Знаете ли што е тоа За‘атар?

Едноставно направете брзо Пинтерест пребарување за за'атар и ќе ви излезат десетици и десетици рецепти во кои овој зачин се употребува.

0
232

За’атар е зачин – поточно, мешавина од зачини.

Повеќето интернет пребарувања ќе ви кажат дека за’атар е направен од мајчина душица, мајоран, семе од сусам, а понекогаш и сумак. Но, попрецизно, за’атар е направен од еден вид оригано, наречен исоп (hyssop), кој потекнува од Средниот Исток и Јужна Европа.

Повеќето за’атарски мешавини содржат мешавина од мајчина душица, оригано, семе од сусам, сол и сумак, уште еден популарен вкус на блискоисточната кујна. Сумакот има вкус на лимон и црвеникава боја.
Инаку, зачинот за’атар е неверојатно популарен во Израел, кадешто можете да го најдете потпечен во лепчиња, попрскан над хумусот и во преливи и маринади за салата, риба и пилешко.

Но, секоја земја и регион на Блискиот исток, всушност, имаат свои мали варијации за мешавината на зачинот за’атар, некои се многу зелени, додека други имаат повеќе сумак, што им дава црвеникава боја, а други пак имаат многу семе од сусам.

Значи, можете да направите своја сопствена мешавина, а потоа да ја прилагодите на вашиот вкус.

Состојки:

2 лажици сува мајчина душица

1 лажица суво оригано

1 лажица крупна хималајска сол

3 лажици потпечен сусам

3 лажици мелен сумак

Приготвување:

Мајчината душица, ориганото, солта и 2 лажици потпечен сусам се мелат, но не премногу, напротив, треба да бидат смелени крупно и малку да се соединат, а не како прав.

Потоа се додава сумакот и преостанатата лажица потпечен цел сусам, убаво се меша и зачинот може да се користи.

Сите зачини, па дури и сумак, ги има и кај нас, а последниов со сигурност може да се најде на Бит-пазар.

Фото:Tom Hermans on Unsplash