Водич за компостирање дома

Фото: Unsplash
397

Иако многумина не сакаат да прифатат компостирање бидејќи мислат дека тоа е комплицирана задача, која вклучува неред и многу непријатни мириси, тоа не е точно. Можете лесно да направите свој компост, кој ќе ја збогати почвата во градината и ќе го намали отпадот во вашата корпа за отпадоци.

Ако имате сопствена градина и сакате да ја оплемените и збогатите земјата, не заборавајте да направите свој компост од биоотпадот што ви се собира во и околу вашиот дом.

Секојдневно фрлате во ѓубре лушпи од разни овошја и зеленчуци, талог од кафе, кесички чај, лисја, делови од домашни растенија…?

Зошто да не го искористите целиот тој корисен биоотпад за да направите компост?

Иако многумина не сакаат да прифатат компостирање бидејќи мислат дека тоа е комплицирана задача, која вклучува неред и многу непријатни мириси, тоа не е точно.

Можете лесно да направите свој компост, кој ќе ја збогати почвата во градината и во исто време ќе се намали отпадот во вашата корпа за отпадоци.

Компостот со право се нарекува „црно злато“. Освен што ја подобрува почвата, компостот дополнително ги храни растенијата и го поттикнува нивниот здрав раст и развој.

Бидејќи е полн со микроорганизми, наликува на нашата цревна микрофлора.

Тој е исто толку корисен за земјата колку што пробиотиците се важни за здравјето на нашата цревна микрофлора.

Најдобро место за компост

Одберете суво место во сенка кое лесно ќе можете да го наводнувате.

Што се однесува до компостерот, можете лесно да го направите сами така што ќе го затворите купот биоотпад со цигли или со штици, или можете да го купите.

Купот треба да биде висок околу 1 метар и исто толку широк. Исто така, проверете дали вашиот компост е во директен контакт со почвата за да можат микроорганизмите да навлезат во неа.

Ако немате компостер, можете едноставно даго редите биоотпадот на куп на некое слободно место во градината. Можете исто така да правите компост и на вашиот балкон во пластична канта со дупки.

Треба да го заштитите од директна сончева светлина и од дожд со слама или со некоја натсрешница.

Што може да се компостира?

Пред да започнете, важно е да знаете што сè можете да фрлате во компостот.

Можете да фрлате:

овошје и зеленчук кои почнале да се распаѓаат
кора од овошје и зеленчук
талог од кафе
користени кесички за чај
суви лисја
сечкани суви гранчиња
слама и сено
струготини
косена трева
плевел и остатоци од билки од градината
овенати цвеќиња
иглички од четинари
остатоци од кроење винова лоза и од овошки


Не фрлајте во компостот:

остатоци од животински производи (месо, коски, итн.)
масла и масти
Млечни производи
делови од заболени растенија
листови од орев
осеменет плевел
обоена хартија и списанија
вакуум кеси од правосмукалки
остатоци од јаглен и пепел
измет од куче и мачка
дрво загадено со масло, лакови, бои…

Напомена

Не се препорачува во компостот да се фрлаат кори од цитрус и кромид и лук бидејќи ги одбиваат црвите кои се важна алка во процесот на компостирање.

Видови компост – ладен и топол

Постојат два вида компост – ладен и топол.

За ладен компост, се што треба да направите е да го соберете и фрлите биоотпадот на одреденото место. Во рок од една година или повеќе, овој материјал ќе се распадне и вашиот компост ќе биде готов. Ладниот компост е добар избор за сите оние кои немаат многу време.

Топлиот компост бара малку повеќе труд. Неговата предност е што е подготвен за употреба побрзо – готов е за само неколку месеци.

За да направите топол компост, покрај биоотпадот, потребни ви се уште четири состојки: азот, јаглерод, кислород и вода.

Токму овие состојки играат клучна улога бидејќи ги хранат микроорганизмите, кои го забрзуваат распаѓањето на биоотпадот.

Правење топол компост во неколку чекори

Чекор 1: Мешање зелен и кафеав биоотпад

За да направите топол компост, прво соберете околу еден метар биоотпад. Ќе треба да комбинирате зелен, влажен отпад, со сув, кафеав.

Зелениот отпад вклучува остатоци од овошје и зеленчук од вашата кујна, талог од кафе, свеж растителен отпад, трева… Тие му даваат азот на вашиот компост.

Кафеавиот биоотпад може да се состои од сушени растенија, паднати лисја, сечкани гранчиња, хартија, сено и слама. Овој кафеав отпад додава јаглерод во вашиот компост.

Направете го вашиот куп компост од кафеав и зелен отпад во сооднос 3:1. Ако вашиот компост е премногу влажен и има непријатен мирис, ова е само знак дека треба да додадете малку повеќе кафеав биоотпад.

Од друга страна, ако е премногу сув, додадете уште малку зелени состојки и прелијте го со малку вода.

Чекор 2: Наводнете го компостот

Редовно полевајте го компостот за да изгледа како влажен сунѓер.

Но, внимавајте да не претерате со полевањето бидејќи во тој случај купот ќе почне да скапува наместо да создава компост.

Периодично проверувајте рачно до средината на компостот (треба да почувствувате дека купот е топол).

Чекор 3: Промешајте го купот

Треба да му обезбедите доволно кислород на вашиот биоотпад со повремено мешање со градинарска вила.

Кога ќе почувствувате дека средината на компостот е доволно топла, промешајте. Ова мешање ќе спречи материјалот да паѓа премногу на дното, како и да создаде непријатен мирис.

Чекор 4: Збогатете ја градината со компост

Кога ќе забележите дека целата топлина од компостот исчезнала, тој целосно поруменил и станал ронлив, значи дека е подготвен да ја збогатите вашата градина со него.
Додадете мали купишта компост на цвеќињата и растенијата во време на садење.

Некои градинари, исто така, прават т.н чај од компост така што го натопуваат во вода неколку дена и потоа го процедуваат. Така добиваат влажно ѓубриво за почвата.

Придобивките од компостот:

ја збогатува почвата и ги храни растенијата
помага да се задржи влагата (особено важно за време на сушни периоди)
спречува појава на паразити на растенијата
ја намалува потребата од вештачко ѓубриво
ја подобрува структурата на почвата и го намалува ризикот од ерозија
го стимулира производството на корисни бактерии и габи кои го разградуваат органскиот материјал и помагаат да се создаде хумус