Токму прехранбената индустрија ги креира нашите знаења и ставови за храната за да создадат идеални потрошувачи.

Оние кои ќе се посомневаат во добрите намери на таа индустрија се вртат кон бројни алтернативни начини на исхрана кои ги има толку што одлуката за сопствената исхрана станува многу тешка задача.

Што да се јаде?

Што е здраво, поздраво, подобро? Да се исфрлат мастите и јаглените хидрати, месото или млечните производи?

Дури и кога ќе почнеме со некој од популарните диететски режими, многу е тешко да се помине низ процесот на прилагодување, а уште потешко да се одржи зададениот начин на исхрана долготрајно. Една од најчестите причини е внесувањето на недоволно нутритивно квалитетна храна која конечно доведува и до неурамнотежена исхрана која телото ја препознава како неодржлива.

Иако ги имаме на располагање сите видови на храна, и сезонска и вонсезонска, и локална и онаа од далечните земји, се храниме сѐ помалку квалитетно, a како последица на тоа има сѐ повеќе луѓе кои развиваат состојби и болести поврзани со недостаток на микронутриенти. Токму микронутриентите, витамините и минералите, се губат во производството и преработката на храната со која сме опкружени.

Индустриските преработки не лишуваат од есенцијални нутриенти

Со преработка на некои од базичните прехранбени производи како што се пченицата, маста и млекото индустријата не лиши од есенцијални нутриенти многу важни за нашето здравје.

Само со преработка на пченицата, тоа зрно кое со векови успешно го хранеше човештвото, се губат два многу важни микронутриенти, селен и магнезиум.

Во подрачјата кадешто е тлото богато со селен зачестеноста на ракот е помала. Недостатокот од селен значајно влијае на работата на штитната жлезда, генерално на метаболизмот, одбраната на телото од вируси и бројни други процеси во телото. Магнезиумот е важен за нормален метаболизам на калциумот.

Наспроти тоа што денеска преку млечните производи збогатени со калциум внесуваме големи количини калциум, остеопорозата е еден од најголемите здравствени проблеми. Без магнезиум калциумот наместо во коските ќе се таложи во меките ткива и на тој начин ќе придонесе за остеопорозата, но и за други пореметувања кои настануваат како последица од вишокот калциум во организмот.

Само една мала промена во начинот на исхрана, како што е користењето на целовита пченица, носи многу бенефити за здравјето. Заменете ги „белите“ тестенини и брашното со нивна целовита алтернатива и веќе ќе направите многу за своето здравје и за здравјето на своето семејство.

Мастите до неодамна беа главен виновник за водечките болести на денешницата. За среќа, сѐ повеќе стануваме свесни за важноста на мастите во секојдневната исхрана. Меѓутоа, исклучително е важно да се знае кои се добри, а кои лоши масти. Холестеролот и натаму се таложи во нашите крвни жили и предизвикува атеросклероза, тука не се сменило ништо! Исхраната богата со заситени масни киселини, особено оние од индустриско потекло, и натаму е одговорна за кардиоваскуларните болести, болестите на црниот дроб и дебелината. Рафинираните масла и масти како што се индустриските растителни масла и маргарини, и натаму се многу штетни за нашето здравје.

Добри масти се оние кои благотворно делуваат на нашиот организам, мастите од мешунките, од јаткастите плодови, семките, житарките и овошјето како што е авокадото. Исфрлете ги од својата кујна рафинираните масла и маргаринот и заменете ги со ладно цедено маслиново, ленено или сусамово масло. Путерот, и покрај тоа што е богат со заситени масни киселини, е подобра опција од маргаринот. Меѓутоа, целосното исфрлање на мастите од исхраната не е добра идеја затоа што се тие неопходни за нормално функционирањ ена организмот. Исто така, мастите се потребни и за апсорпција на витамините А, Д, Е и К. Често првиот чекор (веројатно и најлесниот) во намалувањето на внесувањето на масти е консумирањето на млечните производи со намален процент на масти. Во тој случај подобро одлучете се, генерално, за намалена консумација на млечни производи. Млечните производи со намалени масти нема да овозможат правилна апсорпција на горе наведените витамини и калциум.

Млечните производи, главно индустриските млечни преработки имаат голем удел во секојдневната исхрана. Разни јогурти, млечни намази, сирни преработки, млечни десерти се консумираат секојдневно затоа што се сметаат за здрава алтернатива за брзата храна. Еден од најчестите меѓуоброци, особено за децата, се токму таквите производи. Од најрана возраст на децата им нудиме шарени овошни јогурти и популарни млечни десерти во заблуда дека се хранливи, богати со калциум и витамини, а сигурни од лоши маснотии.Она што збаораваме е дека тие производи се произведени од индустриски преработено, денатурирано млеко кое е лишено од важните ензими, витамини, млечни масти и неопходни лактобактерии. Таквото млеко е ниско квалитетно и високо алергено.

Млечните преработки се збогатуваат со разни адитиви, стабилизатори, шеќери и бои, за да бидат повкусни и попривлечни. Калциумот кој е индустриски додаден во таквите производи, не може правилно да се апсорбира затоа што нема доволно млечни масти. Правилната апсорпција на калциумот е исклучително важна токму во периодот на раст и развој на децата кога е неопходен за уреден развој на коскениот систем. Домашното, сирово, полномасно млеко, како и свежите производи од такво млеко, се вистински избор. Индустриски произведените млечни десерти и шарени овошни јогурти се нутритивно неквалитетни и како такви, многу лош избор за периодот на раст и развој на детето. Ако не ви се достапни сирово млеко и млечни производи, во продавниците бирајте ги полномасните, ферментирани млечни производи без додадени шеќери и бои.