Александра Атанасовска: Се запишав на фармација, завршив готвејќи со најдобрите

639

Оваа млада готвачка има големи планови за иднината, се обучува и работи во Мишелин ресторани и сонува за свој. Во меѓувреме, за време на карантинот, експериментира во кујната и работи на фармата одгледувајќи свои билки, овошје и зеленчук, бидејќи смета дека домашната органска храна е многу важен сегмент во готвењето.

Александра Атанасовска почнала сериозно да се вљубува во готвењето во своите тинејџерски години. Растела во големо семејство во кое традицијата, храната и нејзиното приготвување биле од големо значење и имале големо влијание врз неа уште од детството кога таа како љубопитно дете постојано сакала да им „ги меша тенџерињата“ на нејзините мајка и баба.

„Никој во семејството не се занимава професионално со готвење, но научив многу од мајка ми и од баба ми, а понатаму почнав самостојно да учам и да го развивам својот идентитет како иден готвач. Бев љубопитна и креативниот процес на готвењето почнав често да го практикувам дома и да испробувам да правам секакви рецепти. Секое слободно време го користев да зготвам нешто интересно.

Па така го оставив Фармацевтскиот факултет, се пронајдов во готвењето и навистина навлегов во теоријата на кулинарството и гастрономијата. Почнав сама да учам, преку читање на многу книги за гастрономија и готвење, како и со работење и пракса надвор од државата. Посетував обуки и работилници во земјава и во странство, а од секогаш најмногу ме дасцинирале и ме инспирирале . високата гастрономија и фајн дајнинг рестораните. Ми се допаѓа принципот на нивната работа, посветеноста и дисциплината на готвачите, тимската работа, креативноста, уметноста, техниките на готвење,  работењето со првокласни состојки, но и знаењето од едноставни состојки да создадеш ремек дело.

Се стремев кон тоа да  да учам и да соработувам со професионалци, па почнав да аплицирам за размени и обуки. Меѓудругите, во Пелегрини, ресторан со една Мишелин ѕвезда во Шибеник, Хрватска, потоа во уште еден ресторан со една Мишелин ѕвезда – Kokkeriet во Копенхаген, Данска, како и во ресторанот со 3 Мишелин ѕвезди – Frantzen во Стокхолм, Шведска кој се наоѓа и на листата од 50 најдобри ресторани во светот. Од големо значење за мојот развој беше токму работата за шеф Бјорн Франзен и за неговиот ресторан, но и искуството од работата со шеф Магнус од Данска, Маркус Џернмарк од Шведска, Рудолф Штефан од Хрватска…

Во Македонија сум работела на повеќе места од кои би ги издвоила оние кои ми се навистина драги и ми оставиле впечаток: „Јавна соба“, хотел „Радика“ во Маврово, рестораните „Антигона“ и „Маџо“. Во текот на мојата работа имав чест да работам со многу талентирани готвачи од земјава меѓу кои Софка Камиловска, Филип Поповски, Дејан Главчев, Филип Чаловски…

За време на карантинот сум дома и секако, не го занемарувам готвењето, како и можноста да експериментирам со нешто ново или да прочитам нова книга. Исто така се фокусирам на работењето на фармата и одгледување свои билки, овошје и зеленчук, бидејќи сметам дека домашната органска храна е многу важен сегмент во готвењето.

На читателите кои сакаат да готват би им предложила да готват со локални сезонски состојки, да истражуваат во готвењето и да не се плашат да зготват некој рецепт кој навидум се чини тежок, да научат нови нешта и да се вљубат во процесот на готвење.

По завршувањето на карантинот секако би продолжила да работам и да се  фокусирам повеќе на фајн дајнинг сцената во нашата земја. Имам во план многу проекти кои се надевам набрзо ќе се реализираат.

Секако не престанувам да сонувам и целам кон тоа некогаш да си имам некое свое катче каде би можела да ја изразам мојата страст кон храната и готвењето и да им овозможам на гостите едно поинакво искуство. Би било прекрасно и доколку се закити со некоја ѕвезда, но и не е пресудно бидејќи среќните клиенти се ѕвездата на ресторанот. Не е доволно само да си го нахраниме телото, понекогаш е потребно да си ја нахраниме душата и да си дозволиме некое гастрономско патување на сетилата“, вели нашата соговорничка Александра.