Пациентите честопати размислуваат за воведување на модели на исхрана кои се екстремни по својот карактер. Еден од примерите е теоријата за изгладнување на туморот и минимален внес на калории исклучиво преку сокови од овошје и зеленчук.
За заболените од малигни болести исхраната е исклучително важна.
На телото му е потребно да обезбеди доволно енергија и други клучни нутриенти за да може да се бори против злокобната болест. Меѓутоа, самата болест му го отежнува на пациентот нормалното внесување на храна. Туморот, произведувајќи про-воспалителни молекули ја потиснува желбата за храна, а самата терапија предизвикува несакани ефекти поради кои пациентите дополнително избегнуваат храна.
Нема потреба исхраната да се менува од основа
Пациентите честопати размислуваат за воведување на модели на исхрана кои се екстремни по својот карактер. Еден од примерите е теоријата за изгладнување на туморот и минимален внес на калории исклучиво преку сокови од овошје и зеленчук. За жал, туморот на крајот ќе успее да го најде својот извор на енергија, но пациентот ќе остане ускратен. Имено, самата онколошка болест предизвикува губење на тежината. Туморот, покрај потиснување на апетитот, доведува до зголемена потрошувачка на енергија во организмот. Енергијата се троши, а пациентот доживува голема загуба на маснотии и мускулна маса.
Како да се храните пред почеток на терапијата?
Пациентите треба да обрнат внимание на исхраната веднаш по дијагностицирањето. Поради зголемените потреби за енергија и протеини, клучно е да се зголеми нивниот внес. Пациентите кои нема да изгубат значително од телесната и мускулната маса, подобро ќе ја поднесат терапијата и резултатот од третманот ќе биде подобар. Секое ненамерно губење на тежината кое е повеќе од 5% од вкупната маса го става пациентот во ризик од неисхранетост, без оглед на фактот што, на пример, пациентот имал прекумерна тежина во моментот на дијагностицирање.
Да се внимава на протеините
Менито на пациентите со карцином треба да биде богато со храна како што е црвено месо, пилешко, риба, јајца, грав, ореви, сирење, млеко и јогурт. Во деновите кога апетитот е слаб, пожелно е со главниот оброк да се земе орален ентерален препарат. Исто така, мудро е да се земаат орални ентерални препарати и за меѓуоброците, но тие не треба да се користат како замена за оброк, туку како додаток. Оралните ентерални препарати, покрај енергијата, ќе ги обезбедат и протеините потребни за изградба на мускули.
Како да се справите со несаканите ефекти од терапијата?
Сите форми на онколошка терапија носат несакани ефекти. Најпознатите несакани ефекти се гадење и повраќање поради хемотерапија, меѓутоа, може да се појават и симптоми како што се запек, намалено производство на плунка, рани во устата заради оштетено мукозно ткиво и многу други. Гадењето и повраќањето ќе се ублажат со помал сув оброк пред самата хемотерапија и се препорачува да се продолжи во текот на денот со внес на сува храна како што се крекери, соленки и тост. Избегнувајте мрсна и зачинета храна и силни мириси, а од течности се препорачува бистра супа, спортски напитоци и вода. Кај радиотерапијата се случуваат промени во вкусот, па дури и мали количини на зрачење предизвикуваат промени. Пациентите често ја опишуваат храната како горчлива и метална по вкус, а можни се и промени во преференциите. Значи, храната што порано не им била вкусна, може да стане пожелна, а се препорачува да се консумира ѓумбир, калинка и зачини како рузмарин, нане и оригано.
Додатоци во исхраната
Не постојат единствени препораки околу внесот на додатоци во исхраната кај карцином, сепак, главно правило е да се изберат оние додатоци во исхраната кои имаат клинички докази за ефикасност и кои нема да влегуваат во интеракција со онколошката терапија. На пациентите со карцином им се препорачува да земаат омега-3 масни киселини ЕПА во количина од приближно 2 g на ден. ЕПА има антиинфламаторно дејство и може да помогне да се намали губитокот на килограми карактеристично за карциномот, а може да се внесе преку специјални орални ентерални препарати. Исто така, еден од корисните додатоци во исхраната за време на онколошка терапија е витаминот Д.
Заклучок
За жал, нема да можеме да го излечиме ракот со помош на исхраната, а најдобрата стратегија е да се држиме до разновидна избалансирана исхрана и да го ограничиме внесот на додаден шеќер, кофеин, сол и алкохол, но исто така и на непроверени алтернативни препарати кои гарантираат лек и всушност можат да направат повеќе штета отколку добро.
Текстот е од ТУКА.