Велигденски куглоф

Овој колач секогаш изгледа декоративно, а одличен е за сите пригоди. За да не ви здодее, играјте си со состојките и секојпат ставајте во него поинакви состојки.

0
292

Можеби некој ќе си каже, аман веќе од тој куглоф, ама верувајте, иако изгледа исто, секогаш можете да го правите со нови и поинакви состојки. Ние овојпат, овој Велигденски куглоф го направивме лесен, свеж и ароматичен, со сок и кора од портокал и лимон, со рум и суво овошје, со чоколадо и ореви.

Состојки:

4 јајца

100 г кафеав шеќер

120 г путер

500 г брашно

1 прашок за пециво

1 ванилин шеќер

цимет, каранфилче, ѓумбир

сок и кора од 1 портокал

сок и кора од 1 лимон

25 г какао

150 мл јогурт

150 г мелени ореви

5-6 урми

Суви брусници по желба

За прелив и декорација:

100 г црно чоколадо

малку путер

малку млеко

малку мелени ореви

парченца портокал

Приготвување:

Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилиниот шеќер. Додадете ги стопениот и оладен путер и јогуртот, а потоа полека додавајте ги другите состојки, освен какаото.

Калапот за куглоф намачкајте го со масло и поросете брашно и истурете дел од смесата, а во останатиот дел додадете го какаото и истурете го во калапот па измешајте полека со вилушка за да добиете шарено тесто.

Печете го на 180 степени околу 50 минути.

Направете го преливот и украсете го куглофот.