Згответе го плевелот, направете сируп од јоргованот, сварете си кафе од глуварче

Елена Доленц која со сопругот Дарио и трите деца пред повеќе од 3 години се доселила во селото Шлегово ни покажа како изгледа менито на едно семејство кое живее во симбиоза со природата и животните. Настанот наречен „Готвење со диви билки“ се одржа во саботата (04.мај) во скопско горно Нерези

0
338

Изминатиов викенд во село горно Нерези се готвеше со диви билки. Токму така – „Готвење со диви билки“, беше наречен и настанот на кој Елена Доленц покажа како може да се искористи она што ни го дава природата, а притоа да се јаде и вкусно и здраво.

„Целта на настанот беше подобро да се запознаеме со природата која не опкружува и да научиме како да го искористиме она што таа ни го дава. Кај нас растат навистина многу видови на јадливи и лековити билки, а истите сѐ помалку се употребуваат. Она што некогаш секојдневно било застапено во кујните на нашите прабаби, ние денес го нарекуваме плевел, го корнеме, го одминуваме и за нас нема никакво значење. Свеста за улогата на сите овие билки е сѐ помала, па така овој настан освен што понуди едно прекрасно уживање во бои, мириси и вкусови, имаше и едукативна цел и на истиот се споделуваа информации за билките што ги употребувавме. Сите рецепти претходно ни беа испробани и беа запазени сите мерки на претпазливост. Во рецептите доминираа дивите билки и истите беа приготвени на начини кои овозможуваа да се зачуваат хранливите состојки“, објаснува Елена која со семејството, сопругот Дарио и трите деца, од пред повеќе од 3 години заминала да живее во селото Шлегово, близу Кратово.

Таа покажа како изгледа менито на едно семејство кое живее во симбиоза со природата и животните.

На настанот беа послужени цветни бомбици, тава со пролетни зелени растенија (коприва, штавел, тегавец, лист од лоза), песто од див лук, намаз од листови од црн слез, салата од сезонски тревки и цвеќиња, сируп од јоргован, свежо цедени напитоци, похуван цвет од црвена детелина, кафе од корен од глуварче и кафе од корен од цикорија и други цветни и помалку цветни деликатеси, но и убави, жолти домашни јајца кои како објаснување за „градските вегани“, не се кутри неродени пилиња, туку неоплодени јајца кои ова семејство ги користи за да може да опстане, особено во студените месеци кога е многу тешко, можеби и невозможно да се преживее исклучиво на растителна храна (секако, во случај како нивниот, кога сам си ја одгледуваш или береш храната).

Во тој случај, како опција остануваат јајцата и млечните производи од домашни животни, кои секако, се чуваат на најприроден начин, со многу љубов и почит. Тогаш се јадат јајцата кои не се оплодени, и за кокошката се вишок и отпад, и како споредба, нивното користење од страна на луѓето, за кокошката е како користењето на нејзиниот измет за ѓубриво или на паднатите пердуви како украс.

Ова семејство со својот начин на живот покажува и дека човекот и домашните животни не секогаш имаат врска проследена со мачење и болка. Во природни услови тие можат да живеат во симбиоза, да си разменуваат корисни нешта и да се грижат едни за други.

Елена и Дарио се млади и едноставни луѓе кои сакаат чиста и здрава храна за себе, а пред сѐ, за своите деца, а бидејќи во нивното село нема доволно билна храна преку цела година, наместо да гладуваат, се разбира дека јадат неоплодени јајца од домашни, селски кокошки, а поради истите причини понекогаш користат и млечни производи. На пример, својата ќеркичка која престанала да цица на 6 месеци, Елена ја расне со млеко од кози кои пасат во планина, од чисто место, кои не се малтретирани, а млекото не им се зема кога имаат бебиња, туку се молзат само неколку месеци во годината, и се почитува нивниот животен циклус.

Впрочем, денеска е актуелна и продажбата на човечко млеко па жените кои немаат млеко или не сакаат да ги дојат своите бебиња, можат да си купат „мајчино“ млеко. Познато е дека и во минатото, многу жени кои имале многу млеко, освен своето, доеле и други бебиња на жени кои не можеле да ги дојат своите. Зошто не би зеле малку млеко за своето дете од козичка или кравичка?!

Како и да е, секогаш ќе постојат различни мислења, но сѐ додека постојат семејства како ова, кое одбрало да им се врати на корените и да живее чисто и здраво, значи дека има надеж за здрав опстанок и на луѓето, и на животните и на природата.