За среќа не треба многу: Качамак по рецепт на старите овчари и домашно кисело млеко

Токму за ова, за почетоците на брендот Кораб Трница, за нивната фарма, за природните производи, за продавниците, но и за луѓето кои живеат и работат во состав на фармата, зборувавме со Борис Дабевски, генерален директор и дел од сопственичката структура на фирмата.

0
1530

Пред точно една година престојував кај моите пријатели кои имаат викендичка во Маврово. Нормално, за разлика од пеколните летни горештини во Скопје, во Маврово летните денови се секогаш подносливи и пријатни.

Нема човек кој и во зима и во лето не им завидува на оние среќници кои имаат некаков покрив над глава во овој крај од Македонија. Се разбира, кога сте во Маврово, дел од приказната е и Трница и секако, комплексот и продавницата „Кораб Трница“.

Сите кои како деца доаѓале тука сигурно се сеќаваат на овој комплекс кој своите почетоци ги бележи во 1974. година.

И ние се потсетивме на минатото, а кога веќе бевме таму, пробавме и од надалеку познатиот качамак кој се служи со домашно кисело млеко, а се прави по рецептот кој потекнува од старите рекански овчари. Се разбира, во Скопје не си заминавме без да си купиме од познатите трнички сирења и кашкавал и прокоментиравме дека е вистинска штета што не може да си ја пренесеме целата продавница поблизу до нас. И замислете, наскоро дознавме дека е отворена продавница на Кораб Трница во склоп на пазарот „Буњаковец“, а потоа се отвори и друга, уште поблизу, на пазарот во Тафталиџе. Во меѓувреме дознавме дека во Скопје има вкупно 5 продавници под овој бренд.

За овој потег му честитавме на Борис Дабевски, генерален директор на Кораб Трница и дел од сопственичката структура на фирмата кој ни ја раскажа целата приказна за почетоците на брендот, за комплексот, за идеите, плановите и иднината на Кораб Трница.

Борис Дабевски

„Мојата фамилија потекнува од овој прекрасен крај. Јас живеев во Скопје но летните периоди со моите дедо и баба ги поминував во овој крај, а посебено доживување беше кога ќе ја посетевме Трница. По завршување на магистерските студии на Економскиот Факултет во Скопје започнав со работа во Кораб Трница и од тогаш до денес ја водам оваа компанија и сум во сопственичката структура на истата.

Меѓутоа, како бренд, „Кораб Трница“ постои од далечната 1945 година кога била организирана како сточарско стопанство. Најпрво се почнало со одгледување на овци во еколошки чистите предели на падините на Шара и Кораб. Производството на млечните производи се одвивало на планината Кораб, додека седиштете на тогашното стопанство било во месноста Трница. „Кораб Трница“ уште од тоа време започнува со отварање на свои продавници каде ги пласира своите природни производи, пред се, млечните производи кои се и основната дејност, но и други производи од сопствено производство како  што се медот и свежото месо.

Во периодот на осамостојување на Република Македонија, од сточарско стопанство Кораб Трница се трансформира во друштво со приватна сопственост.

Во 2015 година започнува процес на инвестиции и Кораб Трница се возобновува и модернизира, но се задржува духот на традицијата.

Идејата за ова се роди кај мене и уште неколку млади луѓе, мои партнери. Се согласивме дека производството, а особено производството на природна храна е основата за раст и развој. Со голем ентузијазам почнавме да ја реализираме идејата и нашето присуство наместо во големите урбани градови го концентриравме назад, во руралната средина и во недопрената природа.

Се разбира, таму не влечеа и корените. Живееме и работиме со желба се повеќе млади да се вратат во овој крај и да создаваат во овие прекрасни услови. Целта ни е да произведеме што повеќе видови природни производи и секоја педа земја во тие простори да  биде повторно обработена. Вложивме многу во овој проект и се уште вложуваме затоа што веруваме во успехот, а гаранција за успехот ни е квалитетот на нашите производи. Што се однесува до продавниците, сега засега имаме вкупно шест продавници, од кои едната е во склоп на самиот комплекс Кораб Трница во село Трница, а останатите пет се во Скопје (Буњаковец, Тафталиџе, во близина на ТЦ „Беверли Хилс“ во Капиштец, во ТЦ „Бисер“ во Аеродром и најновата, во населба Црниче, во близина на МВР)“, ја почнува Дабевски својата приказна.

Сите негови убави зборови за реканскиот крај се должат на навистина прекрасната и еколошки чиста природа, чистиот воздух, бујната вегетација и многуте речни сливови со бистра вода кои се вливаат во реката Радика, по што овој крај и го добива името рекански.

„Од кога почнавме да го создаваме концептот на Кораб Трница сакавме да постигнеме две работи, и двете поврзани со природата. Првата, преку ресторанот и сместувачките капацитети сакаме граѓаните од урбаните места да ги донесеме во недопрената природа, тука да го почувствуваат свежиот воздух, чистата планинска вода и вкусот на природата преточен во нашите производи. Втората, за оние граѓани од урбаните места кои немаат време, можност или желба да одат во природата, ние, преку отварањето на нашите 5 продавници во Скопје им ја донесовме  природата пред нивните домови“, објаснува тој.

За производство на млеко Кораб Трница има и своја фарма со високомлечни раси овци и кози од кои добиваат свежо млеко во текот на целата година.

„Тука имаме модерна фармa, а стадата ги пасеме на Кораб и на Шара. За разлика од номадскиот начин на чување и давање на млеко само во летната сезона, кај нас на фармата овците и козите се поделени на 12 групи при што секој месец имаме раѓање и молзење, односно во текот на целата година имаме јагниња и јариња за месо и млеко за нашите производи. Молзењето е современо и се прави машински, а за фармата се грижи тим од дипломирани млади ветеринари, а имаме и сопствена ветеринарна станица. Шталите се високи и модерни со услови за правилен раст и развој на добитокот. Директно за добитокот се грижат неколку семејства кои живеат и работат во состав на фармата. Тука се раѓаат нивните деца, тука растат и ние се надеваме дека еден ден кога ќе пораснат и тие ќе се грижат за неа и за добитокот.

Покрај сопствениот тов и одгледувањето на телиња, јуниња, јагниња и јариња, ние се трудиме да заинтересираме и други млади луѓе да воспостават со нас кооперантски однос и да се бават со чување на домашни животни и притоа бесплатно им го даваме нашето знаење и искуство, нашите увезени современи раси и нашиот природен начин на одгледување.

Овде е најважно да се напомене дека ние одиме на концепт крава – теле, овца – јагне, коза – јаре. Во Македонија одредени типови на месо во најголем дел доаѓаат од увоз како што е на пример со телешкото месо. Ние, спротивно на тоа, сметаме дека на нашите планини има доволно простор и доволно пасишта за да се произведе наше месо, прво за потребите на Република Македонија, а понатаму и за извоз. Овде би истакнал еден пример од нашите почетоци, кога на височина од 1600 до 2000 метри однесовме трактори и друга современа механизација, а мојот дедо ми рече: „немојте тоа да го правите тоа, ќе ви се смеат луѓето, таму се коси само со коса. Ние не само што косиме со механизација туку земјата ја обработуваме и садиме“, вели Дабевски.

За добриот глас за трничките сирења вели дека се должи токму на квалитетните стада на овци и кози кои тие ги развивале три години, со увоз на најразлични видови овци и кози од Европа, нивно вкрстување со наши автохтони раси и прилагодување преку систем на чување.

Исто така, вели тој, за да дадат стадата квалитетно млеко треба да конзумираат треви со најразлични видови на цвеќиња и чаеви кои растат на падините на Кораб и Шара. Потребен е и современ ладен систем на молзење, чување и транспорт на млекото, најважно од се, за ова квалитетно млеко да се преточи во врвни млечни производи, покрај опремата, потребен е и човечкиот фактор.

„Ние вработивме млади технолози кои покрај своето стекнато знаење во образованието, добија и практична обука од неколку стари мајстори – бачови, кои на времето работеле во Кораб Трница. Едноставно е направен спој на современото со традиционалното. Во палетата на млечни производи горди сме на традиционалното овчо трничко сирење, овчиот кашкавал „Кораб“ и нашето многу познато овчо кисело млеко, горди сме и на новите производи: козјото сирење, козјата сурутка и козјото кисело млеко, а особено сме горди на нашата иновативност преточена во овчото сирење со пиперки, миксот на овчо и козјо млеко во мешано сирење. Биеното сирење на Кораб Трница е посебна приказна на спој на традицијата и модерното и во него успеавме да го доловиме вкусот на некогашните погачи. Наскоро ќе се појават и нови типови на кашкавал во чии состав ќе има тревки и чаеви. Количините растат од ден на ден, како што растат нашите стада, така растат и количините од исти типови, но и новите типови и со тоа и нашиот број на нови млади вработени лица. Граѓаните го препознаваат нашиот квалитет, природното во нашите производи и се повеќе ги конзумираат истите а ние се трудиме да произведеме се повеќе“, раскажува Дабевски.

Покрај млечните производи и свежото месо, Кораб Трница е позната и по производството на мед.

„Имаме сопствени кошници со пчели од кои добиваме 100 % природен мед. Под брендот на Кораб Трница во нашите продавници имаме широка палета на сувомеснати производи. Наскоро, покрај телешкото, јунешкото, јарешкото и јагнешкото месо ќе имаме и зајачко месо. Не застануваме тука и следното што го планираме е собирање и пакување на различни шумски плодови, чаеви и слично“, вели нашиот соговорник.

Инаку, ресторанот Кораб Трница кој постои од 1974.година, денеска е реновиран и проширен, меѓутоа, автентичниот изглед е задржан. Ресторанот е во сопственост на Кораб Трница и е дел од комплексот во кој има и сместувачки комплекс составен од два објекти, но и простор за кампување, кој е опремен со комплетна инфраструктура. Комплексот нуди и забавни активности како: јавање коњи, планинарење, велосипедизам и кајакарење. Најпознат специјалитет во ресторанот е качамакот кои се служи со кисело млеко.

Рецептот за качамакот потекнува од старите овчари. Покрај качамакот, во ресторанот се служат рекански пити, трничка фулија, позната и како тури потпечи, леб од фурна, традиционални десерти, свежа пастрмка јагнешко, јарешко и телешко печење кои се карактеристични за реканскиот крај. Сето ова, вели Дабевски, го прават повеќе рекански домаќинки, кои своите чувани рецепти ги преточија во професионален ангажман и секојдневно творат и создаваат прекрасни јадења.

Драгица Христова