Од хроно-кујната на Ана Ќубела: Рецепт за погача со рузмарин

Фото: Фејсбук
224

Кога станува збор за хроно исхрана, повеќето мислат дека станува збор за строго придржување до сатница за јадење. Сепак, не е баш така.

Српската новинарка и блогерка Ана Ќубела, која пред неколку години на Саемот на книга во Скопје ја промовираше својата едиција на хроно готвачи, почнала да готви од хоби и за свои потреби откако навлегла во овој режим на исхрана. Ги запишувала рецептите засновани на хроно исхрана и ги споделувала со пријателите на Фејсбук, а потоа го почнала и својот блог кој денеска има повеќе од 200.000 посетители.

Ќубела е своевиден гуру за хроно исхрана во регионот и за себе вели дека не е готвачка, туку обична жена која сака да готви. Сепак, поентата на приказната, вели таа, не е во готвењето како такво, туку во поинаков начин на живот и во тоа дека треба да ги смениме навиките и да научиме да јадеме.

Ако сакате да се потсетите што беше тоа хроно-исхрана, читајте понатаму. Ќе пренесеме дел од нашето интервју од пред неколку години.

Хроно исхрана е исхрана според некоја сатница. Оптимално е да се јаде на 5 часа. Поентата е тоа да се единствени, но квалитетни оброци во текот на денот без грицкање помеѓу. Појадокот треба да биде најбогат, ручекот е одредено дополнување, доколку сакате, можете да имате и ужина, а вечерата е најслаба, но не во смисол на количина, туку затоа што треба да е составена од лесни протеини и зеленчук.

Идеалната комбинација на Ана Ќубела е:

За појадок домашно пециво кое сама го правам, обично хроно леб, иако сум луда по било какви пити, мафини, интегрални пецива, потоа јајца, сувомеснато и сирење, исклучиво мрсно сирење. Мрсното сирење наутро го снижува холестеролот и триглицеридите и ви дава доволно маснотии кои ви се потребни во текот на денот. Многу често знам да си земам малку маслиново масло со препечен леб или пециво, а наутро, после појадокот пијам и кафе. Тоа ми е и единственото кафе во денот, не затоа што не смее да се пие повеќе кафе, туку мене ми е доволно. За ручек обично јадам некое месо, некогаш риба, а понекогаш и некој безмесен оброк, затоа што ми се допаѓаат таквите оброци, особено во деновите кога вежбам во теретана. Понекогаш земам и ужина, најчесто некое овошје, јаболки, со ореви, лешници, бадеми, итн., а навечер најчесто јадам риба и повеќе зеленчук, тиквички, брокули, голема салата.

Дали е комплициран ваквиот начин на исхрана со оглед на тоа што велите дека секој ден подготвувате домашен леб или пецива, како една вработена жена може да најде време за тоа?

Целата хроно исхрана е базирана на едноставност, па и рецептите се такви. Затоа не мора ниту да сте премногу вешти во кујната за да подготвувате вкусна храна.

Јас со време поочнав да јадам и многу малку леб такашто да не е мојот блог, како и јутјуб каналот на кој ги готвам своите рецепти, не би морала ниту да правам леб секој ден бидејќи ми е таа количина често доволна и за 3-4 дена. Тестото за леб може да се подготви навечер, а следниот ден само да се испече.

Како вие почнавте со овој вид на исхрана за да дотуркате до некој вид на гуру за ваквиот начин на исхрана не само во Србија, туку и пошироко, во регионот?

Сѐ почна кога во еден период од животот се здебелив 20 килограми и потоа ослабнав, ама постојано варирав во тежината, одев горе-долу и сфатив дека ми фали некој систем кој ќе ми се допадне, кон кој нема да ми биде тешко да се придржувам, а ќе можам да ја одржувам линијата. Гледав најразлични диети, но не се пронајдов во ниту една, сето тоа беа рестриктивни диети кои забрануваа сѐ и сешто, а и повеќе си гладен отколку сит. Ниту една не ме привлече. Тогаш сретнав една другарка која ослабна 30 килограми и првпат од неа слушнав за хроно исхрана. Бидејќи сум скептична по природа, почнав да истражувам и сѐ повеќе бев убедена дека тој вид на исхрана ќе функционира.

Ова не е волшебен метод, туку поентата е во тоа да почнете да јадете нормално и да имате редовни оброци, а кога имате редовни оброци ви се намалува гладот, кога внесувате доволно маснотии имате помала потреба за благо и згора на сѐ, видов дека овој начин на исхрана е некако најсоодветен и на нашите навики, па се јаде месо и многу зеленчук. Оваа исхрана не ја смислиле некакви шарлатани и лаици, туку сериозни лекари и основните принципи на таа исхрана се почитуваат веќе 30 години.

Сепак, нели е малку ограничувачки тоа што треба да се јаде во одреден временски период, со оглед на темпото на живот, како може ова да се спроведе во пракса па да имаме редовни оброци?

Не мора да се јаде во точно одредено време, туку е битно кога ќе станете да појадувате во првиот, евентуално, во вториот час по станувањето, потоа, после 5 часа, кои не мора да се точно 5 часа, но оптимално е добро да се толку, треба да се руча. Ако ужинате, периодот помеѓу ужината и вечерата треба да е пократок од тие оптимални 5 часа и важно е да не вечерате баш пред спиење, туку два часа пред да си легнете. Сѐ зависи од личниот биоритам кон кој секој треба да си ги прилагоди оброците во зависност од тоа кога станува и кога легнува.

Кај одреден број на луѓе постои уверување дека ние (кои сме на хроно исхрана) не правиме ништо друго освен што готвиме и јадеме. Да, ние сакаме да готвиме и да, сакаме редовно да јадеме. Но не го трошиме цело време само на тоа. Со време човек ќе се испраксира па без многу мака може во чинијата да има секогаш свежо и вкусно јадење.

Спомнувате овошје за ужина, а велат дека во хроно исхраната не се јаде овошје?

Овошје не се јаде додека трае рестрикцијата, односно, диетата. Иако, дури и со тие правила да не се јаде овошје кои важат за перидот после диетата, а нели, поентата е во тоа овој вид на исхрана да ви стане редовен начин на исхрана, може да ги изгубите килограмите, но тоа ќе оди малку побавно што во крајна линија и не е толку лошо. Впрочем, брзото слабеење не е толку добро, затоа што притоа многу не научуваат да јадат, гледаат на тоа како на краткорочна диета, ослабнуваат и почнуваат по старо. Затоа е подобро да одат побавно, но  потемелно и да сфатат зошто нешто прават, да научат да јадат. Луѓето обично се дебелеат поради лошата емотивна состојба, па храната им станува замена за некои други работи.

Имате ли некој совет за читателите кои сакаат да почнат со хроно исхрана, но се плашат дека нема да можат да се прилагодат?

Исфрлете од кујната сѐ што повеќе нема да ви треба за да не ве испровоцира да згрешите. Прочитајте сѐ што има на оваа тема, напишете ги правилата и залепете ги на фрижидер. Најдете интересни рецепти и направете мени за цела недела. Ако почувствувате потреба за нешто слатко па прекршите некое правило, не се грижете, ништо страшно. Подобро да ја задоволите својата потреба отколку толку очајно да посакувате, на пример, некое колаче, што на крајот ќе земете пет.

Можете ли да споделите со нашите читатели рецепт за некое од вашите омилени пецива, тешко ли се прават?

Има малку наука и занает, но не е комплицирано. На пример, погача со рузмарин се прави од спелтино брашно (вид на пченица, некаде позната и како крупник или пирово брашно) и од ржано брашно.

Состојки:

100 спелтино брашно

50 г ржано брашно

50 г овесно брашно

Гранче рузмарин,

1 дл маслиново масло

110 мл вода

2 лажички прашок за пециво

малку морска сол

Приготвување:

Се мешаат сувите состојки, па се додаваат течните и тестото се остава да стои, најдобро е да се остави да стои преку ноќ, затоа што колку подолго стои толку е подобро. Потоа се премесува со влажни раце и се става врз хартија за печење, се поросува со рузмарин и тоа е тоа.