Ако мислите дека нема замена за индустриските паштети, еве ви неколку идеи

Фото: Pexels
343

Ако сакате секогаш да имате при рака некој вкусен намаз со кој ќе можете бргу да ја задоволите гладта, немојте да мислите дека ви е неопходна некоја индустриска паштета. Еве како да направите здрави и вегетаријански намази

Обично за вечера на луѓето им е најлесно да си намачкаат некој намаз на леб или на крекери и да не се заморуваат со подготвување на храна.

Често за вакви моменти тие си складираат по некоја индустриска паштета за да имаат нешто за набрзина при рака, кога ќе огладнат.

Но здрави и вегетаријански намази можете да си подготвите и самите. Овие што ви ги препорачуваме се секогаш поздрави кога ќе си ги направите сами и ќе знаете што точно сте ставиле во нив.

Овие намази им ги препорачуваме на сите затоа што претставуваат поздрав начин на исхрана и се со поквалитетни и здрави состојки за разлика од вообичаените намази што можат да се најдат во продажба.

Таан, намаз од сусам

Се добива со мелење семе од сусам. Содржи околу 600 kcal на 100 г производ. Има многу калории, но исто така е добар извор на витамини од комплексот Б и здрави омега-3 и омега-6 масни киселини. Инаку, тој е и најважната состојка за следниот намаз-хумусот.

Хумус, намаз од наут

Леблебијата е растителен извор на железо, витамини Ц и Е, како и витамин К. Исто така, таа се вбројува во намирници со низок гликемиски индекс, затоа се препорачува на лица со дијабетес. Гликемискиот индекс ја покажува стапката со која се зголемуваат нивоата на шеќер во крвта после јадење одредена храна. Хумусот е одличен производ за секој кој се бори со висок холестерол. Потребни состојки за подготовка на овој намаз се сирови леблебии (наут), таан (намаз од сусам), маслиново масло и сок од лимон.

Баба гануш, намаз од модри патлиџани

За да го подготвите намазот, потребни ви се печени модри патлиџани, лук, таан, маслиново масло, сок од лимон и јогурт. Ова е јадење што доаѓа од истокот, а во него можете да додадете разни зачини како кумин, рузмарин или кисело млеко. Богато е со целулоза и протеини, многу е здраво и вкусно.

Намаз од хељда

Хељдата е намирница која не содржи глутен, и се користи како храна и лек. Богата е со диетални влакна, минерали и есенцијални киселини. Намазот од хељда им се препорачува на вегетаријанците, дијабетичарите и на секој што сака да се храни поздраво. За да направите намаз од хељда, треба прво да ја сварите, а потоа ставете ја во блендер заедно со, на пример, претходно издинстан кромид и лук, лажица маслиново масло, лажичка сенф и малку сол.

Путер од кикирики

Кикириките се мешункаст зеленчук кој е богат извор на протеини, па затоа е погоден за дијабетичари. Путерот од кикирики се прави со мешање на мелени печени кикирики и лажица масло. Кикириките содржат многу маснотии, но тоа се незаситени масти. Калоричен е и треба да внимавате на неговата употреба. Путерот од кикирики има околу 600 калории на 100 грама.

Сите намази се користат како додаток на јадења или како додаток или прелив за салати.