Винарот Илиев јуниор е горд на своето потекло и ја продолжува традицијата: Приказната за виното почнува во лозјето

1.891

Од прадедо и дедо, сето лозје, знаење, искуство и љубов сега се во рацете на младиот Стојан Илиев и на неговиот татко Димче кој му е постојана поддршка и ветер во грбот. Тиквешијата, виното, ракијата и маџунот се неразделни приказни па така и оваа на винаријата Илиев.

Уште една винска приказна која се пренесува од татко на син е и приказната за винаријата Илиев. А таа почнува од грозјето, од детството поминато помеѓу лозовите насади и берачите на грозје, како и сите вистински вински приказни, веќе раскажаните и оние кои сѐ уште не сме ги раскажале.

Приказната на винаријата Илиев почнува пред 60 години кога прадедото на нашиот соговорник Стојан почнал да се занимава со лозарство, а подоцна и со производство на вино и ракија од сопствено грозје. Од една до друга генерација се пренесувала сопственоста на лозјата, но и работата, знаењето и љубовта кон лозарството и кон производството на вино и ракија, пијалаци кои секогаш биле присутни во домот и за лек и за задоволство.

Винаријата Илиев е мала семејна винарија која е лоцирана во Тиквешкиот вински регион и се занимава со производство на висококвалитетно вино од сортите Темјаника, Рајнски Ризлинг, Совињон Бланк, Розе, Каберне Совињон и Сирах. Сите, од сопствено грозје.

Винаријата, со грозјето од семејните лозја и знаењето пренесено од претходните генерации ја почнал Димче Илиев, таткото на нашиот соговорник, во 2005 година.

„Тогаш татко ми го произведува своето прво вино наменето за пазарот и со тоа започнува приказната за нашата винарија. Поради тогашните закони кои не беа погодни за мали винарии, винаријата престана со работа во 2011 година, но производството на вино не престана, секако, за домашни потреби. Сѐ до 2020 година кога решив да ја продолжам традицијата и по измена на Законот за вино се регистиравме како мала семејна винарија“, раскажува Стојан кому голема поддршка во работата, а особено кога станува збор за промоција на нивните вина, му е и неговата девојка Елена.

Од кога се регистрирала винаријата Стојан е главен мајстор за виното и тој одлучува кои сорти на вино ќе се прават и на кој начин. И со право, зашто Стојан е студент на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, насока- прехрамбена технологија, токму со цел да го збогати своето знаење во делот на производството и да ја продолжи семејната традиција во производство на вино, но на едно повисоко ниво.

Секако, неговиот татко Димче Денеска, со своето искуство, како одличен  познавач на виното и лозарството, е неговиот ветер во грбот. Има помош и од останатите членови на семејството бидејќи е ова сепак семејна винарија, како и другите семејни винарии функционира токму така, со здружени сили и во рамките на семејството.

А работа има за сите, од одгледување на лозјето, до правење на виното, флаширање и лепење етикети. Стојан има помал брат Иван, кој помага во основните работи, но бидејќи е сѐ уште средношколец со свои интереси и цели, не е целосно вклучен во производството.

„Нашата примарна дејност е лозарството. Ние сме лозаропроизводители и со квалитетно производство на грозје добиваме и квалитетно вино. Како винарија поседуваме и обработуваме 17 хектари сопствени лозови насади од кои годишно произведуваме од 280-300 тони грозје. Од таа количина ние селектираме 30 тони квалитетно грозје за производство на нашето вино. Од оваа година количината на производство се зголеми, па така нашата винарија произведе 14 илјади литри вино. Со труд, љубов, внимание и многу работа се трудиме да бидеме во чекор со најновите трендови во производството на вино. Сортите ризлинг, темјаника, совињон и сирах се од микролокацијата Кошариште, веднаш до микролокацијата Вршник, а каберне совињон се наоѓа на микролокацијата Лазарица, на неколку метри од Лепово. Односно сите лозја се наоѓаат во близина на село Сопот. За обработка на лозовите насади имаме соодветна нова механизација која ни ја олеснува работата, а воедно ги следиме новите европски трендови“, вели Стојан кој е особено горд на тоа што целата количина вино се прави исклучиво од нивните лозја.

„Добро е познато дека виното се прави уште на лозовиот насад. Без добра суровина, односно, без квалитетно грозје, нема ниту добро вино, па затоа се стремиме кон производство на квалитетно грозје“, вели младиот сопственик.

За свое најзначајно вино го сметаат виното Розе кое им е најпродавано. Се разбира, тука се и Темјаниката и Ризлингот, а од црвените – Каберне Совињон.

„Произведуваме вино од сортите Рајнски Ризлинг, Темјаника, Розе, Совињон Бланк, Сирах и Каберне Совињон. Имаме визба која е опремена со иноксни цистерни, а од оваа година имаме и две нови дабови буриња во кои годинава ќе ги направиме нашите први барик вина. За првпат оваа година учествувавме и на еден вински фестивал со натпреварувачки карактер (The Balkans International Wine Competition and Festival), кој се одржа во Саламина- Грција. Нашите две вина кои учествуваа на овој натпревар ги добија своите први меѓународни признанија: Златен медал за нашето Розе 2021 и Сребрен медал за Рајнскиот Ризлинг 2021“, се пофалија тие.  

Винаријата Илиев е добитник и на уште едно меѓународно признание на еден од најпрестижните вински натпревари во светот Mundus Vini 2022, каде што нивното вино од сортата Темјаника го добило своето прво признание – Сребрен медал во конкуренција од илјадници вина од различни земји од светот. 

„Овие награди претставуваат голем успех за нас како мала семејна винарија, но и голем поттик да продолжиме и понатаму да работиме напорно и да ги достигнеме нашите цели“, вели Стојан. 

Винаријата е дел од здружението на Тиквешки семејни винарии од самиот почеток, а изложуваат на Винскиот салон на Слоу фуд две години по ред.

Нивните вина веќе можат да се најдат во неколку винотеки во Скопје, Прилеп и Охрид, како и во неколку ресторани во Кавадарци и во Скопје. Но секој кој е  заинтересиран за нивните вина може да ги контактира и преку социјалните мрежи и директно да си порача од винаријата.

А кај нив дома, не се седнува на трпеза без вино и секојдневно се уживаат плодовите на нивниот труд.

И секако, како и другите производители на вино од тиквешкиот регион и тие, освен вино произведуваат и ракија, како и мастика и добро познатиот маџун.

„За оние кои не се запознаени, маџунот е 100% природен производ без додаток на шеќер, адитиви и конзерванси и претставува природен засладувач кој се произведува од гроздов сок. Овој производ кој се употребува како храна, сѐ повеќе се бара и како лек. А ние почитуваме сѐ што е домашно и органско па секој имал прилика да не посети добро знае дека кај нас на трпеза секогаш имаме сѐ што може да се одгледува и да се произведе дома, на пример, домашно свинско месо, чварки, свинска чадена и пилешка печеница, зеленчук и овошје“, вели Стојан и порачува дека, иако моментално винаријата не прави понуди за дегустации и посети, ако некој се наоѓа во околината и сака да ја посети нивната винарија, вратата му е отворена.