Џастин Чимиенти од Њујорк одлучил да води правна битка против синџирите на ресторани за брза храна Мекдоналдс и Вендис заради нивните реклами во кои хамбургерите изгледаат поголеми отколку што се навистина. Кого би тужеле вие за нешто слично?
Маж од Њујорк започнал правна битка против синџирите на ресторани за брза храна Мекдоналдс и Вендис затоа што објавиле лажни реклами во кои хамбургерот изгледа поголем отколку што навистина е.
Тој тврди дека нивните хамбургери во рекламите изгледаат многу поголеми отколку што всушност се и во тужбата наведува дека овие ресторани ги мамат клиентите па бара оштета од 50 милиони долари за себе, но и за други клиенти кои биле слично измамени.
Компаниите не ја коментирале веднаш тужбата, која довела до многу поплаки на социјалните мрежи.
Слична тужба била поднесена и против ривалскиот синџир за брза храна Бургер Кинг од истата адвокатска канцеларија што го застапува њујорчанецот Џастин Чимиенти. Иако Бургер Кинг допрва треба да се појави на суд, тужбата е во меѓувреме изменета бидејќи се појавиле многу нови незадоволни клиенти.
Во тужбите се наведува дека рекламите на овие компании се „нечесни“ и дека крадат од потрошувачите кои во заблуда даваат повеќе пари отколку што добиваат храна во ветената количина.
„Таквата практика е особено загрижувачка сега кога инфлацијата, цените на храната и месото се многу високи и кога многу потрошувачи, особено оние со пониски приходи, имаат финансиски тешкотии“, се додава.
Во тужбата против Мекдоналдс и Вендис се наведува дека хамбургерите во рекламите се за најмалку 15 отсто поголеми отколку во реалноста.
Со тужбата се опфатени и некои коментари на социјалните мрежи во кои овие компании беа критикувани за нереално прикажување на храната во рекламите.
Марк Бартоломеј, професор по право на Универзитетот во Бафало во Њујорк, вели дека таквите коментари веројатно нема да бидат доволни за да се добие случај пред американски суд, кој ќе бара доказ дека клиентите навистина биле измамени и дека рекламите влијаеле на одлуките за купување.
„Ќе биде тешко за обвинителите да го докажат ова“, вели тој.
Тој забележува и дека синџирите за брза храна можат да тврдат дека јавноста очекува претерувања во маркетиншката кампања.
„Претпоставувам дека она што тие навистина го сакаат е спогодба и да нема да има судење“, додава тој.
Регулаторите го забранија рекламирањето на Бургер Кинг во Велика Британија во 2010 година, бидејќи ги прифатија жалбите на клиентите дека пилешките сендвичи се многу помали од оние што се прикажани во рекламата.
Но, Дебра Герхард, професорка по право на Универзитетот во Северна Каролина, вели дека е релативно необично да се види ваков случај во САД.
„Тука многу спорови околу рекламирањето се меѓу ривалските компании и се решаваат тивко, со посредници од индустријата.
„Многу спорови никогаш не излегуваат на виделина“, вели таа.