Зоран Богдановски: Молекуларната кујна е мојата најголема страст

Младиот шеф кој својата кариера веќе 6 години ја гради во Малта, освен како главен готвач во еден ресторан, работи и како едукатор и држи тренинзи на персонал од кетеринг индустријата. Во фокусот на неговиот интерес е молекуларната кујна, ама ако го прашате која храна му е омилена, сепак ќе одговори: онаа на мајка ми. 

0
845

Кога размислувал за тоа каде да го продолжи школувањето по завршувањето на основното училиште, на младиот готвач Зоран Богдановски кој последниве шест години живее и работи во Малта, секогаш низ глава му се вртело она што му го советувале постарите – да научи занает.

„Мислејќи на зборовите на постарите кои во тоа време ми велеа дека би било добро да научам занает, како млад спортист со голем апетит за јадење веднаш ми дојде на ум да учам за готвач. Во моето семејство никој не се занимавал професионално со готвење, но како и во повеќето македонски фамилии, така и во мојата сите сме големи гурмани и сакаме да готвиме убава и квалитетна храна. Така и јас дома цел живот месев и готвев со моите родители или со баба ми, а и ден денес учам по нешто ново од нив и го применувам во ресторанот во Малта кадешто работам сега.

Кога завршив во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје, се запишав на факултетот за гастрономија, исхрана и диететика „Гоце Делчев“, но не го завршив поради одредени ангажмани кои ги добив во тој период во Софија, Бугарија.

Освен влијанието на моите најблиски, има уште некои луѓе кои би ги издвоил, а кои имаа големо влијание врз мене и мојата пасија за готвење. Еден од нив е Дејан Христовски.

Пред да дојдам во Малта работев во доста ресторани во Скопје, во Софија и во Катар. Всушност, во Малта заминав веднаш после краткиот одмор со мојата фамилија во Скопје, по враќањето од Катар. Слушнав за Малта од еден пријател кој веќе бил претходно таму и кој ме увери дека е тоа вистинското место за мене. И мислам дека не згрешив. Во моментов работам како главен готвач во еден релативно нов ресторан, а да стигнам дотаму не беше воопшто лесно. На почетокот беше многу голем проблем да се извади работна виза, но упорноста секогаш се исплати на крајот“, раскажува Зоран.

Истовремено, тој работи и како едукатор во академија која држи тренинзи на персонал од кетеринг индустријата, држи часови по готвење, културна интеграција и комуникација на англиски во областа на угостителството и туризмот.

Во моментов неговиот интерес е насочен кон молекуларната кујна.

„Интересот за молекуларната гастрономија го добив кога почнав да работам во ресторанот Caviar & Bull  кадешто тогаш главен готвач беше Серџ Хуерга од Барцелона, Шпанија кој е денес еден од моите најдобри другари. Тој е главен готвач во истиот ресторан кој практикува молекуларна кујна.

Најинтересното нешто што сум го направил досега мислам дека е презентацијата на десерт за 120 луѓе среде сала за послужување кадешто десертот се презентира на голема маса која подоцна изгледа како огромна слика на апстрактна уметност.

Лично, омилена кујна, односно, храна што сакам да ја јадам на прво место е онаа што мајка ми би ми ја зготвила кога би бил сега дома, во Скопје, но исто така многу сакам и азиска кујна па и самиот користам многу продукти кои се специфични за оваа кујна, ѓумбир, лимонска трева, корен од лотус, галангал, итн. Тоа што најмногу сакам да го готвам едноставно не може да се дефинира. Она што јас го готвам го нема во книгите за готвење, бидејќи работам и готвам модерна храна, авангардна, буквално преведено – експериментална и прогресивна храна која ја комбинирам со концепт наречен гастро физика. Тоа е концепт кој ни дозволува да ги вклучиме сите сетила – за вкус, мирис, вид, звук, со една цел, да го кренеме искуството на нашите гости на повисоко ниво“, објаснува Зоран.

За моменталната состојба со Ковид-19 во Малта вели дека е под контрола со оглед на тоа што луѓето таму изреагирале соодветно уште пред да бидат и официјално затворени рестораните, кафетериите и сите останати бизниси.

„Жителите на Малта ја препознаа опасноста од вирусот па така сите се самоизолиравме без никаква наредба од владата. Сега повеќето од рестораните се затворени или работат со достава на храна. Многу од оние кои беа новоотворени, за жал, банкротираа и ги затворија своите врати засекогаш. Но, не е сѐ така црно, бидејќи владата на Малта доста помага со тоа што исплаќа по 800 евра за секој пријавен работник и ги намали даночните стапки за сите мали и големи бизниси. Истовремено, сопствениците на становите ги намалија кириите за 40%, а пак ние вработените, се сложивме да работиме за 30% помала плата и со скратено работно време. Во вакви ситуации и тешки времиња е најважно сите заедно да се поддржуваме и да си помагаме затоа што само така ќе опстанеме и побрзо ќе излеземе од било каква кризна ситуација“, порачува нашиот соговорник.