Бидејќи е време на настинки и грипови, еве неколку совети на оваа тема, поврзани со исхраната и земањето на антибиотици. Односно, совети за тоа која храна не треба да се консумира, а која треба, додека сте на терапија со антибиотици
Различните антибиотици дејствуваат различно во телото, така што храната што ја јадете и пијалaците што ги пиете може да ја зголемат или да ја намалат нивната ефикасност. Затоа е важно да ги следите упатствата на лекарот или фармацевтот и да ги земате како што е наведено – пред или после јадење, а некои се земаат на празен стомак и некое време после нив не треба да се јаде.
Кај повеќето антибиотици, одреден вид на храна е забранет поради сериозни несакани ефекти – алкохол, калциум, магнезиум и грејпфрут, објаснува доктор специјалист по семејна медицина.
Грејпфрут
Некои компоненти на грејпфрутот се разградуваат во црниот дроб со ензимите на црниот дроб како и антибиотиците, па им конкурираат на истите ензими во разградувањето како и антибиотикот. Во овој случај, антибиотикот не може да се разложи и излачи навреме, што (со препорачаното редовно внесување и намалено разградување) ја акумулира количината на лекот во организмот до токсични нивоа, а тоа може да има штетни последици.
Калциум
„Познато е дека калциумот од млекото, млечните производи и храната што содржи калциум, како и лековите кои ги користиме во лекувањето на остеопорозата, ја намалува ресорпцијата на антибиотиците во цревата, ова особено важи за кинолонската и тетрациклинската група антибиотици. Во овој случај, терапевтската доза на лекот во организмот не е доволна за борба против бактериските патогени. Тоа може да се избегне со земање на лекот два часа по консумирање храна богата со калциум“, вели докторот. Тој додава дека слично дејство има и храната со кисел вкус, но и храната богата со растителни влакна.
Магнезиум
Земањето магнезиум во комбинација со антибиотик може да ја намали апсорпцијата на лекот и со тоа да го направи помалку ефикасен во борбата против болеста. Добро е да се зема два часа пред или после антибиотици, никогаш во исто време.
Алкохол
Оваа состојка нема негативно влијание на сите антибиотици, но не се препорачува во комбинација со ниту една група лекови, вклучително и антибиотици. Особено не со антибиотикот метронидазол, каде што може да предизвика хипогликемија, гадење, повраќање, проблеми со дишењето и други психолошки проблеми, збунетост, конфузија.
Храна која е добра за консумирање
„Треба да земате храна богата со витамин К кај пациентите на терапија со матефарин, бидејќи антибиотикот во цревата ги уништува бактериите кои произведуваат витамин К. Тоа е важно во антикоагулантниот третман за да не се зголеми ефектот на мартефарин, што резултира со несакано крварење“, вели докторот.
Покрај антибиотиците треба да се земаат и пробиотици за да се врати цревната флора на која антибиотиците негативно делуваат бидејќи заедно со лошите бактерии ги уништуваат и добрите.
„Антибиотиците го запираат размножувањето или ги уништуваат бактериите, лошите кои предизвикуваат болести, но и добрите кои се наоѓаат во цревата и кои ја сочинуваат микробиотата на нашето тело. Нивното намалување може да предизвика нарушена рамнотежа на цревната флора и доведуваат до дијареа и раст на други патогени како вируси и габи.Тука помагаат пробиотиците кои ја враќаат рамнотежата на цревната флора. Тоа се лакто и бифидо бактерии кои можеме да ги земеме во форма на млечни култури или таблети“, советува докторот.
Антибиотиците треба да се земаат со доволно течност (околу 2 дцл), а водата е најдобар избор. Антибиотиците треба да се земаат во одредено време бидејќи ефектот на една доза е временски ограничен и мора да има континуитет на концентрација на лекот во организмот за тој да биде ефикасен.
Антибиотиците се земаат само по препорака на лекар
„Прво и основно правило кога земате антибиотици е да не ги земате самоиницијативно, односно затоа што сте болни и ги имате дома во домашната аптека или некој ви ги дал и мислите дека ако тоа му помогнало на некого. , може да ви помогне и вам. Антибиотиците се земаат исклучиво по препорака на лекарот кој ве прегледал и поставил индикација за таков третман“, предупредуваат докторите.
„Често се случува вирусните инфекции на горниот респираторен систем да се лекуваат со антибиотици, кои не реагираат на антибиотици, а со тоа се развива отпорност на одредени антибиотици. Вирусните инфекции се лечат со ублажување на симптомите, а не со антибиотици и тие поминуваат сами“, додаваат тие.
Антибиотиците го менуваат составот и разновидноста на цревните микроби со месеци по нивното земање
Експертите сметаат дека антибиотиците не треба да се земаат освен ако се навистина неопходни. Во случај на бактериска инфекција ќе помогнат, но зад себе ќе остават многу последици. Тоа го потврдува и студијата на Универзитетот во Амстердам во која учествувале 66 здрави волонтери. Истражувачите им земале примероци од столицата и од плунката пред и веднаш по земањето антибиотици. Потоа земале примероци по еден месец, по два месеци, по четири и по 12 месеци. Испробале четири типа на антибиотици (клиндамицин, ципрофлоксацин, миноциклин и амоксицилин) и сите ја нарушиле различноста на микроорганизмите во цревата. Меѓутоа, ситуацијата со микробите во устата не била проблематична, тие брзо закрепнале. Во некои случаи за една недела. Тие заклучиле дека антибиотиците го менуваат составот и разновидноста на цревните микроби неколку месеци по нивното земање, а во некои случаи дури и една година (кај оние кои земале ципрофлоксацин). Ова може да го отвори патот за опасните патогени бактерии вклучувајќи го потенцијално смртоносниот Clostridium difficile. Промената во разновидноста на бактериите може да го наруши имунолошкиот систем и варењето. Откриле и дека клиндамицинот ги уништува микроорганизмите кои произведуваат бутират – масна киселина која го намалува ризикот од воспаленија и тумори и има заштитен ефект врз здравјето на дигестивниот систем, пренесува Food Matters.