Уште еден голем интернационален кулинарски настан во Скопје

0
429

Шеесетина врвни мастер шеф судии и околу тристотина натпреварувачи и гости од цел свет го потврдија учеството на најголемиот кога било одржан кулинарски настан во поширокиот регион. Вториот Интернационален Гастрономски Натпревар – ГастроМак Македонија 2017, годинава ќе се одржи од 25 до 28 октомври во Струмица, а домаќин ќе биде Хотелот Вила Парк. Големиот настан кој е влезен во календарот на глобалните случувања од ваков тип, е во организација на Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија – ГастроМак, со логистичка поддршка од WACS – World Association of Chefs Societies, Светската организација на шефови на кујни, асоцијација која ги обединува националните кулинарски здруженија од преку 150 држави во светот.

“Годинешната манифестацијата ќе ја кренеме на највисоко рамниште и планираме во иднина да ја направиме традиционална годишна натпреварувачка ревија на шефови на кујни од светски размери во Македонија. На годинешниот интернационален натпревар имаме чест, како почесни гости и стручно жири, да дојдат повеќе великани во светската гастрономијата, вистински гастрономски гуруа, од сите страни на земјината топка, од Канада до Русија, од Исланд до Кипар.“, изјави Адријана Алачки, Претседателката на ГастроМак.

Натпреварот, кој што годинава се одржува под мотото “Залче од светските вкусови!”, практично, под универзалното знаме на гастрономијата ќе го обедини светскиот готвачки крем, кој во Струмица ќе го претставуваат судии, натпреварувачи и гости од триесетина земји, како што се: Португалија, Русија, Италија, Чешка, Велика Британија, Полска , САД, Канада, Србија, Словенија, Израел, Бугарија, Турција, Хрватска, Азербејџан, Романија, Пакистан, Албанија, Кипар, Исланд, Украина, Монголија, Босна и Херцеговина, Индија и, секако од Македонија.

На петдневниот настан во струмичкиот хотел Вила Парк, врвните кулинирски шефови ќе си ги одмеруваат силите во три натпреварувачки денови, 25, 26 и 27 октомври и тоа во 33 категории, поделени во четири сегменти: топло и ладно готвење, карвинг (изработка на фигури од овошје и зеленчук), како и подготовка на пица. Во исто време, во едукативниот дел, десетина експерти со Master Chef титулата ќе одржуваат повеќе Мастер класови. Манифестацијата ќе биде од отворен карактер, такашто сите заинтересирани ќе можат да ѕирнат зад готвачките боксови како се подготвуваат јадењата и десертите, но и да ги вкусат. Исто така, посетителите ќе можат да уживаат и во презентациите, дегустациите и другата програма што ја има подготвено ГастроМак асоцијацијата за време на сите денови на настанот.