Винарија „Монтеко“: Традиција и автентичност

214

Уникатноста на вината „Монтеко“ доаѓа од природната средина во која виреат лозовите насади што се користат при производството, но и знаењето и умешноста на еден од најдобрите енолози во Македонија, Горан Mиланов. Тоа е винарија во која не се плашат да ви дадат да пробате и вино кое уште не е готово

Единствената винарија во Кратово, бутик винаријата „Монтеко“ е создадена во далечната 1956 година. Неодамна, со голема почит кон традицијата, но и големо знаење за новите технологии,
„Монтеко“ го модернизираше своето производство станувајќи катче во кое се спојуваат
богатото наследство, љубовта и мајсторството со најновите технолошки достигнувања
во производството на вино.
Винаријата најпрвин ја претстави палетата на бели вина, „Темјаника“ и
„Шардоне“, а потоа понудата на пазарот ја збогати и со две црвени куве вина – „Неро“
и „Филип“.

Белите вина на „Монтеко“ се вистинска ароматична симфонија во која
совршено се вкомпонирани цитрусни ноти, егзотично овошје, зачински билки и
ванила.

Црвените куве вина, пак, се препознатливи по интензивната рубин црвена
боја и елегантниот вкус на ситно зрнесто овошје, зачини и билки, надополнети со
дискретна арома на чад и ванила.

Наскоро винаријата ќе ја прошири понудата и со палета на црвени вина „Мерло“, „Вранец“ и „Каберне совињон“, како и барикно вино, со што ќе ја комплетира својата ризница на вкусови.
Уникатноста на вината „Монтеко“ доаѓа од природната средина во која виреат лозовите насади што се користат при производството, но и од знаењето и умешноста на еден од најдобрите енолози во Македонија, Горан Mиланов.

Тоа е винарија во која не се плашат да ви дадат да пробате и вино кое уште не е готово, бидејќи речиси секое од вината што ние од „Арт кујна“ и колегите од другите медиуми можевме да ги дегустираме во винаријата, веќе имаше вкус на вино кое веднаш може да се спакува во шише.

За оние пак, другите, професорот Миланов, многу јасно, прецизно и на јазик разбирлив и за оние кои не се познавачи, ја објасни секоја фаза од производството на виното и очекувањата за истото за година или две.

Лозовите насади се наоѓаат на голема надморска височина, на висок и стрмен планински терен каде што се изложени на чист воздух преку целата година, многубројни сончеви денови и умерена клима.

Затоа лозјата добиваат оптимална сончева светлина и топлина, што им овозможува да зреат
бавно и рамномерно, развивајќи сложени вкусови и живописни ароми.

Натамошната прецизна и внимателна селекција на гроздовите го обезбедува најдобриот род кој
влегува во натамошниот производствен процес.


Посебноста на вкусот на вината „Монтеко“ лежи и во вулканската почва на која се
засадени лозовите насади која богато ги храни со минерали, при што тие обликуваат
вина со ненадминлива чистота и карактер, висока свежина и интензивен вкус.
Уникатната средина во која виреат лозјата му дава карактеристичен печат на виното,
кој се препознава во секоја голтка.
Одгледувањето, бербата и зреењето на грозјето, како и производството во винарската
визба се строго контролирани процеси кои се одвиваат по највисоки стандарди, со
примена на најсовремена технологија и врвно знаење.

Во ризницата на вкусови „Монтеко“ се вткаени внимателно селектирани гроздови со посебни природни карактеристики, максимално контролиран процес на подготовка и зреење на виното,
како и долгогодишното знаење и искуството на целиот тим на енолози кој максимално се
вложува во својата работа.

Крајниот резултат се вина креирани со исклучителна страст и желба, кои ја отсликуваат богатата винска традиција на нашето поднебје.

Капацитетот на винаријата „Монтеко“ е 100 тони годишно, со што спаѓа во
категоријата на мали винарии. Плановите на менаџерскиот тим се да го зголеми
производството на 200 тони во следните две години.