Дали консумирате вештачки засладувачи? Нова студија упатува на поврзаност со ризик од развој на срцеви болести

Фото: Pexels
88

Редовното консумирање на вештачки засладувачи може да биде поврзано со поголем ризик од развој на срцеви заболувања, па научниците не препорачуваат користење на засладувачи како безбедна алтернатива на шеќерот.

Големото истражување на истражувачите од францускиот институт INSERM покажало дека редовното консумирање на вештачки засладувачи може да биде поврзано со поголем ризик од развој на срцеви заболувања. Сепак, некои експерти повикуваат на претпазливост во врска со ваквите заклучоци.

Милиони засладувачи се консумираат дневно во производи како диетални газирани пијалаци, делумно за да се избегне зголемување на телесната тежина од прекумерното консумирање шеќер, но здравствената исправност на ваквите надоместоци долго време е предмет на контроверзи.

Обидувајќи се да го проценат влијанието на вештачките засладувачи врз развојот на срцевите заболувања, научниците од францускиот институт INSERM анализирале податоци за повеќе од 100.000 возрасни лица во Франција.

Студијата покажала дека срцевите заболувања се развиле кај 346 од 100.000 луѓе кои консумирале големи количини на вештачки засладувачи.

Евидентирани се 1.502 проблеми со срцето

Како дел од студијата NutriNet-Sante, помеѓу 2009 и 2021 година, испитаниците им дале на научниците информации за нивните навики во исхраната, начинот на живот и медицинската историја, доколку ги имале.

37% од учесниците во студијата користеле вештачки засладувачи, со просечен внес од 42 мг дневно, што е еквивалентно на едно пакување засладувач или околу една третина од конзерва диетален газиран сок.

Во текот на деветгодишниот период на следење, експертите забележале 1.502 срцеви проблеми, вклучувајќи срцев удар, ангина пекторис и мозочен удар.

Студијата покажала дека срцевите заболувања се развиле кај 346 од 100.000 луѓе кои консумирале големи количини на вештачки засладувачи, во споредба со 314 од 100.000 луѓе кои не ги консумирале.

Матилде Тувие од INSERM, која ја координирала студијата, вели:

Резултатите од спроведената студија се во согласност со последниот извештај на СЗО објавен оваа година. Научниците не препорачуваат користење на засладувачи како безбедна алтернатива на шеќерот.
Во извештајот на Светската здравствена организација од април се наведува дека не постои јасен консензус за тоа дали вештачките засладувачи се ефикасни во процесот на долгорочно слабеење и одржување, како и дали се поврзани со други долгорочни здравствени последици.

Под критика од лекарската фела затоа што не успеваат да ги утврдат причините за разликите

Друга студија, заснована на податоците од Nutri-Net, објавени претходно оваа година, открила корелација помеѓу развојот на рак и вештачките засладувачи како што се аспартам, ацесулфам калиум и сукралоза. Сепак, слични набљудувачки студии неодамна беа под критики од медицинската фела бидејќи не успеваат да ги утврдат причините за разликите во резултатите од истражувањето.

Навид Сатар, професорка по метаболичка медицина на Универзитетот во Глазгов, која не била вклучена во студијата, вели дека постојат големи разлики во голем број карактеристики и начин на живот на луѓето кои консумираат вештачки засладувачи во споредба со оние кои не консумираат, заради што не може да се изведе цврст заклучок.

Таа ги повикала владите да финансираат долгорочни, рандомизирани испитувања „за да се доближиме до вистината“. Резултатите од студијата беа објавени во British Medical Journal.