Време е за старите, добри дуњи

Сезоната на дуњи ни тропа на врата и време е нашиот дом да замириса, ако ништо друго, барем на оној стар добар миризлив компот од дуњи кои сигурно го правеле и вашите баби.

0
700

За разлика од порано кога во домовите често се правел компот од дуњи, слатко, и слично, се чини дека во последно време, тие се неправедно запоставени во исхраната иако се неверојатно добри за нашето здравје. Згора на тоа, ефтини се и почнува периодот кога тие буквално ќе почнат да ни паѓаат на глава додека одиме по улица.
А постојат безброј начини како од нив да направите мноштво вкусни јадења, мармалад, слатко, сокови, сирење од дуњи
Дуњите се полни со витамини А и Ц, како и со антиоксиданси, кои му помагаат на нашето тело да апсорбира калциум и железо, да се борат против слободните радикали, кои ги оштетуваат клетките. Содржат магнезиум, фосфор, калиум и витамини Б комплекс (B3, B6 и B9). Делуваат антибактериски, добри се за варењето, срцето, крвта и за подигање на имунитетот.
Сирупот направен од дуњи е корисен против дијареа, а интересно е и тоа дека во минатото семките се користеле во народната медицина против дизентерија и гонореја. Исто така, кога семките ќе ги потопите во вода добивате специфична слузава течност која е одлична за воспалена кожа, но ако земете една лажица од неа можете да си олесните и некои проблеми со варењето. (Не ги јадете самите семки затоа што можат да бидат токсични ако ги земате во поголеми количини).

Зрелите дуњи можете да ги чувате на плакар и вашата куќа прекрасно ќе мириса, но во фрижидер можете да ги чувате и до 14 дена. Можете да ги јадете сирови, но имаат прилично горчлив вкус и тешки се за џвакање. Со варење овие лоши страни се елиминираат, а дуњите го задржуваат ароматичниот прекрасен мирис и благотворните својства. Со шеќер и мед можете од дуњите да направите преубави џемови и желеа.

Во рецептите можете да ги користите наместо јаболка и круши, само измијте ги со ладна вода, отстранете го централниот дел и семките и исечете ги на кришки. Ставете од нив и кога правите пекмези од јаболка затоа што имаат поголеми количини пектин. Кога правите пита од јаболка, додајте и дуњи (заменете 1/3 од јаболките со дуњи).