Во Дубаи отворена најголемата вертикална зеленчукова градина во светот

Фото кредит: Emirates
227

Најголемата вертикална зеленчукова градина може да произведе повеќе од 900.000 килограми зеленчук годишно, а се простира на површина од 330.000 квадратни стапки (30.658 квадратни метри).

Како што климата во многу делови од светот станува потопла и посува, станува сè поклучно да се најдат иновативни начини за одгледување храна. Вертикалното земјоделство е едно решение што е широко прифатено, со фарми кои никнуваат насекаде, од Холандија до Пенсилванија, Сингапур…
Обединетите Арапски Емирати – едно од најжешките, најсувите места што можете да ги најдете – има неколку постоечки вертикални фарми, но минатата недела беше отворена најголемата досега. Со површина од 330.000 квадратни стапки (30.658 квадратни метри), што е повеќе простор од три квадратни градски блока – ЕКО 1 не само што е најголемата вертикална фарма во ОАЕ, туку и најголемата во светот.

Вертикалните градини се моќна алтернатива и решение за кризата со земјиштето, а и не се помалку функционални од традиционалните. Исто така, тие заштедуваат огромни количини вода.

Објектот во Дубаи има капацитет да произведува повеќе од 900.000 килограми зеленчук годишно, а ќе се одгледуваат марули, рукола, мешани зелени салати и спанаќ. Наречена е Бустаника, а ја изгради „Кроп уан холдингс“ во соработка со „Емирејтс флајт кетеринг“.

Зелјестите растенија што ќе се одгледуваат ќе бидат „целосно чисти“ бидејќи ќе растат без пестициди и други хемикалии. Исто така, тука ќе се користи 95 отсто помалку вода во споредба со традиционалните градини, а ќе дава три тони производ дневно благодарение на употребата на вештачка интелигенција и компјутерска анализа на податоци.

Имено, производствениот погон користи затворен систем којшто овозможува водата да кружи низ растенијата со цел поделотворно искористување. Водата испарува за време на процесот на наводнување и се враќа во системот, што заштедува 250 милиони литри вода секоја година во споредба со традиционалните отворени градини со исто производство.

Зеленчукот ќе им биде послужен на патниците во авионите на авиокомпанијата „Емирати“, како и на другите авиокомпании кои соработуваат со неа. Ќе се продава и во околните продавници под брендот „Бустаника“.