Моја бавча – фабрика за здрава храна

1.290

Производите на Александра Лозановска се секогаш спакувани „тип-топ“, украсени, дотерани, а вкусниииии, значи, како домашни! Всушност, да, тие се домашни и тоа најдомашни што може да биде, почнувајќи од семето па сѐ до крајниот производ спакуван во тегла

Александра Лозановска e несуден машински инженер. Родена e и живеe во Демир Хисар, а се занимава со производство на домашна органска зимница. Од семе до готов производ!

Имено, на есен, додека ја приготвуваат зимницата Александра и нејзиното семејство, збираат семе од најубавите производи и напролет го сеат во леи, за подоцна, убаво оформените коренчиња да се најдат и во нивната бавча. Пардон, во „Моја бавча“. Токму тоа е брендот по кој се препознатливи нивните производи, секогаш спакувани „тип-топ“, украсени, дотерани, а вкусниииии, значи, како домашни! Всушност, да, тие се домашни и тоа најдомашни што може да биде, почнувајќи од семето па сѐ до крајниот производ.

Александра е една од оние хероини во туризмот која своето место под сонцето си го најде токму во својата бавча.

Никогаш не мислела дека ќе се занимава професионално со производство на храна и дека тоа ќе стане дел од туристичка понуда.

„Сосема случајно станав член на Слоу фуд Битола, па така започна мојата приказна и така се прочу за МОЈАТА БАВЧА.

Исто така, бев дел од платформата „Автентични искуства“ преку која почнавме да се претставуваме на странски и домашни туристи и тоа беше мојот прв чекор кон туристичките посети. На таа платформа моето искуство се вика „Сѐ од пиперки“ и започна во 2020 година“, раскажува Александра чиј работен ден почнува во 4 часот наутро. Замислете! Дома се враќа во 8.

Имено, важна земјоделска гранака во нејзиното место на живеење е тутунот, па токму тоа е и нејзината прва обврска – берење тутун.

„Откако ќе стигнам дома во 8 часот, следува средување на тутунот – нижење, спремање низи за сушење итн. Па следува средување на дворот кој е доста голем, вадење цвеќиња, уредување на тревникот, а во меѓувреме си приготвувам по некој мармалад или слатко. Време е за ручек и мал одмор.

Попладне одам во бавчата која бара секојдневна нега, во зависност од периодот – вадење, плевење, копање, збирање плодови…

Есенските денови во најголем дел ми поминуваат во приготвување на зимницата со голема посветеност и концентрација за да се запази традиционалниот начин на спремање, но и најважното – квалитетот“, вели таа и додава дека најголем дел од работата е на неа и на сопругот.

„Се разбира, имаме голема помош од свекорот и свекрвата. Од нив сме научиле доста работи околу одгледувањето на бавчата, но секој работи тоа што може и тоа во што е најдобар. А обврски има многу – садење, копање, наводнување, плевење итн. И секоја од овие постапки се повторува повеќе пати во текот на одгледувањето, па и немаме многу избор кој што да работи. Децата не живеат со нас и не учествуваат во овој дел од производството, но помагаат на свој начин – пакување на производите, нивно транспортирање и достава, уредување на нашите страници на социјалните мрежи и слично“, објаснува вредната Александра.

Кога почнува туристичката сезона, почнуваат и посетите во нивното царство. Една туристичка посета на „Моја Бавча“ најчесто трае од 3-4 часа. Започнува наутро, околу 8 часот наутро, кога заедно целата група ја посетува бавчата на домаќините што се наоѓа на 5 километри од семејната куќа.

„Таму посетителите имаат можност да видат како се одгледуваат засадените овошја и зеленчук, имаат можност сами да си наберат сѐ што им е по ќеф, да поставуваат прашања околу начинот на одгледување итн. Од досегашното искуство, најинтересно растение им е тутунот. Ова искуство го организираме да биде порано наутро поради летните горештини кога не е возможно да се биде во бавчата. Меѓутоа, за оние кои не можат да стигнат да ја посетат мојата бавча, постои уште една шанса, а тоа е да си наберат плодови од мини-бавчата што се наоѓа во мојот двор. Главниот дел од оваа дружба се одвива во дворот на мојата куќа, каде што на почеток посетителите ги пречекуваме со свежи домашни пијалаци. Се одвива кратка презентација со слики за тоа како од едно мало семе доаѓаме до големи продукти, ставени на нашата трпеза, спремни за јадење,  како и презентација за тоа како од тутунот – растение се доаѓа до цигара, која што може и да се проба. Па така, додека јас им приготвувам свежи салати, макала и сл. од веќе набраните овошја и зеленчуци од мојата бавча, гостите можат да дегустираат од благата и солената зимница, да вкусат од домашните питулици, лепче и зелник печени во фурна, чипс од пиперки, да се напијат од домашните пијалаци и да ја разгледуваат мојата мини бавчичка во дворот. Па така оваа наша дружба завршува со наполнети и задоволни стомаци на посетителите, а си добиваат и по некој мал подарок.

Посетителите најмногу се радуваат на вкусот на зимницата и останатата храна, но и со тоа што научиле како и каде се одгледуваат сите овие продукти и како се приготвува зимницата. Туристите се фасцинирани од вкусовите и секогаш купуваат по нешто и за дома“, вели Александра.

Досега, најмногу посетители имале од Полска и од Албанија, но и домашни туристи од Битола.

При една ваква посета, млад пар од Албанија во знак на благодарност за сето тоа што им го приготвила, ѝ ги бакнувал и рацете.

Александра е горда затоа што успеала бавчата да ја претвори во „фабрика за здрава храна“. За ова, се разбира, треба убаво да за засукаат ракавите.

„И покрај тоа што најголем дел од работата е физичка работа, истата не ми претставува тешкотија бидејќи јас си ја сакам својата работа – уживам додека работам особено кога знам дека тоа што го работам е здравје!

Кога нема туристи ние си работиме сѐ она што го презентираме пред нив, но се разбира во големи размери. Производите што ги правам најчесто ги продаваме на познаници, долгогодишни купувачи, но знаеме да ги пласираме и на базари за здрава, органска храна и слично“, завршува нашата неуморна соговорничка која е подготвена за нови тури.

Во меѓувреме, не застанува затоа што оваа работа нема крај. Но нема да забележите дека е изморена бидејќи никогаш, ама баш никогаш, не ја симнува насмевката од своето лице.