Бојана Димитрова: Убаво ми е кога ќе се исклучам од сé и ќе се задлабочам во сецкање и мешање

361

Нашата соговорничка и нејзината сестра Маја се авторки на првиот македонски блог за храна – Ситно сецкано. За Бојана готвењето не е обврска, напротив, ѝ се допаѓа да смислува што да биде следно за ручек или кое благо да го направи. „Не ги бројам следбениците, ама мило ми е што има луѓе кои готват по моите рецепти“, вели таа.

Ситно сецкано (sitnoseckano.com) е првиот македонски блог за храна … Верувале или не, постои веќе 11 години. Го почнале две сестри – Маја и нашата соговорничка Бојана. Рецептите ги фотографира сопругот на Бојана – Даниел, а ги дегустира целото семејство, особено синовите – осумнаесетгодишниот  Мартин и тригодишниот Горјан.

Иако помала од Бојана, Маја прва почнала да се интересира за готвење, а Бојана се приклучила подоцна, како што вели, негде во средината на своите дваесети. А од тогаш не престанала.

„Многу ми е интересно готвењето, ми се допаѓа да смислувам што да биде следно за ручек или кое благо да го направам, и убаво ми е кога ќе се исклучам од сé и ќе се задлабочам во сецкање и мешање.
Важно ми е да јадеме разновидни работи, сезонски, по можност локални. Секогаш имаме дома разни зеленчуци и овошја, па обично кога размислувам што да зготвам тргнувам од тоа – гледам што има свежо во фрижидер и правам разни комбинации. Листата на рецепти што сакам да ги пробам станува сé подолга и подолга“, вели Бојана која ни раскажа и како почнале со својот блог.

„Јас и сестра ми можеме со саати да зборуваме за разни јадења и рецепти. Во еден разговор таа предложи наместо да прераскажуваме рецепти по телефон, да отвориме блог за готвење. Следните денови јас го смислив името, а мојот сопруг Даниел ја фотографираше питата што ја направив и на 9. март 2009. година го почнавме блогот. Подоцна, од другарка ми Ива го добив за роденден sitnoseckano.com и тоа беше почетокот“, раскажува Бојана.

‘Ситно сецкано’ има свои следбеници, но Бојана признава дека нивниот број никогаш не ѝ бил важен.

„Точната бројка на следбеници никогаш не била важна. Многу поважно е тоа што има луѓе кои ги готват рецептите и мене ми е многу мило кога ќе ми кажат дека јадењето им се допаднало. А кај нас дома, кога ќе зготвам нешто ново, сите се навикнати на тоа дека храната прво мора да се фотографира, а дури потоа да се проба. Никој не се буни и сите помагаат ако треба да придржат или да помрднат нешто. Ова и онака кратко трае бидејќи сме веќе испраксирани, а и сите едвај чекаме да седнеме и да го пробаме јадењето“, вели Бојана.

Она што сепак ѝ го забележуваат нејзините дома е тоа што често експериментира и ги менува рецептите.

„Има толку многу рецепти што сакам да ги пробам што останува малку време за повторување на истите јадења. Гледам да им ги исполнам желбите, ги готвам работите што сакаат да ги јадат, со тоа што не се придржувам строго до еден рецепт, туку менувам некои од состојките, во зависност од сезоната или зеленчуците кои ги имаме моментално дома“, објаснува таа.

Со оглед на тоа што на ‘Ситно сецкано’ има доста рецепти со состојки кои не се многу вообичаени во нашето секојдневје, Бојана, иако денес веќе многу од тие невообичаени состојки можат да се најдат и кај нас за разлика од времето кога го почнале блогот, наведува со што можат да се заменат, а понекогаш и нејзините следбеници знаат да ја прашаат на фејсбук или на инстаграм каде можат да ги најдат или како да го направат јадењето без нив.

За тоа дали љубовта кон готвењето во нејзиното семејство е генетски предодредена и од кого ја наследиле, Бојана вели: „Мислам дека најмногу од мајка ми, иако во мојата фамилија сите се големи готвачи – моите две баби, вујко ми, братучедите…“

Вели дека кога јаде некаде надвор и кога ќе ѝ се допадне некое јадење, ретко го бара рецептот, поитересно ѝ е да погодува што сѐ има во него, иако ѝ се случило и да побара, а да не го добие.

За Бојана ова чување на некој рецепт во тајност е многу интересен феномен. Самата секогаш великодушно ги споделува своите рецепти, а во контекст на ова доволно зборува и тоа што повеќе пати досега организирала и часови за готвење.

„Часовите за готвење ги ставив на пауза додека бев бремена со Горјан и мислев дека ќе можам да продолжам набрзо откако се роди син ми, ама не излезе така. Сé уште сакам да продолжам со организирањето на часовите, ама ќе видиме, можеби ќе го направам тоа после кризава“, вели Бојана.

Иако сака да прави и слатки и солени рецепти, признава дека во моментов најинтересно ѝ е да се занимава со тесто, па прави лебови, кифлички, земички… особено од оние без квасец – со ‘маја’.

Избегнува премногу обработена храна и гледа да купува обични намирници, разни житарки, грав, леќа, зеленчук и овошје и најголем дел од она што го јадат да биде зготвено дома.

„Правам леб, гранола, кефир, сладоледи, колачи, крекери… не дека е тоа не знам колку строго, се случува понекогаш по некоја купечка наполитанка да помине, ама се трудам наместо купечки, почесто да јадеме работи кои се зготвени дома. Ако ме прашате што никогаш немаме дома, тогаш тоа е купечки кечап и маргарин. А она што секогаш го имаме се свеж зеленчук, овошје и кефир.

Овој период на корона кризата готвам уште повеќе затоа што сме и повеќе дома, но не стигнувам да зготвам онолку колку што децата можат да изедат. Експериментирањето е тука како и секогаш.

Што се однесува до блогот, искрено, последниве години имав многу малку време да му посветам на ‘Ситно сецкано’. Ретко успевав да напишам некој нов рецепт. Имам многу идеи за развој, но сега засега функционираме вака, блогот, инстаграм и фејсбук“, вели Бојана.

Таа досега имала и неколку понуди за рекламирање на нејзиниот блог и вели дека тоа е секогаш интересно размрдување во нејзината кујна додека смислува начини да ги инкорпорира тие производи во своите рецепти.

Многу пати со Даниел зборувале и на темата – издавање на книга со рецепти, па на нашето прашање на оваа тема вели: „Ќе биде еден ден“.

Во однос на плановите за евентуално отворање на сопствен ресторан признава дека е тоа нејзина дамнешна желба. И не само што не би имала проблем да готви таму, напротив, многу ја интересира како би изгледало тоа. Но плановите сé уште се крчкаат.

Местото кадешто би сакала да отиде откако ќе се отворат рестораните е арапскиот ресторан Allspice, во центарот на Скопје.

„Имам неколку омилени места, ама прво би отишла во Аllspice. Таму требаше да излезам со неколку другарки баш кога почна ова, и моравме да откажеме“, вели Бојана.

Еден од нејзините нови рецепти кој несебично го споделува со нашите читатели е рецептот за Мока чизкејк со маскарпоне.

Состојки:

За основата:

200 г мелени бисквити
1 лажица цимет
2 лажици какао во прав
80 г стопен путер

За филот (користам шолја од 250 мл):
400 г маскарпоне
1 шолја кисела павлака
1 шолја слатка павлака (неутрална, без шеќер)
3 јајца
3 лажици брашно
1 шолја шеќер
1 лажица инстант кафе
2 лажици какао во прав
100 г темно чоколадо, стопено и малку оладено

Приготвување:

Јас обично ги дробам бисквитите со толчник, ама секако може и да се сомелат со машина за мелење.

Помешајте ги бисквитите со циметот, какаото и стопениот путер и притиснете ги на дното и малку по страните на тавче со пречник од околу 22 цм. Ставете го тестото да се пече околу 6 – 7 минути во рерна загреана на 170°C.

Додека тестото се пече, изматете ги со миксер состојките за филот, прво маскарпонето со киселата и слатката павлака, па потоа и другите состојки, стопеното и оладено чоколадо се додава на крај. Кога тестото малку ќе се подолади ставете го филот врз тестото, а тавчето со чизкејк ставете го во поголемо тавче. Ставете ги двете тавчиња во рерна, сé уште загреана на 170°C, и истурете жешка вода во поголемото тавче, до половина од висината на помалото тавче. Печето го чизкејкот 40 – 60 минути, во зависност од рерната. Кога е готово во средината треба да е полуцврсто, не целосно испечено. Почекајте да се олади, па ставете го чизкејкот во фрижидер да отстои неколку часа пред да го послужите.

Фото: Даниел Ѓурчиновски