Дали за правење леб навистина ви треба цел божји ден?

280

Не знам кој ја направи таа фама дека е многу комплицирано да се прави леб и дека не може баш секој, ама ние сепак го тврдиме спротивното

Да, да, често сум слушaла како велат дека не е лесно да се замеси леб и дека ако немате цел ден на располагање, ич не треба да се фаќате за правење леб.

Освен оној леб од кисело тесто кој треба да се чека навистина многу долго, иако и тоа не значи дека треба цел ден да му баете, сите други лебови, особено во лето кога е времето топло па да не им треба долго за да нараснат, се прават релативно брзо. А за лесно, не знам нешто е полесно од ова.

Ако не сте жртва на таа фама дека баш мора да имате некои не знам какви способности и 50-годишно искуство за да замесите леб, тогаш треба само да се опуштите и да сфатите дека нема ништо тешко во правењето леб.

Дури и можете секогаш да си правите леб по свое, со она што го имате дома, наместо да се придржувате до мерки, грамови и милиграми.

Па дури и не ви треба толку многу квасец колку што пишува на повеќето рецепти со квасец, демек, цела коцка или 1 кесичка сув квасец за 1 кг брашно.

Како да не, пробајте со 1,5-2 мали лажички и ќе видите дека е сосема доволно.

Еве, иако немаме толку прецизни грамажи, овој рецепт содржи отприлика 1 кг брашно, повеќето е бело, но има барем 200 г пченкарно и 2 рамни лажички сув квасец, 3 лажици ладно сончогледово масло, 1 лажица мед, 1 лажиче сол и млака вода која ја додавате онака за да добиете нелепливо, ама меко тесто. Замесувате, формирате топче и го оставате 1-2 часа, колку веќе ви се брза или не. Може додека го чекате тестото да си правите што сакате, дури и да одите на кафе.

Кога ќе нарасне, поделете го на помали топчиња (ако сакате побргу да се испече) и формирајте мали лепчиња. Засечете ги малку, ако сакате премачкајте ги со вода или со масло за да се залепат семчињата што ќе ги додадете или пак не ставајте ништо, покријте ги и оставете ги барем уште половина час. Потоа вклучете ја рерната на 200 степени и ставете ги во загреана рерна да се печат околу 20 минути.

Секогаш можете да си ги направите навечер, пред спиење. Додека тестото стасува, ќе изгледате еден филм, додека се пече, ќе се спремите за спиење. Потоа покријте ги со крпа и немојте да почнувате да јадете во ниедно време. Ќе имате убав леб за појадок.

Ако не ги поросувате со семки, можете да ги премачкате со масло откако ќе се испечат, ама само доколку имате ладно цедено сончогледово или маслиново масло или пак путер. Така лепчињата ќе бидат и помеки и повкусни.

И не се плашете да испробате да направите леб и со други видови брашно. Важно е да се погоди соодносот на брашно и вода, а тоа наместо со мерење, најдобро ќе го оцените со допир. Меко и нелепливо. Или подобро малку лепливо отколку да биде тврдо. Пробајте и ќе видите дека е лесно и забавно.