Направете ги традиционалните колачи сега, имајте и за Нова година и за Божик

Фото: Пинтерест
474

Секој од нас знае барем една верзија од оние традиционални новогодишни и божикни колачи кои се прават многу порано и колку што подолго стојат, толку се повкусни. Една од варијантите се и традиционалните хрватски „папрењаци“, кои на островот Хвар служеле и како природен барометар: ако омекнат, се знае дека ќе дува југо и ќе врне дожд, а ако се стврднат, ќе сврти на бура.

За новогодишните и божикните празници низ цел свет се прават оние познати трајни колаченца со ѓумбир и со цимет, но и многу други варијанти, како на пример, колачи со мед, колачи со мелени ореви и црно чоколадо, колачи со путер и кора од портокал и многу, многу други. Дел од овој репертоар се и оние познати традиционални хрватски колачи познати како „папрењаци“ (пиперњаци), кои баш и немаат некој соодветен македонски превод, а ние го добивме рецептот на островот Хвар кадешто се правеле цели пет века. За жал, неодамна оттаму си заминала единствената хваранка која ги изработувала рачно, на традиционален начин, па немавме можност да ги пробаме онака, во нивната најоригинална форма.

Еден од првите записи за староградските папрењаци (се мисли на Стари град на Хвар) е од 16.век, а во минатото најчесто ги правеле мајките и жените за своите синови и мажи поморци бидејќи тие немаат рок на траење.

Некои од постарите жители на Хвар велат дека на времето служеле и како природен барометар: ако омекнат, се знае дека ќе дува југо и ќе врне дожд, а ако се стврднат, ќе сврти на бура.

Секое семејство кое држело до традицијата имало обичај да ги служи овие колачи на сите празници, семејни прослави и важни настани, а тоа не се сменило ни до денес. Она што се сменило е начинот на изработка. Всушност, до неодамна на стариот традиционален начин ги изработувала само извесна госпоѓа Винка Тудор која живеела во Стари Град на Хвар, во чие семејство со генерации се чувал рецептот за овие колачи.

Ги правеле, нејзината мајка, тетка, баба, прабаба, а потоа и таа, сѐ до пред 2 години кога заминала во Норвешка. Барем така ни кажаа кога пред две години ја побаравме во нејзиниот роден Стари Град.

Госпоѓа Винка била единствената која на островот ги правела рачно, без калапи, а цената на нејзините традицинално направени папрењаци, не ја менувала со години – еден папрењак чинел 7 куни (околу 1 евро).

Инаку, станува збор за скапи колачи за кои треба многу мед, маслиново масло и зачини. А најинтересно од сѐ е тоа што иако според името, би очекувале во нив да има пипер, овој зачин во нив го нема.

Мештаните велат дека името го добиле по зачинот „папор“. Имено, во Хвар постои еден единствен пишан рецепт. Сѐ во него е – трошка од ова, трошка од она. Никаде не ги пишува зачините што одат во овие колачи затоа што сите зачини во минатото доаѓале под името „папор“. Најчесто е тоа мешавина од зачини кои се ставаат во овие колачи, а тоа е комбинација од мускатно оревче, цимет и каранфилче. Што се однесува до медот, најдобар е оној од јоргован, или пак да се помешаат неколку видови мед што најмногу се произведуваат во Хвар, како што се оној од лаванда, рузмарин и жалфија.

Постојат различни форми, но најчести се оние на риба, амфора, детелина, срце, кокошка, кошнички. Украсувањето некогаш се правело со стапче од винова лоза во чиј врв се боцнувала шпенагла која потоа се натопувала во смеса од белки, шеќер и неколку капки сок од лимон.

Некогаш овие колачи биле многу поголеми и се кршеле на помали делови, а се служеле со прошек.

Еве што е потребно ако сакате да се обидете и да ги направите овие хварски традиционални колачи па наместо вообичаените со ѓумбир, овие празници да ги послужите хрватските папрењаци:

Состојки:

1 тегла мед

250 мл маслиново масло

250 мл бел прошек

1 г шафран

1 лажичка цимет

1 лажица сода бикарбона

1 лажичка мускатно оревче

1 лажичка каранфилчиња

2 кг брашно

Приготвување:

Добро исушениот шафран треба да се здроби со прстите и да се натопи во прошекот. Медот се вари на тивок оган, а откако ќе се олади соберете ја пената што се создала на неговата површина. Оставете ги сите состојки да отстојат 1 ден.

Вториот ден зовриениот мед измешајте го со маслото и додадете го шафранот натопен во прошек. Додадете ги и другите зачини: цимет, морско оревче, каранфилче и сода бикарбона. После тоа, додадете брашно и сè добро измешајте.

Тестото треба добро да се развлече на набрашнета површина до дебелина од 1 сантиметар и да се исече на различни форми. Се пече на средна температура од 160 – 180 Целзиусови степени.

Откако ќе се извадат од рерна, колачите се украсуваат со смеса од 1 белка, шеќер во прав и сок од лимон.

Велат дека треба да знаете како да ги јадете, кршите парче, го ставате во уста и чекате да се стопи – така најдобро можат да се почувствуваат зачините.

Ах, којзнае какви биле колачите на госпоѓа Винка покрај чија куќа застанувале многу патници намерници привлечени од аромата на нејзините папрењаци!